Големиот британски SUV доби значително освежување, но најважната работа е новиот 4-цилиндерски турбодизел со зафатнина од 2 литри кој нуди 240 коњски сили и 500 Nm вртежен момент!
Иако четири-цилиндерски мотор не е она што сме навикнати да го очекуваме од големите модели на Range Rover, сепак новиот 2-литарски турбодизел не е за потценување. Новиот мотор испорачува одлични 240 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, доволно да го придвижат големиот Range Rover Sport до 100 километри на час за рамно 8 секунди, па сè до максимална брзина од 206 километри на час.
Новиот мотор од Ingenium фамилијата ќе ја носи ознаката SD4, а во понудата остануваат досегашните 4.4-литарски V8 турбодизел, како и 5-литарскиот V8 бензинец. За оние кои ја сакаат „златната средина“, тука е 3-литарскиот турбодизел V6. Изненадувачки, во понудата ќе се најде и компресорскиот 3-литарски V6 бензинец од гамата на Jaguar кој нуди 335 коњски сили и 450 Nm – и овозможува „стотка“ за 7.1 секунда и максимални 210 километри на час.
Како и големиот огромниот Range Rover, и Range Rover Sport добива грст нови безбедносни системи – тука е Low Traction Launch системот за полесно придвижување на лизгави подологи, како и напреден систем за влечење приколи, како и автоматско кочење во итни ситуации. Дополнително, купувачите ќе можат да добијат систем за препознавање на сообраќајни знаци, следење на сообраќајната лента на движење, а нов е и 10-инчниот inControl Touch Media Pro мултимедијален систем.
Освежениот Range Rover Sport ќе пристигне во салоните кон крајот на оваа година.