Синиот Овал ја продолжува експанзијата на својот премиум под-бренд, а најновиот автомобил кој го доби Vignale третманот е токму популарната (и неодамна фејслифтирана) Kuga!
Ford ги продолжува своите премиум чекори и ја претстави новата Kuga Vignale. Луксузната верзија на Kuga им се придружува на веќе-постоечките Vignale модели – Mondeo, Edge и S-Max.
Kuga Vignale ќе ја препознаете по ексклузивната перла боја која се вика Milano Grigio, но и по деталите во сјајна црна боја и хексагоналната мрежа на маската на ладилникот. Истиот дизајн со хексагонални детали продолжува и во ентериерот каде седиштата се обвиени во кожа, а истиот тертман го добиваат и тапацирите на вратите и централната конзола. Секој примерок на Kuga Vignale ќе биде рачно-комплетиран во Vignale центарот во Шпанија, а автомобилот ќе добие и специјален третман и рачно полирање за финалниот продукт да биде идеален.
Купувачите ќе можат да ја добијат Kuga Vignale со четири различни погонски комбинации. Ќе можат да изберат меѓу 1.5-литарскиот EcoBoost со 150 коњски сили и мануелен менувач, или пак истиот 1.5-литарски EcoBoost но со 182 коњски сили и автоматски менувач, а доколку сакаат турбодизел ќе можат да го добијат 2-литарскиот TDCi со 150 или 180 коњски сили со мануелен или Powershift автоматски менувач, во комбинација со погон на сите четири тркала, секако.
„Нашата Kuga Vignale е директен одговор на растечкиот тренд за луксузни SUV модели, и го претставува најдоброто од Ford – премиум дизајн, материјали и мајсторство.“ – изјави Roleant de Waard, подпретседателот за Маркетинг, Продажба и Сервис на Ford Europe – „Гледаме огромен потенцијал да го зголемиме врвот на нашата гама на продукти и да понудиме специјално искуство кое ги исполнува растечките очекувања на нашите клиенти.“