Германскиот производител ја претстави купе-верзијата на својот најмал SUV – моделот со ознака GLC Coupé!
Колку и да имаат традиционалистите против купе-изведбите на SUV автомобилите, мора да се признае дека се вистински хит на пазарот. Како одговор на големата побарувачка на овие модели, но и со желба да се биде во тек и да се предвидат и идните трендови, германскиот производител го претстави новиот GLC Coupe.
Погодувате, GLC Coupé е базиран на обичниот GLC SUV, но влече инспирација од поголемиот GLE Coupe и го нуди истиот налик-купе дизајн. Gorden Wagener, одговорниот за дизајн во Daimler AG изјави: „GLC Coupé го отсликува легендарниот дизајн на купе автомобилите на Mercedes-Benz и истовремено ја симболизира биполарноста на нашиот бренд – истовремено е hot и cool. Со дизајнерскиот јазик на сензуална чистота, совршено ја олицетворува нашата дизајнерска филозофија и претставува модерен луксуз.“
Моделот е долг 4730 милиметри а висок 1600 милометри. Меѓуоскиното растојание останува исто како кај GLC – 2870 милиметри. Багажниот простор се намалува во однос на GLC за 95 литри на 491 литар. Стандардно ќе се нуди со спортска суспензија и подиректно управување во однос на GLC.
Купувачите во Европа ќе можат да одберат меѓу неколку различни мотори – доколку сакаат дизел, тука ќе бидат GLC 220 d со 170 коњски сили и GLC 250d со 204 коњски сили, а доколку сакаат бензинец во понудата ќе ги најдат GLC 250 со 211 коњски сили и хибридниот GLC 350e со 320 коњски сили, а во понудата ќе се најде и GLC 43 AMG со 362-коњскиот твин-турбо V6.
Дизајнот на GLC Coupé го потпишува македонскиот дизајнер Славче Таневски кој е дел од дизајнерскиот тим на Mercedes-Benz.