Германскиот бренд продолжува со плановите да ја прошири гамата на SUV и кросовер возила па во Пекинг го претстави концептот T-Prime GTE.
T-Prime Concept GTE навестува голем SUV кој ќе биде поставен едно скалило над Touareg. Базиран е на MLB платформата од групацијата Volkswagen, со надолжно поставени погонски единици и трансмисии. Се протега во должина од 5070 mm, што значи дека е 10 mm подолг од првата генерација на Phaeton и значителни 171 mm подолг од актуелниот Touareg. Во концептно издание има две одделни задни седишта и нуди ширина од 1999 mm и височина од 1707 mm.
Во кабината се отстранети поголемиот дел од стандардните прекинувачи и со исклучок на командите на воланот, сите останати контроли се извршуваат преку површини чувствителни на допир со бело позадинско осветлување. Производителот посебно нагласува дека големиот дигитален дисплеј кој се протега пред возачот и на централната конзола ќе најде примена и во сериските модели на Volkswagen почнувајќи од 2017.
Погонот е еколошки осмислен, па така T-Prime GTE располага со хибридна конфигурација со 375 кс и 699 Nm вртежен момент. Тука се вклучени електричен мотор од 134 кс и 349 Nm монтиран во 8-степената трансмисија, 2.0-литарски турбо-бензински агрегат со 248 и 370 Nm и батерија, која може да се полни надворешно или во текот на возењето. Исто така е опремен со постојан погон на сите тркала кој ја пренасочува силата кон предните и задните тркала преку диференцијал со ограничено пролизгување.
T-Prime Concept GTE нуди три режими на возење: целосно електричен E-Mode, Hybrid и GTE, од кои последниот нуди најмногу сила од електричниот и TSI моторите, овозможувајќи забрзување од 0-100 км/ч за 6.0 секунди и максимална брзина од 224 км/ч.
Во хибриден режим на возење, моделот може да се пофали со економија на возење од 2.7 литри на 100 километри, додека кога ќе се испразни батеријата со висок капацитет, T-Prime GTE забележува комбинирана потрошувачка од 8.1 литар гориво на 100 километри. Литиум-јонската батерија може да се полни од целосно празна состојба до полна за осум часа преку стандарден 220-волтен приклучок, или за два часа и 30 минути преку јавна станица за полнење со сила од 7.2 kW.
Сериската изведба од T-Prime Concept GTE ќе биде знаменосецот на проширената и обновена палета на SUV и кросовер возила на Volkswagen, а првиот нов модел кој ќе излезе на пазарот оваа пролет ќе биде втората генерација на Tiguan. Потоа ќе следат наследникот на Touareg, и два целосно нови SUV модели, еден базиран на Golf и еден инспириран од T-Roc концептот, како и помал модел базиран на Polo.