Во рамките на BMW Generation X роуд-шоуто кое се случува деновиве во Македонија, имавме можност подобро да го запознаеме X-моделите на баварскиот производител.
Баварскиот производител ги сфаќа своите X-модели сериозно, и токму заради тоа организира редовни презентации за оваа гама, каде автомобилските новинари, но и постоечките и потенцијалните купувачи имаат можност вистински да ги запознаат можностите кои ги нудат овие возила.
BMW xDrive е погон кој нуди одличен трансфер на моќноста кон тркалата во реалнов време, истовремено подобрувајќи ја агилноста и безбедноста на возилото. Дистрибуцијата на моќноста меѓу предните и задните тркала во сооднос од 40:60 се прилагодува кога движењето на возилото или условите на патот ќе се променат. Системот автоматски го дистрибуира вртежниот момент онаму каде е најпотребен, па патниците секогаш патуваат во идеални услови – без разлика дали е тоа на асфалт, или пак надвор од него.
Овие придобивки од xDrive се и главната причина за светскиот успех на Х моделите на BMW. Дополнително, нивниот проактивен систем, нивната потрошувачка, разновидност и просторност ги прави идеални за македонскиот пазар.
Нашето возење започна зад воланот на новиот X6M. Големиот мамут закој е заврзана ракета нуди 575 коњски сили и 750 Nm вртежен момент благодарение на 4.4-литарскиот твин-турбо V8. Забрзувањето до 100 километри трае само 4.2 секунди – и верувајте, лесно е да се почувствува тоа. Перформансите се импресивни а звукот моќен – и иако не сме фанови на големи SUV автомобили, мораме да признаеме дека X6M изнуди огромни насмевки на нашите лица. Имавме можност да го возиме низ град и на автопат, и тој едноставно доминира со својата големина и моќ.
Веднаш после тоа се префрливме во X4M – помалиот брат на огромниот X6M. X4M е забележително покомпактен, и иако има помалку моќност на располагање, лесно се соочува со свиоците но и брзинските тестови. Кога дојде ред да го напуштиме асфалтот и да се увериме самите во можностите на овој автомобил, останавме изненадени и импресионирани од теренските можности на xDrive моделите на BMW.
Возејќи кон Галичник и тамошните бачила, од прво лице имавме можност самите да ги препознаеме теренските способности на моделите кои ни беа на располагање. Ниту карпестиот терен, ниту мократа трева и калливите патишта не беа особен предизвик за нашите баварски пријатели – едноставно, верувајте во нивните способности и ќе стигнете онаму каде сте намериле!
Изненадувачки, и покрај летните гуми со релативно низок профил, сите автомобили – дури и спортски-настроениот X6M – немаа проблем да ги совладаат ниту каменестите патишта, ниту пак длабоката и мека кал на која наидовме. Импресивно, со оглед на тоа дека обично се препорачуваат теренски гуми со соодветен профил за совладување на вакви предизвици.
На самиот крај, нè пречека видик од кој застанува здивот – во далечината се гледаше мавровското езеро, а ние бевме среќни знаејќи дека и на враќањето назад кон цивилизацијата ќе се возиме во максимален комфор и нема да се сомневаме ниту за миг во можностите на X-возилата на BMW. Всушност – фотографиите и видеото зборуваат многу повеќе – погледнете и уживајте!