БРЗ ТЕСТ: Opel Mokka 1.7 CDTI Enjoy – Еден поинаков Opel – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

БРЗ ТЕСТ: Opel Mokka 1.7 CDTI Enjoy – Еден поинаков Opel

Со Mokka, Opel навлезе во сегмент во кој порано не бил инволвиран – и она што го понуди е навистина интересно! Поминавме малку време со Opel Mokka со турбодизел мотор и автоматски менувач!

Нашето време со Mokka беше ограничено, па моравме да бидеме ефикасни и експедитивни. Сепак, имавме доволно време да запознаеме барем дел од карактерот на Mokka и да ги дознаеме нејзините квалитети.

opel-mokka-side

Првиот контакт со Mokka е позитивен – малиот урбан кросовер на Opel изгледа привлечно од скоро секој агол. На предниот дел ќе ве пречека добро-познатиот корпоративен дизајн од Риселхајм, но овој пат пропорциите се навистина идеално погодени и скоро и да нема линија која не е онаму каде припаѓа. „Бумбарестиот“ дизајн продолжува околу целиот автомобил во една кохезивна целина, а сликата за робустен и подготвен кросовер ја комплетираат големите алуминиумски фелни. Ова е модел пред фејслифтот, и Opel веќе ја „затегна“ Mokka, но разликите не се преголеми – и ова што го гледате тука е навистина блиску до она што ќе го добиете и кај освежениот модел.

opel-mokka-siderear

Ентериер кој ни е веќе добро познат

Ја отвораме вратата и во ентериерот нè пречекува дизајн кој ни е веќе добро познат. Дизајнерите на Opel очигледно позајмиле делови од другите модели на брендот, но тоа воопшто не е критика. Познавачите на Opel ќе ја препознаат централната конзола од минатата генерација Astra, од каде потекнуваат и управувачот и инструментите.

opel-mokka-interior3

Овие компоненти се познати по својата долготрајност, па нема да замериме на „позајмувањето“. Она што не ни се допаша (и не ни се допаѓаше ни кај минатата Astra) се премногуте прекинувачи на централната конзола. Сепак, без разлика на тоа, ергономијата е задоволителна – возачката позиција е одлична и најважните контроли се лесни за препознавање и користење.

Поврзано:  ТЕСТ: Opel Corsa 1.2 Hybrid eDCT6 Edition - Надградена и помодерна Corsa

opel-mokka-interior4

Во однос на директните конкуренти, Mokka малку заостанува кога станува збор за просторната понуда. Простор за главите има повеќе од доволно, и на возачот и совозачот нема да им недостасува простор – но на задната клупа Mokka малку каска зад конкурентите. За двајца ќе има доволно простор, како за главите, така и за нозете, но за тројца патници веќе ќе биде тесно. На возачот и патниците им стојат на располагање 360 литри багажен простор, кои нараснуваат на 1372 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.

opel-mokka-boot

Места за одлагање ситници има многу, па нема да имате проблем со тоа каде да го оставите мобилниот телефон, или пак други ситници кои некако секогаш го наоѓаат својот пат до нашиот автомобил.

Економичен турбодизел и автоматски менувач – одлична комбинација!

Нашиот тестен автомобил дојде опремен со 1.7-литарски CDTI турбодизел кој испорачува 130 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. Според официјалните податоци, на Mokka опремена со овој мотор и се потребни 10.9 секунди да постигне 100 километри на час, и ќе продолжи да забрзува сè до максималните 190 километри на час – бројки кои се сосем респектабилни со оглед на моторот и сегментот во кој припаѓа германскиот кросовер.

opel-mokka-interior2

Официјалните податоци зборуваат за потрошувачка од 6.4 литри дизел на 100 километри – ние измеривме малку под 8 литри – сосема респектабилни резултати со оглед на габаритот, автоматскиот менувач и погонот на сите четири тркала.

Самоуверено зад воланот, опуштено и на подолг пат

opel-mokka-front

Кога веќе зборуваме за менувачот и погонот, да зборуваме малку и за искуството зад воланот. Mokka се однесува токму онака како и очекувате – управувањето е релативно директно, но (како и кај скоро сите вакви автомобили) без никакви повратни информации од подлогата. Комфорот е одличен, а истовремено Mokka успева да се одбрани од непотребното и пренагласено навалување во свиоци.

Поврзано:  Opel ја освежи Mokka - добива нов знак, нови светла, нови бои и освежен ентериер

Суспензијата верно ги впива нерамнините и покрај големите алуминиумски фелни, а звучната изолација е во рамките на прифатливото дури и при повисоки брзини на отворен пат – но сепак имајте предвид во која категорија спаѓа Mokka. Автоматскиот менувач одлично си ја врши работата и го прави возењето лесно и опуштено – и одлично му прилега на карактерот на автомобилот.

Mokka е подготвена за теренските предизвици кои ќе ги добие

opel-mokka-frontside

Напуштете го асфалтот и ќе можете да бидете сигурни дека Mokka без приговор ќе ги прифати оние предизвици кои се очекуваат од неа. Во ред, ова не е груба теренска машина, но погонот на сите четири тркала без проблем ќе ги совлада кратките излети до вашата викендичка или пак до омиленото место за пикник. Во комбинација со автоматскиот менувач, возењето надвор од асфалтот е лесно и не претставува скоро никаков предизвик.

Малата Mokka се покажа како интересен сопатник за време на краткото дружење. Впечатливиот дизајн, економичниот мотор и богатата опрема се привлечна комбинација за оние кои сакаат ваков автомобил – а со неодамнешниот фејслифт Opel посвети внимание на сите мали забелешки кои сопствениците ги имаа – па Mokka е уште покомплетен урбан кросовер. Како и кај секој автомобил, приметивме мали недостатоци, но тие не се доволни да ја уништат сликата за привлечен и современ кросовер кој Mokka успешно ја изгради!

  • Мотор: 1.7-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 130 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 300 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 6 брзини
  • Максимална брзина: 190 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.0 секунди
  • Должина: 4728 mm
  • Ширина: 1777 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1654 mm
  • Тежина: 1350 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2555 mm
  • Багажен простор: 360 литри
  • Потрошувачка: 7.8 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Opel Mokka 1.7 CDTi Enjoy – 20.840 Евра
    Повеќе информации: Olympia Motors
Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Opel Grandland Electric и Hybrid - Прв контакт со новиот знаменосец на SUV-гамата на Opel.

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.