Ултра-редок примерок на Koenigsegg One:1 претрпе сериозна штета откако се судри и предизвика пожар во текот на тестирањето на познатиот Нирбургринг.
Шведскиот производител на хипербрзи автомобили неодамна потврди дека ќе се врати на “Зелениот пекол” кога ќе бидат отстранети брзинските ограничувања, во обид да постави нов брзински рекорд за сериски автомобили. Судирот се случил во текот на тестирање и прилагодување на возилото кон патеката, оставајќи го автомобилот уништен и неподвижен, одмарајќи се на тревна површина позади заштитната ограда.
Не беа познати многу детали околу несреќата, но трагите на лизгање покажуваат дека автомобилот бил во Adeneuer Forst секцијата од патеката, а сопирачките на возилото блокирале на влез во десен свиок. Се чини дека потоа автомобилот се удрил директно во заштитната ограда, по што ја прескокнал и застанал во тревата. Очигледно, судирот се случил при многу висока брзина и веднаш потоа, задниот дел од автомобилот се запалил, но огнот бил веднаш изгасен. Иако возилото било значително оштетено, возачот се извлекол без повреди.
По направените истражувања, од Koenigsegg изјавија дека до незгодата дошло поради неисправен ABS сензор. Според Koenigsegg на автомобилот му се блокирало едно тркало при брзина од 170 километри на час а ударот од незгодата се случил при брзина од 110 километри на час. Поради ударот со заштитната ограда, автомобилот летал вкупно 22 метри и слетал паралелно со оградата. Сите безбедносни системи се активирале како што е предвидено.
Примерокот на One:1 бил вториот од седумте произведени и беше преходно прикажан на Goodwood фестивалот на брзината во 2014. Се одликува со каросерија од карбон фибер со златни линии и е приватно регистриран во Германија. Во извештај по судирот, Koenigsegg изјавија на нивната интернет страница дека автмобилот ќе биде обновен. Ова е втор пат како модел на Koenigsegg се судри при тестирање на Нирбургринг, откако во крајот на 2014, еден прототип на Agera R исто така се удри во заштитната ограда.