Холандија сака целосно да ја забрани продажбата на не-електрични возила од 2025 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Холандија сака целосно да ја забрани продажбата на не-електрични возила од 2025

Според најавите на некои политичари и активисти од Холандија, во оваа земја би можела да се забрани продажбата на класични бензински и дизел возила од 2025-тата година!

Новиот закон нема да го забрани возењето на овие возила, но ќе ја забрани продажбата на нови возила со класични бензински или дизел мотори. На сопствениците на класичните возила со мотори со внатрешно согорување ќе им биде дозволено да продолжат да ги возат, но нови возила кои би се продавале на пазарот ќе бидат исклучиво електрични.

Иако сега за сега не е прецизирано дали предлогот ќе биде изгласан, ентузијастите за електрични возила го гледаат ова како значителен напредок. Со овој закон не само што ќе се влијае на холандските возачи, туку ќе се мотивираат и производителите на автомобили да произведуваат повеќе електрични возила и тие ќе станат дел од мејнстрим културата.

„Една од најголемите работи кои ги спречуваат луѓето да купат електрично возило е неинформираноста – луѓето едноставно не знаат за нив.“ – изјави Joel Levin, претседателот на Plug In America.

Сепак, и покрај амбициозните планови на Холандија, во земјата сè уште само 5% од вкупната потрошена енергија доаѓа од обновливи извори – 41% доаѓаат од природен гас а 42% од нафтени производи. Како резултат на тоа, Холандија, но и неколку холандски компании најавија амбициозни проекти. Компаниите Eneco и VIVENS најавија флота на возови кои ќе се напојуваат од струја добиена од ветерици. Дополнително, Холандија е првата земја која има соларен пат – односно, велосипедска патека изработена од соларни панели која генерира доволно електрична енергија да се напојува еден дом една цела година.

Секако, сега за сега ова е само иницијатива, но интересно е да се види дека некои земји сериозно размислуваат во насока на целосна електрификација на возилата!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.