Германскиот бренд ја презентираше Spyder изведбата од суперавтомобилот R8 на актуелниот саем за автомобили во Њу Јорк.
Моделот го замени тврдиот фиксен кров со мек платнен покрив кој може да се отвори при брзини до 50 км/ч. Инженерите на Audi се одлучиле за платнен кров со цел да се задржи агилноста и да не се додаде дополнителна тежина на Spyder изведбата во однос на стандардниот модел.
Во споредба со претходниот модел, зголемена е цврстината на каросеријата за над 50%. Новиот R8 Spyder тежи 1612 kg – во кои се вклучени засилувањата во специфичните области на каросеријата – праговите, А-столбовите и рамката на ветробранското стакло. Овие засилувања се сега полесни за 10 проценти, што резултира со многу значајна заштеда од 113 килограми во однос на претходникот.
Во срцето на суперавтомобилот лежи истиот 5.2-литарски V10 агрегат со 540 кс, благодарение на кој R8 V10 Spyder е способен да постигне забрзување од 0-100 км/ч за 3.6 секунди и максимална брзина од 318 км/ч. Тука е и истата седум-степена трансмисија со двојна спојка која испорачува сила кон сите четири тркала.
Губењето на покривот значи дека сега звукот на V10 оркестарот ќе патува уште полесно кон кабината, што го прави целото возачко искуство уште поемотивно.