Јужнокорејскиот производител најави дека ќе ја претстави следната генерација на својот систем на горивни ќелии во 2018 – и тоа за време на Зимските Олимписки Игри.
Според Ahn Byung-ki, човекот кој го води одделот за еколошки возила на Hyundai, технологијата ќе биде претставена во целосно ново возило, кое ќе биде „некаде помеѓу CUV и SUV.“ Технологијата на горивни ќелии е веќе добро-етаблирана кај Hyundai – Hyundai веќе нуди Tucson на горивни ќелии, а веќе имаат произведено и продадено скоро 1000 примероци од овој високотехнолошки погон.
Новата горивна ќелија ќе биде помала и ќе користи помалку платина во катализаторот, додаде тој. Батеријата ќе биде поголема, но електричниот мотор ќе биде покомпактен и полесен и истовремено ќе нуди повеќе сила. Понатаму, Byung-ki најави дека Зимските Олимписки Игри во Pyeongchang ќе бидат сцената каде ова возило ќе го има своето деби – „тоа е голем настан, а тоа секогаш е одлична можност за медиумска покриеност.“
Интересно е што Hyundai самостојно ја развива технологијата, а Yang Woong-chul, подпретседателот на Hyundai зборуваше за намалените придобивки од соработката со друга компанија. Според него, повеќето алијанси завршуваат со неуспех наместо успех, а според него тоа е поради тешкотиите обете страни да се чувствуваат еднакво мотивирани и посветени кон работата.
Планот на Hyundai групацијата е да промовира дури 28 нови еколошки-прифатливи возила до 2020-тата година. Овие возила би се понудиле во сите три брендови на групацијатa – Hyundai, KIA и луксузниот Genesis. Гамата ќе вклучува 10 класични хибриди, 8 плаг-ин хибриди, 8 електрични возила и две возила на горивни ќелии.