ТЕСТ: Renault Megane 1.2 TCe 100 Zen – Еден сличен, но поинаков Megane – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Renault Megane 1.2 TCe 100 Zen – Еден сличен, но поинаков Megane

Поминавме неколку дена со основната изведба на новиот Renault Megane – и без да знаеме што да очекуваме, останавме позитивно изненадени од новиот француски хечбек!

Megane секогаш бил несекојдневниот избор во класата. Првата генерација се појави во 1995-та година (зарем навистина поминаа повеќе од 20 години од дебито на Megane?) и во тогашната мешаница на здодевни хечбекови, иако не беше по сечиј вкус – Megane беше вистинско освежување. Еве нè денес, повеќе од 20 години и три генерации подоцна, се дружиме со новата, четврта генерација на сега веќе култниот француски хечбек со исклучително спортско педигре.

renault-megane-rearlow

Новиот Megane успешно и верно ја следи традицијата на моделот – изгледа несекојдневно и свежо од секој агол

Новиот Megane успешно ја следи традицијата на моделот – автомобилот изгледа несекојдневно и веднаш се издвојува од своите конкуренти. На некои нема да им се допаднат големите предни светлосни групи и „висечките“ дневни светла, но нам ни изгледаат одлично. Од предните светла „излегува“ карактерната линија која го обвива целиот автомобил и завршува со (барем според нас) исклучителните задни светла кои успеваат истовремено да повлечат некаква ретро нишка и да изгледаат максимално современо и модерно. Всушност, ако ние се прашуваме, задните светла се најуспешно изведен детал од дизајнот.

renault-megane-rearmid

Новата генерација е неколку сантиметри пониска, неколку сантиметри подолга и неколку сантиметри поширока од својот претходник, а сето тоа резултира со еден од најпросторните и најголемите автомобили во класата. Сè на сè, во нашите очи новиот Megane изгледа модерно, свежо и авантгардно – одличен успех на дизајнерите на Renault – покрај Megane директните конкуренти едноставно изгледаат – старо.

Одлично-профилирани седишта, комфорна и практична кабина

renault-megane-interior-front

Продолжуваме и ја отвораме возачката врата. Имајќи во предвид дека ова е основниот Megane, ентериерот изгледа повеќе од привлечно. Одличен прв впечаток оставаат седиштата кои се спортско-профилирани и нудат комфорно седење. Управувачот има спортско, зарамнето дно, а вреди да се истакне дека и управувачот и менувачот се обложени со кожа.

Поврзано:  Новиот Symbioz пристигна во салонот на Renault во Скопје

Инструментите се логично поставени и прегледни, а сите контроли се прилично лесни за разбирање и користење. Единствената забелешка што ја имаме е насочена кон централниот дисплеј на кој се прикажуваат и информациите од клима уредот – ваквите дисплеи се веќе прилично застарени и многу од конкурентите дури и во основното ниво на опрема нудат мултимедијален уред чувствителен на допир.

renault-megane-interior-rear

Од друга страна, немаме никаква забелешка на понудата на простор, ниту пак на севкупниот комфор во ентериерот. Квалитетот на материјалите дури и во најосновната варијанта е значително подобрен – скоро и да нема крути и непријатни на допир пластики. Особено ни се допаѓа што дизјанерите на Renault решиле да го заобиколат (популарниот) пијано-финиш кој всушност е само одличен магнет за прашина и отисоци од прсти.

Возачот и совозачот ќе имаат повеќе од доволно простор, а на задната клупа по потреба може да се сместат и тројца патници. Во кабината ќе најдете многу места за одлагање ситници и дребулии, а на располагање ќе имате 434 литри багажен простор – новиот Megane има меѓу поголемите багажници во класата.

renault-megane-interior-boot

Дополнително вреди да се истакне широкиот и правилен отвор на багажниот простор – нешто што ќе го направи внесувањето и на поголеми предмети полесно и поедноставно. Спуштете ги задните седишта и ќе добиете вкупно 1247 литри багажен простор.

1.2-литарскиот TCe нуди динамичност која бројките на хартија не можат доволно да ја опишат

renault-megane-front

Нашиот тестен автомобил дојде опремен со 1.2-литарски TCe турбо-бензинец кој од своите четири цилиндри испорачува рамно 100 коњски сили  и 175 Nm вртежен момент. Ова се должи на турбо-полнењето и директното вбризгување и резултира со забрзување до 100 километри на час за 12.3 секунди и максимална брзина од 179 километри на час.

Она што овие бројки не можат толку лесно да го пренесат е чувството на агилност кое го нудат овие 100 коњски сили – и покрај скромните перформанси на хартија, зад воланот во ниту еден момент нема да се почувствувате дека недостасува моќност бидејќи вртежниот момент е достапен од само 1500 вртежи во минута, а добро одмерените односи на степените на пренос го прават забрзувањето линеарно – се гледа дека некои од лекциите научени кај Megane RS стигнале и до „цивилните“ верзии.

Поврзано:  КОНЦЕПТ: Renault Embleme е технолошки шоукејс на хибриден водороден погон

Официјалните податоци зборуваат за потрошувачка од 7 литри бензин на 100 километри, но ние измеривме потрошувачка која беше нешто над 9 литри во градски услови – повторно, во рамките на прифатливото со оглед на големината на возилото и класата во која припаѓа.

Цврстата суспензија ветува спортски дух

renault-megane-interior-drive

Кога веќе зборувавме за динамичноста – оние кои сакаат подинамично возење нема да бидат разочарани. Да, серво-управувачот е електричен и не нуди многу повратни информации од подолгата, но затоа управувањето е директно и прецизно, а Megane со несекојдневен ентузијазам ја менува насоката на движење. Иако автомобилот е голем, се однесува максимално неутрално и воопшто го нема она чувство на инертност кое знае да биде лесно-забележливо кај потешките автомобили. Суспензијата е цврста, но не е претврда и дури и на 16-инчните пневматици со прилично висок профил не забележавме пренагласено навалување во свиоци.

Суспензијата успешно ги впива и поголемите и помалите нерамнини од нашите улици без да почувствувате дека ќе ви го „прераспореди“ рбетниот столб. Зборувавме за лекциите научени од Megane RS? Очигледно, лекциите се добро научени! На отворен пат бевме изненадени од рафинираноста во кабината – дури и на повисоки брзини во кабината е тивко и лесно можевме да разговараме со сопатниците.

И за основен модел, Megane Zen нуди многу опрема и одлична безбедност

renault-megane-frontmid

Како што веќе напоменавме, нашиот тестен Megane дојде во основното ниво на опрема кое Renault го нарекува Zen. Во стандарданта опрема се вбројуваат ESP, ASR и ABS системите за безбедност, како и систем за тргнување на нагорнина, имобилизатор, грст воздушни перничиња, систем за надзор на притисокот во пневматиците, мануелен клима уред, централно заклучување со далечинско, LED дневни светла, светла за магла, деллива задна клупа, електрично подигнување на сите прозорци, индикатор за степен на пренос, електрично-нагодливи ретровизори, радио со Bluetooth поврзување и уште многу ситници. Дополнително, тестниот модел имаше и 16-инчни алуминиумски фелни, затемнети странични и задно стакло, систем за следење на коловозната лента и металик боја – додатоци кои само ја комплетираат сликата за автомобилот.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Легендата се враќа, Renault го претстави 4 E-Tech

renault-megane-euroncap

За безбедноста одлично говорат и резултатите на EuroNCAP тестирањата каде Megane освои максимални 5 звездички за време на тестирањата.

Иако турбо-бензинецот нема да биде најпродаваната изведба, сепак Megane ги исполнува ветувањата и се наметнува како зрел играч во класата

renault-megane-reartop

Нашето запознавање со новиот Megane беше кратко, но веќе ни е најавено дека ќе имаме можност да го запознаеме Megane и во поинтересно светло. Сепак, првите впечатоци кои новиот француски хечбек ги остава се повеќе од позитивни – привлечниот дизајн изгледа одлично од скоро секој агол и ги привлекува погледните на минувачите, а рафинираниот бензински мотор се покажа како одличен партнер, иако најпродаван во Македонија ќе биде дизелскиот мотор. Renault има вистински автомобил во вистинско време – а ние се радуваме на моментите кои во иднина ќе ги поминеме со него!

  • Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
  • Моќност: 100 коњски сили / 4500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 175 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 189 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.3 секунди
  • Должина: 4359 mm
  • Ширина: 2058 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1447 mm
  • Тежина: 1205 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2699 mm
  • Багажен простор: 434 литри
  • Потрошувачка: 9.5 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Renault Megane 1.2 TCe 100 Zen  – 19.250 Евра
    Повеќе информации: Renault.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.