Според одговорниот за проектот, Honda планира неколку различни верзии на новиот NSX, а во игра влегуваат кабриолет, но и лесна не-хибридна верзија која ќе ја носи Type-R ознаката!
Како што веќе знаеме, Honda (или Acura, како сакате) NSX е придвижувана од комбинација на твин-турбо V6 и три електромотори кои вкупно испорачуваат 580 коњски сили и 686 Nm вртежен момент, благодарение на кои супер-автомобилот на Honda забрзува до 100 километри на час за само 3 секунди и постигнува максимални 308 километри на час. Според Ted Klaus, човекот кој го водеше проектот, NSX е одлична можност за Honda да експериментира со нови технологии – „Ова е посебен автомобил, со нови технологии кои се во развој и во кои можеме да бидеме лидери, а попатно да дознаеме во која насока се движи брендот.“
Klaus потврди дека со влегувањето на NSX во Pikes Peak се најавува насоката во која сакаат да одат, но потври дека има желба за „полесна, почиста верзија.“ Тој додаде дека било кој Type R модел на Honda мора да биде најфокусираната верзија на конкретната платформа, и дека NSX е одлична основа за да се понудат почисти и побрзи верзии со различни погони.
Acura веќе претстави GT3 тркачка верзија од NSX кој го користи само V6 бензинецот за да ги придвижува задните тркала. Оваа верзија е идеалната платформа за Honda да развие нов NSX Type R!
Истовремено, Pikes Peak беше одличен тест за целосно-електричната верзија на NSX која би требало да се појави на пазарот во следните неколку години. Екстремните услови на Pikes Peak се екстремен начин да се тестираа верзијата која користи четири засебно-контролирани електромотори, односно новиот систем за векторирање на вртежниот момент, но и батериите и другите електрични системи.