ТЕСТ: Fiat Tipo 1.6 MultiJet POP Opening Edition – Функционалноста и достапноста пред сè! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Fiat Tipo 1.6 MultiJet POP Opening Edition – Функционалноста и достапноста пред сè!

FIAT враќа многу важно име од историјата – име кое на многумина многу им значи, па новото Tipo доаѓа во вистинско време за италијанскиот бренд. Дали ги оправдува очекувањата?

Се сеќавате на Fiat Tipo? Хечбекот од 80-тите и 90-тите години беше навистина популарен во нашите краишта, а здравите примероци од италијанскиот автомобил сè уште се тркалаат по нашите улици. Луѓето од Fiat решија да бидат храбри и да го воскреснат името – но за тоа да биде оправдано, мораше автомобилот кој ќе го носи тоа име, навистина да го заслужи.

Она што го гледате е класичен седан, но дизајнерите на Fiat одлично си ја завршиле работата

fiat-tipo-carclub-side

Она што го гледате пред вас е класичен седан – но мораме да признаеме дека дизајнерите на Fiat одлично си ја завршиле работата. Онаму каде претходникот беше малку преконвенционален, дури и малку здодевен, Tipo изгледа модерно и авантгардно. Онаму кафе конкурентите имаат преедноставни линии и преконзервативен дизајн, Tipo нуди покомплексни форми кои делуваат како да припаѓаат класа повисоко на скалилото.

fiat-tipo-carclub-front-top

Особено ни се допаѓа предниот дел – нагласен е италијанскиот дух, а автомобилот гордо го носи знакот на Fiat на маската за ладилникот. Карактерната линија која започнува од светлосните групи се провлекува околу целиот автомобил и завршува во привлечните и мултидимензионални задни светла. Задниот дел завршува со дискретен заден спојлер интегриран во поклопецот од багажниот простор – и едноставно, немаме замерки.

fiat-tipo-carclub-rear

Всушност, единствената визуелна измена која ние би ја направиле би била нарачката на поспортска и пониска суспензија – да, јасно ни е дека Tipo е прилагоден за пазари со не-баш-идеални патишта, но би сакале да е малку поблиску до подлогата за целосно да се истакнат привлечните линии – вака изгледа малку како кросовер.

Ќе ве пречека модерен и привлечен ентериер

fiat-tipo-carclub-interior4

Кога ќе ја отворите возачката врата ќе ве пречека едноставен, но модерен и визуелно-привлечен ентериер. На прв контакт, седиштата изгледаат одлично, а благодарение на многуте ситни детали и комбинацијата на бои ентериерот изгледа комфорен и ве кани да седнете.

fiat-tipo-carclub-interior1

Се спуштаме во возачкото седиште и првите впечатоци се позитивни. Седиме релативно ниско, прегледноста е задоволителна, а скоро сите комадни се близу на дофат и лесни за користење. За возачот и совозачот има повеќе од доволно простор (иако само возачкото седиште се нагодува по висина), има доволно места за одлагање дребулии и мораме да признаеме дека седењето и возачката позиција се удобни. Управувачот и менувачот се обложени со кожа, а материјалите со кои е обложена централната конзола се фини на допир. Од друга страна, некои од прекинувачите се направени од груба пластика, а и пластиките со кои се обложени вратите се некарактеристично цврсти и би можеле да бидат попријатни. Сепак, во контекст на класата во која класа припаѓа Tipo, не е ништо полош од директната конкуренција.

Поврзано:  Пристигна и електричниот, супер-шармантен Fiat 600e!

fiat-tipo-carclub-interior2

Како на предните седишта, така и на задната клупа има доволно простор за двајца патници, а по потреба би собрало и тројца. Онаму каде Tipo е навистина брилијантен е во понудата на простор – не само што возачот и патниците имаат доволно простор, туку имаат и цели 520 литри капацитет на располагање во багажникот! Отворот е со прилично широк и правилен отвор, а и носачите на вратата од багажникот кои обично пречат во Tipo се минимално интрузивни.

fiat-tipo-carclub-boot

Возењето е лесно и комфорно, а модерниот турбодизел е исклучително економичен

Возењето низ град е лесно – како што веќе напоменавме, командите се јасни и лесни за користење, а благодарение на CITY режимот управувачот може да биде лесен како пердув. Менувачот е прецизен и со краток од, но педалата од спојката е малку прецврста. Сопирачките можеме само да ги пофалиме – одлично си ја вршат работата. Секако, маневрирањето дополнително го олеснуваат задните сензори за паркирање, кои препорачуваме да ги нарачате кога ќе ја одредувате опремата за вашето Tipo.

Нашиот тестен модел го носеше новиот 1.6-литарски Multijet турбодизел на Fiat. Малиот Common Rail турбодизел работи мирно и рафинирано, без да се пренесат премногу од карактеристичните дизелски вибрации во ентериерот. На располагање стојат 120 коњски сили при 3750 вртежи во минута и одлични 320 Nm вртежен момент достапни од само 1750 вртежи во минута. Опремен со овој мотор, на Tipo му се потребни 9.7 секунди да постигне 100 километри на час и ќе успее да постигне максимална брзина од 199 километри на час – сосем респектабилни бројки!

Поврзано:  Fiat 600e добива Abarth верзија со 280 коњски сили

fiat-tipo-carclub-rear2

Малиот Еuro 6 турбодизел се покажа и како исклучително економичен. Официјалните податоци ветуваат градска потрошувачка од 5.2 литри на 100 километри – ние изменивме 6.4 литри за време на неколкудневното тестирање – одлични резултати на кои луѓето од Fiat можат да бидат горди. На отворен пат можете да очекувате просечна потрошувачка од околу 5.5 литри на 100 километри при брзини до 120 километри на час.

Зад воланот ќе го добиете токму она што го очекувате – прецизно управување, но без никакви повратни информации од серво управувачот. Tipo ќе ги следи вашите инструкции и со задоволителна компетентност ќе се соочи со свиоците, но очекувајте малку понагласено навалување кога ќе стигнете до тие свиоци – благодарение на високата и мека суспензија, секако. Од друга страна, меката суспензија ќе ви обезбеди комфорно возење по градските улици, па тоа е компромис кој ние сме подготвени да го направиме – сепак Tipo е примарно замислен да биде семеен автомобил. Tipo нè изненади и на отворен пат – при брзини до 120 километри на час во кабината е тивко без премногу бучавост од ветрот.

Opening кампањата на Fiat ветува навистина многу опрема

fiat-tipo-carclub-front3

Нашиот тестен модел е дел од Opening Edition кампањата на Fiat, па дојде навистина богато опремен. Купувачите ќе добијат темпомат, сензори за дожд и светлина, хромирани рачки и разни детали на екстериерот, 17-инчни фелни обвиени во 225/45/17 пневматици, електрика на сите прозорци, клима уред, електрично подесување на страничните ретровизори, мултимедијален уред со екран чувствителен на допир и USB и AUX поврзување, серво управувач со нагодување по длабочина и висина и CITY режим, централен потпирач, паркинг сензори и уште многу други ситници.

Поврзано:  Fiat го паузира производството на електричниот 500е

fiat-tipo-carclub-details

Секако, вреди да ги истакнеме и воздушните перничиња за возачот и совозачот, страничните воздушни перничиња и воздушните завесио, како и ABS, EBD, VDC и ESP системите. Tipo сè уште не е тестиран од страна на EuroNCAP, но сигурни сме дека ќе има одлични резултати.

Tipo се враќа на голема врата, а луѓето од Fiat можат да бидат горди на него!

fiat-tipo-carclub-front2

Како што веќе напоменавме – Tipo е важен модел за Fiat. Ова е моделот кој заменува неколку различни возила во гамата на италијанскиот производител и има големи чевли кои треба да ги пополни. Како и кај сите возила каде цената игра огромна улога, и кај Tipo има некои компромиси кои треба да се прифатат – но да бидеме искрени, тие не се преголеми, а она што се добива во замена за вложеното е повеќе од задоволително. Самиот податок дека Fiat ќе го нуди Tipo како седан, но и како хечбек и караван ветува многу.

Изгледа како инженерите и дизајнерите на Fiat да научиле од грешките и решиле со Tipo да понудат автомобил кој ќе успее да понуди повеќе од очекуваното – и со задоволство признаваме дека успеале во тоа.

  • Мотор: 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 120 коњски сили / 3750 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 320 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 199 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.7 секунди
  • Должина: 4532 mm
  • Ширина: 1792 mm (без странични ретровизори)
  • Висина: 1497 mm
  • Тежина: 1345 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2636 mm
  • Багажен простор: 520 литри
  • Потрошувачка: 5.2 литри на 100 километри (официјална, градска), 6.4 литар (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Fiat Tipo 1.6 Multijet 120 Pop Opening Edition – 16.600 Евра
    Повеќе информации: Fiat.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.