ТЕСТ: Hyundai Elantra 1.6 Style – Тврдоглава компетентност! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Hyundai Elantra 1.6 Style – Тврдоглава компетентност!

Новата Elantra доаѓа во интересно време за корејскиот производител – Hyundai интензивно работи на обновување на целата гама, но и на влез во луксузниот сегмент, а токму компактниот седан е најава за она што следи!

Верувале или не, ова е шеста генерација на Elantra. Она што почна пред повеќе од четвртина век, преку пет генерации кулминира со најновата, шеста генерација која денес е пред нас. Амбициите на Hyundai како да не познаваат граници – од обичен, „цивилен“ производител Hyundai сака да го надмине стереотипот за „глобален играч“ и да вмеша прсти во многу различни сегменти. Со N дивизијата ќе започне да нуди вистински спортски автомобили, а со брендот Genesis ќе се обиде да им ги заплетка конците на несоборливите германци.

Hyundai има навистина големи амбиции!

hyundai-elantra-carclub-side

Ако Hyundai го започна остварувањето на ваквите амбиции минатата година со новиот Tucson, тогаш приказната ја продолжува оваа година со новата Elantra. Компактниот седан е меѓу најзначајните автомобили на Hyundai и инженерите и дизајнерите сериозно си ја сфатиле работата. Новата генерација ги зема сите позитивни страни кои ги носеше претходната, ги надградува и подобрува, но истовремено е посветено внимание на сите забелешки кои купувачите и новинарите ги имаа – зa Hyundai овој пат да понуди навистина комплетен и компетентен автомобил.

Компетентен. Тој збор ќе се повторува во нашава рецензија – токму заради тоа што новата Elantra е навистина комплетен автомобил. Секако, како и кај секој автомобил имаме по некоја ситна забелешка, но сепак..

Помодерен, затегнат и европеизиран дизајн

hyundai-elantra-carclub-frontlow

На самиот почеток, малку за дизајнот. Новата Elantra ги следи дизајнерските насоки на Hyundai па нуди привлечна комбинација од остри и меки линии. На предниот дел доминираат хексагоналната маска на ладилникот и широките, хоризонтални светлосни групи. Графиката на предните светла изгледа модерно, а од нив продолжува истакнатата карактерна линија која води директно кон задниот дел и истакнатиот заден „duck-tail“ спојлер – еден од нашите омилени детали. Како и на задниот, така и на предниот дел доминираат хоризонталните светлосни групи.

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

hyundai-elantra-carclub-rearlow

Комфорен и практичен ентериер со многу простор и дарежлив багажник

hyundai-elantra-carclub-interior2

Во внатрешноста продолжува приказната за компетентност. Ја отвораме широката возачка врата и се спуштаме во возачкото седиште. Седењето е изненадувачки ниско, а седиштата нудат надпросечна странична поддршка. Управувачот се нагодува по висина и по длабочина, па лесно се наоѓа комфорна возачка позиција. Прегледноста е задоволителна, освен кон задниот дел – но Elantra стандардно доаѓа со задни сензори за паркирање, па ова и не е толку проблематично. Површините во ентериерот воглавно се обвиени со квалитетни материјали, и иако тука и таму има по некои поцврсти пластики, сепак скоро сè што секојдневно ќе допирате оддава чувство на долготрајност и издржливост.

hyundai-elantra-carclub-interior1

Ги нема „заоблените“ линии од минатата генерација – овој пат е играно на европски минимализам, па инструментите се лесно прегледни и разбирливи, ергономијата е одлична и сите контроли се лесни за користење и веднаш ќе знаете да ги користите. Некои од прекинувачите би можеле да бидат со малку помодерен дизајн, a ќе забележиме и  дека само возачкиот прозорец има автоматско отворање и затворање, но тоа се ситни детали на кои нема многу да замериме. Од друга страна, има навистина многу места за одлагање ситници – како во вратите, така и во централната конзола и во централниот потпирач поставен меѓу двете предни седишта.

hyundai-elantra-carclub-rearseats

На предните седишта има навистина многу простор, а истата приказна важи и за задната клупа. Лесно ќе се сместат двајца патници кои ќе имаат место како за колената, така и за главите. „Во шкрипец“ ќе собере и тројца на задната клупа, но не би го препорачале тоа за подолго патување. За поздрав е централниот наслон со вградени држачи за чаши на задната клупа, а Elantra може да се пофали и со дарежлив багажен простор – на располагање стојат 458 литри достапни преку прилично голем отвор, па внесувањето багаж не би требало да претставува проблем.

Значително подобрена суспензија!

hyundai-elantra-carclub-driving

Онаму каде новата Elantra навистина отскокнува од минатата генерација е динамичноста и управливоста. Минатата генерација зад воланот нудеше чувство како во Cadillac од 80-тите години – имаше комфорна, но на моменти дури премека суспензија. Инженерите на Hyundai ги послушале критиките и новата Elantra е вистинско откровение! Суспензијата сè уште е ориентирана кон комфор – Elantra никогаш немала спортски претензии – но овој пат е значително поконтролирана и поцврста, без притоа да биде претврда.

Вперете го автомобилот во свиок и ќе бидете изненадени со колку самоконтрола Elantra го исполнува очекуваното. Суспензијата одлично си ја врши работата и ги впива и помалите и поголемите нерамнини, но истовремено нуди цврстина која е дел од равенката за комфор. Всушност – чувството зад воланот е некако.. Германско!

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

hyundai-elantra-carclub-ducktail

Лесно маневрирање низ град, комфорно на отворено, економичен бензинец

Маневрирањето низ град го олеснува супер-лесниот серво управувач кој можете да го вртите и со мал прст, а вистинско задоволство е да се користи прецизниот шест-степен мануелен менувач. 1.6-литарскиот MPI атмосферски бензинец не вреска со своите перформанси, но е сосема доволен за просечен семеен автомобил. Официјалните податоци зборуваат за забрзување до 100 километри на час за 10.1 секунда и максимални 200 километри на час. Максималната моќност од 128 коњски сили е достапна на високи 6300 вртежи во минута, додека максималните 157 Nm вртежен момент се достапни од 4850 вртежи во минута.

Во град измеривме потрошувачка која се движеше нешто над 8 литри на 100 километри – во рамките на прифатливото за автомобил со овие димензии и бензински мотор. На отворено потрошувачката е значително пониска, а Elantra изненадува со рафинираноста и тивката кабина, дури и на повисоки брзини.

Огромна листа на стандардна опрема

hyundai-elantra-carclub-details

На самиот крај, можеме да зборуваме малку и за опремата и безбедноста. Нашиот тестен автомобил дојде во повисокото ниво на опрема наречено Style, а вкучува светла за магла, LED дневни светла, алуминиумски фелни, предни и задни сензори за паркирање, управувач и менувач обложени со кожа, електрично нагодливи ретровизори со загревање, мултимедијален уред со можност  USB и Bluetooth поврзување, автоматски двозонски клима уред, деллива задна клупа и уште многу други ситници. Од безбедносната опрема ги истакнуваме четирите воздушни перничиња, воздушните завеси и целата гама на електронски помагала во форма на ABS + EBD, ESP и TCS.

Hyundai има вистински играч во својот тим!

hyundai-elantra-carclub-rearmid

Конечно, зошто сме толку убедени дека Elantra е толку компетентно возило? Затоа што не само што успеа да ги исполни очекувањата, туку и ги надмина. Доколку сакате комфорен, семеен автомобил кој истовремено ќе биде исклучително практичен, но и рафиниран и економичен, Elantra тука навистина има што да понуди. Квалитетот и гаранцијата нa Hyundai се одличен аргумент за Elantra, а кога на сето тоа ќе ги додадеме сите квалитети кои ги нуди, повеќе од јасно е дека корејскиот производител има силен играч во својот тим!

Видео!

  • Мотор: 1.6 литарски атмосферски бензински мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 128 коњски сили / 6300 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 157 Nm / 4850 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 200 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.1 секунди
  • Должина: 4570 mm
  • Ширина: 1800 mm
  • Висина: 1435 mm
  • Тежина: 1310 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2700 mm
  • Багажен простор: 458 литри
  • Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Hyundai Elantra 1.6 GLS Style – 15.550 Евра
Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: Hyundai Santa Fe 1.6T Hybrid AWD Calligraphy - Нова димензија.


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.