ТЕСТ: Volkswagen Passat 2.0 TDI 150 Comfortline – Hypermiling со големиот германски седан – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen Passat 2.0 TDI 150 Comfortline – Hypermiling со големиот германски седан

Бидејќи веќе го познаваме германскиот седан, решивме да направиме нешто различно – и да видиме каква може да биде потрошувачката на Volkswagen Passat и неговиот 2-литарски TDI во реалниот свет!

Volkswagen Passat е еден од најпопуларните автомобили во својата класа на македонскиот пазар – и има зошто. Покрај репутацијата и реномето кое ги има, Passat нуди одличен комфор, задоволителна возна динамика, многу модерни играчки – и (барем според официјалните податоци) – исклучително ниска потрошувачка. Ние решивме да му посветиме внимание токму на тој дел – да дознаеме колку всушност може да троши новиот Passat во реални услови.

volkswagen-passat-hypermiling-rear1

2-литарскиот турбодизел испорачува 150 коњски сили и 340 Nm вртежен момент – доволно за „стотка“ за 8.7 секунди и 220 километри на час

Сепак, пред да зборуваме за тоа, малку да се задржиме на „основната“ варијанта на новиот Passat. Она што е пред нас е Volkswagen Passat во Comfortline ниво на опрема, а под поклопецот на моторот го крие 2-литарскиот TDI кој испорачува 150 коњски сили од 3500 до 4000 вртежи во минута и 340 Nm вртежен момент од 1750 до 3000 вртежи во минута. Во комбинација со шест-степен мануелен менувач, овој мотор го придвижува 1475-килограми тешкиот Passat до 100 километри на час за 8.7 секунди и му овозможува да постигне максимални 220 километри на час.

volkswagen-passat-hypermiling-interiorfront

Comfortline опремата значи помалку опрема од врвно-опремениот Passat 2.0 BiTDI Highline кој го возевме на крајот на 2015, но сепак најважните работи се тука – одличните ErgoComfort седишта, клима уред, сензори за паркирање, странични ретровизори со електронско нагодување и преклопување, електрика на сите прозорци, мултимедијален уред чувствителен на допир и уште многу, многу други ситници. Passat Comfortline доаѓа со 16-инчни фелни и соодветно „крофнести“ пневматици за да обезбеди максимален комфор по македонските патишта, без притоа да влијае премногу негативно на возната динамика.

Официјалните бројки ветуваат – Passat би требало да троши само 3.8 литри на 100 километри на отворено

Овојпат, тука сме да зборуваме за потрошувачката. Официјалните податоци ветуваат потрошувачка од 3.8 литри на 100 километри на отворен пат – тоа се големи ветувања од германскиот производител. Токму тие бројки сакавме да ги провериме – а за тоа ни беше потребна и соодветна рута кон некоја поегзотична дестинација. Седнавме, размисливме, малку се расправавме – и конечно се договоривме. Егзотичната дестинација кон која ќе ја тестираме потрошувачката на Passat 2.0 TDI е – Струга!

Поврзано:  Во салонот на Volkswagen пристигна новиот Taigo

map

Пред да започнеме, да објасниме зошто токму Струга. Струга (како која нема друга) е на околу 160 километри од Скопје. Од Скопје до Струга има комбинација од релативно брз автопат, регионални патишта, па сè до планински превои. Оваа комбинација е идеална за тестирање на вистинската потрошувачка на еден автомобил – бидејќи автомобилот ќе се најде во скоро сите можни ситуации и услови на возење – а со тоа и неговата потрошувачка ќе варира.

Секако, моравме да избереме и соодветен ден за возење. Решивме да тргнеме од Скопје кон Струга рано во петок наутро, а за враќање решивме да тргнеме во Сабота околу пладне – за да ги погодиме највисоките можни температури и добро да го напрегнеме клима уредот (за да ги замолкнеме оние кои неизбежно ќе коментираат дека „сме возеле без клима.“)

Пред да тргнеме моравме да ги поставиме и правилата за возење – а тие беа прилично едноставни – ќе се придржуваме до максималните ограничувања за возење по македонските патишта и ќе дозволиме максимално надминување на ограничувањата до 10%. Значи, ќе се возиме релативно брзо, безбедно и во максимален комфор, без притоа „да се влечкаме“ и да го кочиме текот на сообраќајот. Решивме дека нема да се откажеме од ниту едно модерно добро – па цело време додека се возевме слушавме музика, го користевме клима уредот, итн.

Тргнуваме кон Струга..

volkswagen-passat-hypermiling-sk-su-1

Во ред, време е да се возиме. Тргнавме од Скопје кон Струга и уживавме во ладниот утрински воздух. Бидејќи тргнавме порано наутро, мала разлика на температурата во кабината одржуваше клима уредот и се опуштивме во комфорот кој може Passat да го понуди. На отворен пат германскиот седан лесно влегува во својата комфор зона – во шестиот степен на пренос при 120 километри на час, 2-литарскиот TDI „врти“ на нешто под 2000 вртежи во минута и според борд-компјутерот троши околу 4 литри дизел гориво на 100 километри. Уште на самиот старт, ова се бројки кои ветуваат!

volkswagen-passat-hypermiling-sk-su-3

Автопатот завршува кај Гостивар, а тоа значи малку повнимателно (и нијанса поспоро) возење. Во ред – не е проблем! Најдовме добро темпо и решивме максимално да ги искористиме природните убавини кои ги нуди Стража – прекрасното зеленило и чистиот воздух. На ваквиот пат мораме малку да забележиме на суспензијата која е ориентирана кон комфор, па има малку понагласено навалување во свиоци – но тоа и не мора да биде критика. Суспензијата без приговори ги апсорбира нерамнините, а во кабината не се пренесуваат никакви вибрации.

Поврзано:  Volkswagen ја проширува SUV-понудата со Tayron, поставен меѓу Tiguan и Touareg

По превоите на Стража и Пресека, започнавме „да се симнуваме“ кон Струга.

volkswagen-passat-hypermiling-sk-su-4

Поминавме низ Кичево и се наближувавме кон нашата конечна дестинација. Вреди да се напомене дека по патот од Скопје кон Струга има повеќе искачување – и на крајот стигнавме во Струга со просечна потрошувачка од 3.9 литри дизел гориво на 100 километри, а поминавме 163 километри со просечна брзина од 67 километри на час.

Се враќаме кон Скопје, импресионирани од економичноста на турбодизелот

volkswagen-passat-hypermiling-front1

Следниот ден, како што и беше планирано, тргнавме од Струга кон Скопје некаде околу пладне. Борд-компјутерот во нашиот Passat ни кажа дека температурата е некаде над 35-тиот степен, па користењето на клима уредот ќе биде максимално. Истиот пат, само во обратен правец – и подготвени сме да тргнеме.

volkswagen-passat-hypermiling-su-sk-1

Не забележавме некаква разлика во перформансите во однос на тоа дали го користевме клима уредот или не – но и да бидеме искрени, во оваа ситуација не трагавме по перформанси туку по економичност. Истите правила кои важеа во едниот правец, важеа и во другиот. Се сместивме во комфорните седишта и се насочивме кон нашиот главен град.

На враќањето од Струга кон Скопје, со вклучен клима уред поставен на 25 степени и во помалку или повеќе истите услови на возење, на самиот крај измеривме просечна потрошувачка од само 3.3 литри дизел на 100 километри!

volkswagen-passat-hypermiling-su-sk-2

Измеривме просек во двата правци од само 3.6 литри на 100 километри!

На враќање ги поминавме истите 163 километри, но со просечна брзина од 65 километри на час. Ако го земеме во предвид возењето во двете насоки – доаѓаме до просечна потрошувачка од само 3.6 литри дизел гориво на 100 километри – и без притоа да се откажуваме од модерните благодети кои ги нудат современите автомобили! Секако, тука огромна улога игра и темпоматот кој овозможува лесно да се одржува едно исто темпо на возење, без притоа возачот да се измори.

Поврзано:  Светска премиера на новите Volkswagen Transporter и Caravelle

volkswagen-passat-hypermiling-front2

Во ред – можеби нашите методи не се најпрецизните во светот – но сепак пробавме да избереме ситуации каде ќе можеме да ја измериме потрошувачката на еден автомобил во реални услови, возејќи по неколку различни видови на патишта, на различни надморски височини и со различни степени на качување и симнување од планинските превои. Сето тоа резултира со сеопфатни резултати кои ветуваат – и кои индицираат дека Passat е подготвен да понуди навистина ниска потрошувачка – и сето тоа од 2-литарски турбодизел кој нуди 150 коњски сили и повеќе од задоволителни перформанси за голем семеен (и деловен) седан.

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри, 16 вентили
  • Моќност: 150 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 340 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 220 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.7 секунди
  • Должина: 4767 mm
  • Ширина: 1832 mm (без страничните ретровизори)
  • Висина: 1456 mm
  • Тежина: 1475 килограми
  • Меѓуоскино растојание: 2791 mm
  • Багажен простор: 586 литри
  • Потрошувачка: 3.8 литри на 100 километри (официјална); 3.6 литри на 100 км (измерена)
  • Цена на тестираниот модел: Volkswagen Passat 2.0 TDI 150 Comfortline – 31.202 евра
    Повеќе информации: Volkswagen.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.