ТЕСТ: Mini Cooper 5-Door Pepper – Не-баш-мини MINI! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mini Cooper 5-Door Pepper – Не-баш-мини MINI!

Со задоволство ја прифативме понудата и можноста да поминеме неколку дена со новиот MINI Cooper со 5 врати – малиот британски хечбек носи 3-цилиндерски турбо-бензинец со 136 коњски сили и ветува многу забава зад воланот!

Кога BMW ја започна MINI-револуцијата пред неколку години, не можевме да замислиме до каде германскиот производител ќе го издигне легендарниот британски бренд. Првото „ново“ Мини одлично играше на ретро картата, но истовремено понуди модерна интерпретација на класичните принципи на визиијата на Алек Исигонис. Дали повеќе од 50 години по првото Mini, и околу 10-тина години по MINI-револуцијата на BMW, новата, трета генерација на новото Mini, сè уште важи истата приказна?

Мораме да признаеме дека сме огромни фанови на малиот хечбек со германска крв и британски гени!

mini-cooper-5door-carclub-frontside2

Иако ова е прв пат MINI да се појави на нашите страници, ова не е наш прв контакт со MINI. Мораме да признаеме дека сме огромни фанови на малиот хечбек со германска крв и британски гени. Пропорциите, компактните димензии и забавата зад воланот секогаш ни биле екстремно привлечни, па со задоволство го возевме и новиот автомобил.

Дизајнот на третата генерација на новото Mini оди чекор понатаму и дури малку екстремно ги нагласува најважните карактерни елементи на малиот автомобил. Предимензионираните предни светлосни групи и големиот отвор за воздух нема да бидат по сечиј вкус, но неизбежно ќе го задржат вашето внимание, а и на сите минувачи околу вас.

mini-cooper-5door-carclub-siderear

Гледано од страна, се забележува дека новиот MINI е пораснат, нешто што е уште поочигледно кога ќе ја земеме изведбата која денес ја возиме – онаа со пет врати. На задниот дел се истакнуваат големите светлосни групи, а нам ни се допадна и дискретниот завршеток на издувниот систем кој одлично ја комплетира сликата. Идеално, ние би сакале број-два поголеми тркала и можеби малку пониска суспензија – но за таквите како нас, тука е Cooper S. Сè на сè, дизајнот е неизбежно MINI, и од било кој агол ќе препознаете за кој автомобил се работи.

Поврзано:  Mini претстави бензинска верзија на спортскиот John Cooper Works

mini-cooper-5door-carclub-rear

Одлична позиција за возење – седиме ниско до подлогата

mini-cooper-5door-carclub-interior3

Инженерите и дизајнерите на MINI ги послушаа желбите на купувачите, па посветија сериозно внимание на ентериерот на најновата генерација. Да бидеме искрени, не е дека на минатата генерација нешто и недостасуваше, но во новиот автомобил веднаш се забележува дека квалитетот на материјалите и завршната обработка се отидени барем едно скалило нагоре.

mini-cooper-5door-carclub-interior2

Спуштете се во возачкото седиште и ќе забележите дека седите ниско. Спортски ниско. Управувачот е веднаш пред вас, а аголот на ниското ветробранско стакло ви дава чувство како да сте во вистински тркачки автомобил. Во ентериерот доминира големиот централен дисплеј преку кој се пренесуваат информациите од мултимедијалниот и клима-уредот, а пред возачот се поставени мерачот на вртежи и индикаторот за брзина.

mini-cooper-5door-carclub-interior1

Ергономијата е одлична и лесно ќе ги препознаете и најдете сите контроли. Единствено мала забелешка најдовме на iDrive уредот кој на почетокот ни беше малку нејасен за користење но по само неколку часа се навикнавме на него и на функционалностите кои ги нуди.
Ајде сега да зборуваме малку и за тој, вториот ред врати и задните седишта. Според луѓето од MINI, верзијата со пет врати е наменета за оние на кои обичниот MINI им нуди премалку простор и недоволно практичност, па затоа на пазарот ја понудија оваа верзија. Прашањето кое сега се поставува е – дали навистина со уште еден ред врати се зголемува практичноста?

mini-cooper-5door-carclub-interior4

Едноставниот одговор е – да. Малку помалку едноставниот одговор – е дека не е баш толку едноставно. Да, благодарение на задните врати се олеснува пристапот кон задните седишта, и благодарние на малку зголеменото меѓуоскино растојание (целиот автомобил е подолг вкупно 16 сантиметри, меѓуоскиното растојание за 7.2 сантиметри) има забележливо повеќе простор на задната клупа во однос на стандардниот модел (7 сантиметри повеќе) – но немојте да очекувате простор како во Серијата 5 на BMW. Задните врати се помали од очекуваното, па иако практичноста и просторноста се значително подобрени во однос на стандарниот модел – сепак ова е MINI. За поздрав е поголемиот багажен простор во однос на помалиот брат – сега има цели 50 литри повеќе, односно вкупно 278 литри багажен простор на располагање.

Време е да возиме, а чувството е како во картинг-возило

mini-cooper-5door-carclub-frontside

Во ред, време е да возиме. Го стартуваме MINI и малиот 3-цилиндерски мотор се буди. Моторот кој се вградува во MINI Cooper е целосно нов – има зафатнина од 1.5 литри, три цилиндри и соработува со турбополнач за да испорача 136 коњски сили при 4400 вртежи во минута и одлични 220 Nm вртежен момент достапни од само 1250 вртежи во минута. Според официјалните податоци, забрзувањето до 100 километри на час трае 8.1 секунда а максималната брзина е 207 километри на час. Во градски услови измеривме потрошувачка која не надмина 10 литри на 100 километри, односно некаде околу 9.5 литри на 100 изминати километри.

Поврзано:  ТЕСТ: MINI Countryman D - Не-баш-мини Mini!

mini-cooper-5door-carclub-side

Првите впечатоци од малиот мотор се одлични – на секое притискање на педалата за гас реагира со огромна доза ентузијазам и навистина е тешко да забележите дека има само три цилиндри. Всушност, испораката на сила е толку линеарна што на прв контакт воопшто не работи како мотор со турбополнач – воопшто нема турбо-дупка и целосно е елиминиран турбо-ударот кој е забележлив кај некои мотори со турбополнач. Благодарение на ваквата испорака на моќност и рамномерноста на работењето, возењето е вистинско уживање. Менувачот е прецизен и со краток од, и во ниту еден момент нема да ве изневери – плус, мануелниот менувач совршено му одговара на карактерот на MINI.

mini-cooper-5door-carclub-side2

Со задоволство можеме да рапортираме дека ниту грам од динамичноста и управливоста на MINI не е изгубена со додавање на уште еден пар врати. Автомобилот нуди три режими на работа – Eco, Normal и Sport – еколошкиот режим е наменет за поекономично возење, Normal за секојдневно, а забавниот Sport режим нуди чувство како да сте во мало картинг-возило – толку подготвено MINI ја менува насоката на движење. Подуправување е мисловна именка – само насочете го автомобилот кон свиокот кој сакате да го совладате и како на шини, MINI ќе го совлада свиокот и ќе ве изненади со својата агилност. Да, суспензијата е цврста, но не е некомфорна, а тоа е цена која ние сме подготвени да ја платиме за да ја добиеме оваа забава зад управувачот.

Нашето време поминато со MINI Cooper беше кратко, но слатко – и се наметнува заклучокот дека нема ништо друго како MINI!

Нашиот тестен модел дојде со цела листа на стандардна и дополнителна опрема. Бидејќи се работи за премиум автомобил, навистина нема потреба да ја наведуваме целата, но ќе ги истакнеме ксенонските светла, алуминиумските фелни, клима уредот, спортските седишта кои нудат одлична потпора во свиоци, мултимедијалниот уред и целата лепеза на други ситници кои го прават MINI многу повеќе од едноставен моден додаток.

Поврзано:  Mini претстави бензинска верзија на спортскиот John Cooper Works

Нашето време со MINI 5-Door заврши – и навистина ни беше жал кога моравме да го вратиме. Едноставно, малиот автомобил ни прирасна за срце – неговиот карактер и ретро-шарм се полн погодок на кој е тешко да се одолее. Дополнителните врати го прават попрактичен и полесно-оправдлив за секојдневно живеење, без притоа да се жртвува динамичноста и забавата. Лесно е да се разбере зошто MINI има толку култен статус и толку многу верни следачи – бидејќи едноставно – нема ништо друго како MINI!

mini-cooper-5door-carclub-siderear3

  • Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
  • Моќност: 136 коњски сили / 4400 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 220 Nm / 1250 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 207 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.1 секунди
  • Должина: 3982 mm
  • Ширина: 1727 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1230 mm
  • Тежина: 1220  kg
  • Меѓуоскино растојание: 2567 mm
  • Багажен простор: 278 литри
  • Потрошувачка: 9.5 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: MINI Cooper Pepper 5-Door  – 31.420 Евра
    Повеќе информации: MINI.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.