МЕГА-ГАЛЕРИЈА: BMW го реставрираше прекрасниот 507 на Елвис Присли! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

МЕГА-ГАЛЕРИЈА: BMW го реставрираше прекрасниот 507 на Елвис Присли!

Баварскиот производител реставрираше вистинска автомобилска икона – прекрасен примерок на BMW 507 кој своевремено му припаѓал на кралот на рок енд рол музиката – Елвис Присли!

Произведени се само 254 примероци од прекрасниот BMW 507, а овој примерок го купил Елвис Присли за време на неговото стационирање во Германија. Иако многу време не била точно-позната историјата на автомобилот, ниту пак дали и кога Елвис го однел примерокот од Германија во САД, по педесет години конечно е потврдена автентичноста на автомобилот.

Мистеријата околу прекрасниот BMW 507 на Елвис Присли е решена благодарение на новинарката Jackie Jouret од САД која дознала дека автомобилот прво бил сопственост на тркачот Hans Stuck. Таа дознала дека германскиот тркач освоил неколку ридски трки во Германија, Австрија и Швајцарија возејќи бело BMW 507 со број на шасијата 70079 и регистрација M-JX 800.

bmw-elvis-article2

Истиот тој примерок бил изложен на франкфуртскиот саем на автомобили во 1957 и бил користен и како возило наменето за медиумите. Во 1958-ма година, кога Stuck веќе не го користел за трки, возилото било продадено на дилер во Франкфурт каде добило нов мотор менувач. Елвис Присли, кој имал 23 години и бил војник стациониран во Германија, го пробал возилото кај тамошниот дилер и веднаш го купил. Возилото добило армиски таблички кои се менуваат секоја година, и затоа било толку тешко да се следи историјата на прекрасниот кабриолет.

bmw-elvis-article1

Интересна е причината зошто Елвис решил да го префарба својот BMW 507 од бела во црвена боја – обожувателките на кралот на рок музиката оставале пораки напишани со кармин, па едноставно му било полесно целиот автомобил да биде црвен. Не е познато зошто Елвис решил да го замени фабричкиот V8 со V8 од Chevrolet. Возилото завршило кај колекционерот Jack Castor, кој се сомневал дека автомобилот има интересна историја, но никогаш не можел со сигурност да потврди дека бил на Елвис.

Поврзано:  M3 CS Touring е ултимативниот караван на BMW

bmw-elvis-article3

Кога BMW Group Classic го подигна возилото за да направи целосна реставрација, автомобилот немал мотор ниту менувач. Дополнително, задната оска не била оригиналната, а корозијата започнала сериозно да го нагризува подот. Седиштата веќе биле истрошени, а добар дел инструментите едноставно исчезнале. Затоа многу од компонентите морале да бидат направени „од нула“, а некои делови (како што се рачките за спуштање и подигнување на прозорците и рачките на вратите) се изработени со 3D печатење. Инженерите од BMW дури успеале да најдат и стар 3.2-литарски V8, кој за жал не можел да добие број на моторот заради мешањето на стари и нови делови.

Прекрасен примерок со огромна историја и важност – и среќни сме што е реставриран и вратен кон старата слава!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.