Семејното повеќенаменско возило на Ford влезе во својата најнова генерација и очекувањата се големи – досега C-Max беше на врвот во класата, а ние имавме можност да провериме дали уште припаѓа таму.
C-Max се наоѓа точно во средината на понудата на повеќенаменски возила на Ford. Под него е несекојдневниот и иновативен B-Max, а над него се големите S-Max и Galaxy. Сепак, ниту C-Max не заостанува зад своите поголеми браќа, па може да се добие во две изведби – C-Max со пет седишта, но и големиот Grand C-Max со седум.
Моделот со кој ние поминавме неколку дена беше помалата, C-Max изведба која нуди пет седишта. Најновиот модел е базиран на основата на успешниот и компетентен Ford Focus – факт кој зборува и ветува многу за динамичноста на компактниот MPV на Синиот Овал.
Веднаш ќе го забележите новиот, порафиниран и почист дизајн. Формите се поедноставени а линиите се измазнети, па новиот C-Max изгледа помодерно и поавантгардно од порано. На предниот дел доминира широката хромирана маска на ладилникот, на чија лева и десна страна гордо стојат светлосните групи. Динамичниот лик на предниот дел го заокружуваат светлата за магла и долната решетка. Слична приказна за чистиот дизајн продолжува и по страниците на C-Max, каде главниот збор го имаат големите стаклени површини. Задниот дел го комплетираат хоризонталните светлосни уреди и интересните прекршувања на линиите кои визуелно ги намалуваат вертикалните димензии на автомобилот.
Сè на сè, ова е уште еден успешен дизајн на Ford. Можеби нема да биде по сечиј вкус, но дизајнот ветува одлична прегледност и многу светлина во ентериерот. Дали е навистина така?
Ја отвораме возачката врата и влегуваме внатре. Првите впечатоци се позитивни – овде има навистина многу светлина и лесно обзема чувство на просторност. Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, и иако седењето е малку повисоко од вообичаено, не е непријатно високо како кај некои од конкурентите. Претпоставките дека прегледноста е одлична, тука се потврдуваат – благодарение на големите стаклени површини лесно се гледа во скоро секоја насока и навистина е лесно да го „поставите“ автомобилот на патот, но и при маневрирање.
За возачот и совозачот има повеќе од доволно простор, а и повеќе од доволно места за одлагање ситници. Површините во кабината добија освежување, па скоро сè што ќе допрете е обложено со фини и квалитетно текстурирани материјали. Ергономијата е одлична и контролите се токму онаму каде очекувате да бидат. Сè е блиску и лесно на дофат, а особено ни се допаднаа интуитивните контроли за клима-уредот и мултимедијалниот систем со навигација.
Онаму каде C-Max е глава и рамења над своите конкуренти е на задната клупа. На прв поглед, на располагање стојат три комфорни седишта. Но поиграјте си малку со седиштата и задната клупа доживува вистинска трансформација – средното седиште се преклопува и се вовлекува наназад, и добивате две индивидуални седишта со простор како во луксузна лимузина. Дополнително, инженерите на Ford седнале и „згреале столче“, па пакувањето на C-Max дозволува изненадувачки многу простор не само за главите на патниците на задната клупа, туку и во просторот меѓу двата реда седишта – па нема да ви недостасува простор за нозете. Одличен, пет!
Приказната за практичност ја заокружува големиот багажен простор – на располагање стои капацитет од 470 литри, кои нараснуваат на 1723 литри со преклопени задни седишта. Багажниот простор е достапен преку правилен отвор со релативно низок раб, па внесувањето и изнесувањето и на поголеми предмети не претставува особен проблем.
Сега веќе можеме малку да зборуваме и за моторизацијата на нашето тестно возило. Под поклопецот се криеше 1.6-литарски TDCi турбодизел кој нуди 115 коњски сили при 3600 вртежи во минута и 270 Nm вртежен момент достапни од 1750 вртежи во минута. Во комбинација со 6-степен мануелен менувач и погон на предните тркала, C-Max ветува потрошувачка од 5.4 литри на 100 километри во градски услови – ние во градски услови измеривме меѓу 6 и 7 литри дизел гориво на 100 километри – повеќе од одлични бројки.
Според официјалните податоци, на C-Max му требаат 11.3 секунди да постигне 100 километри на час, додека максималната брзина е 184 километри на час – повеќе од доволни перформанси за семејно повеќенаменско возило кое од време на време знае да изнуди насмевки од возачот.
Всушност, токму тука е најсилниот адут на C-Max – неговата динамичност. Во ред, имате семејство и морате спортскиот да го замените за попрактичен, семееен автомобил. Но зошто да не одберете автомобил кој ќе успее да ве насмее? Зад воланот, C-Max нуди динамичност, прецизност и агилност која едноставно недостасува кај ривалите. Вперете го C-Max кон свиоци и ќе останете изненадени од неговата подготвеност да ја менува насоката на движење, без ниту трага на инертност и резервираност. На отворен пат ќе забележите малку повеќе бучавост, но тоа и може да се очекува со оглед на димензиите и формата на возилото. Од друга страна, при 120 километри на час во 6-та брзина моторот „врти“ со помалку од 2000 вртежи во минута, па возењето е опуштено и релаксирачко.
Нашиот тестен модел дојде во Titanium ниво на опрема – а тоа ветува многу. Вреди да ги истакнеме автоматскиот двозонски клима уред, предните и задни светла за магла, LED дневните светла, темпоматот, сензорите за светлина и дожд, самозатемнувачкиот внатрешен ретровизор, паркинг сензорите, централниот наслон за раце, борд-компјутерот кој нуди цело брдо информации, одличниот мултимедијален уред со навигација, алуминиумските фелни, менувачот и управувачот обложени со кожа и сите други мали ситници – дури има и мало огледалце поставено пред возачот и совозачот преку кое ќе можат да ги надгледуваат децата на задната клупа – практично и паметно!
На крајот, мораме да ја споменеме и безбедноста. Ниту еден семеен автомобил не би бил она што треба да биде ако безбедноста е доведена во прашање – па затоа C-Max може да се пофали со ABS и ESP, како и Emergency Brake Assist системи. Дополнително, тука се и предните и странични воздушни перничиња за возачот и совозачот, како и страничните воздушни завеси напред и позади. Сето ова, како и конструкцијата на C-Max резултираше со одлични 5 ѕвездички на EuroNCAP тесирањата.
Нашето време со C-Max помина, и повторно ни се наметнаа истите заклучоци до кои дојдовме кога за прв пат седнавме зад воланот на повеќенаменското возило на Ford – ова е комплетен семеен пакет! C-Max нуди врвна практичност, освежен и комфорен ентериер, економичност и забава зад воланот – и сето тоа во еден пакет. Да, можеби ќе треба да направите некои компромиси, но коа станува збор за C-Max, автомобилот навистина си го оправдува епитетот за повеќенаменско возило!
- 1.6-литарски турбодизел
- Моќност: 115 коњски сили / 3600 вртежи во минута
- Вртежен момент: 270 Nm / 1750 вртежи во минута
- Максимална брзина: 184 км/час
- Забрзување 0-100: 11.3 секунди
- Должина: 4380 mm
- Ширина: 1828 mm
- Висина: 1626 mm
- Тежина: 1390 kg
- Меѓуоскино растојание: 2648 mm
- Багажен простор: 470 литри (1723 со спуштени задни седишта)
- Потрошувачка: 5.4 (официјална, градска), 6.5 (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Ford C-Max 1.6 TDCi 115 Titanium – 24.500 Евра
За повеќе информации: Ford.mk
Фотографија: Дејан Маликовски