ТЕСТ: Mazda CX-5 2.2 SKYACTIV-D Ultimate – Во потрага по авантура! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda CX-5 2.2 SKYACTIV-D Ultimate – Во потрага по авантура!

Привлечниот SUV е еден од најпопуларните модели на Mazda – и има зошто! Со минатогодишното освежување на CX-5, јапонскиот производител го направи својот теренец уште попривлечен, а ние поминавме цел викенд со него!

Дали ви се верува дека CX-5 е на пазарот уште од 2012-тата година? Модерниот и привлечен дизајн го прави да изгледа како тукушто да е излезен од дизајнерското студио, па ние не ја одбивме можноста да поминеме неколку дена со еден од најпопуларните модели на Mazda и да се навратиме на неговите квалитети, но и да ги разгледаме подобрувањата кои Mazda ги воведе со минатогодинешниот фејслифт.

Без премногу да го напушта KODO дизајнерскиот јазик, Mazda го освежи CX-5 и му даде нов лик.

mazda-cx-5-carclub-frontside

Ајде да започнеме со надворешните измени – каде најважниот новитет е освежениот преден дел. Без премногу да го напушта веќе добро-познатиот и одлично прифатен KODO дизајнерски јазик, Mazda го освежи CX-5 и му даде нов лик. Лесно ќе препознаете нови светлосни групи, нова маска на ладилникот, адаптивни LED предни светла со дневни светла и уште некои ситници. Страничната линија е неизменета, а на задниот дел ќе препознаете малку изменет браник, нови задни светлосни групи и севкупно затегнување на брчките на јапонскиот SUV.

mazda-cx-5-carclub-side

Да бидеме искрени, ние немавме никакви замерки околу дизајнот и пред Mazda да го освежи CX-5, но затегнувањата се добредојдени и одлично ќе го одржи моделот современ и привлечен за купувачите. Особено ни се допаѓа длабоката црвена боја по која се препознатливи моделите на Mazda – па од било кој агол да погледнете, овој автомобил изгледа привлечно и модерно.

mazda-cx-5-carclub-rearside

Без премногу драстични измени, во ентериерот се забележуваат ситни подобрувања во скоро секој сегмент

mazda-cx-5-carclub-interior1

Во ентериерот, приказната е слична како и на екстериерот – задржани се главните линии и форми, но се забележува подобрување во скоро секој сегмент. Првиот момент на кој вреди да се задржиме е новиот мултимедијален уред кој сега се контролира преку ротациски „џоистик“ поставен меѓу двете предни седишта.

Мултимедијалниот уред доаѓа со навигација и уште многу други функционалности. Познавачите на Mazda ќе забележат дека некои од површините во ентериерот сега се обложени со поквалитетни материјали и чувството во ентериерот е забележливо „попремиум“ од порано. Дел од новите технологии кои се дел од фејслифтот се паметното сопирање и уште неколку други системи.

mazda-cx-5-carclub-interior-rear

На задната клупа останува исто како и пред освежувањето – во одличен комфор ќе се возат двајца, а по потреба ќе се сместат и тројца патници и нема воопшто да им недостасува простор. На располагање остануваат истите 503 литри во багажникот, а за пофалба е правилниот и широк отвор на багажниот простор кој го олеснува внесувањето и вадењето и на поголеми предмети.

CX-5 останува изразено динамичен и забавен SUV!

mazda-cx-5-carclub-offroad-front

Особено нè израдува што инженерите на Mazda не си играле со управувањето, па CX-5 останува изразено динамичен и забавен SUV. Низ град возењето го олеснуваат одличната прегледност и сензорите за паркирање, а на отворен пат се забележува дека е поработено на звучната изолација. Управувањето е директно и прецизно, а CX-5 ја менува насоката на движење на начин кој е дури несвојствен за волку голем автомобил, особено за SUV.

Автоматскиот менувач верно си ја врши работата, а со стискање на педалата за гас сите 175 коњски сили го најавуваат своето присуство

mazda-cx-5-carclub-offroad-side

Автоматскиот менувач верно си ја врши работата и го олеснува возењето како низ град, така и на отворено. Стиснете ја педалата за гас длабоко и менувачот подготвено ќе спушти неколку степени на пренос и сите 175 коњски сили јасно ќе ви дадат на знаење дека се присутни. Под поклопецот се крие веќе добро-познатиот 2.2-литарски SKYACTIV-D турбодизел кој нуди 175 коњски сили и одлични 420 Nm вртежен момент, а во соработка со автоматскиот менувач му овозможуваат на CX-5 да постигне 100 километри на час за 9.4 секунди и максимална брзина од 204 километри на час.

Според официјалните податоци комбинираната потрошувачка изнесува 6.4 литри на 100 километри, а ние измеривме комбинирана потрошувачка од нешто над 8 литри на 100 километри за време на викендот кој го поминавме со CX-5.

Го напуштивме асфалтот и се убедивме и во теренските способности на CX-5

mazda-cx-5-carclub-offroad-rear

Секако, не смеете да ги занемарите ниту теренските компетенции на јапонскиот SUV. Иако е лесно да го ставите CX-5 во категоријата на урбани теренци, сепак имавме можност да се уверивме и во неговите теренски способности кога решивме да направиме мала екскурзија и да го напуштиме асфалтот. Во ниту еден момент не почувствувавме недоверба во CX-5 и на крајот се покажа дека е доверлив сопатник дури и кога условите не се идеални.

mazda-cx-5-carclub-interior5

Дека се работи за SUV со сериозни премиум амбиции станува јасно кога ќе се погледне листата на опрема на нашиот тестен модел – да започнеме од системот кој ја следи лентата на движење, автоматските светла, безконтактното отклучување, заклучување и стартување, одличниот BOSE аудио уред, ентериерот обвиен во кожа, LED предните светла, радарскиот темпомат, загревањето на предните седишта, мултимедијалниот уред со навигација, Bluetooth и цел грст други функционалости, клима уредот, погонот на сите четири тркала и уште малиот милион други „играчки“ – овде навистина нема што нема!

mazda-cx-5-carclub-interior4

Секако, нема да ја пропуштиме можноста да ги истакнеме и безбедносните квалитети на Mazda CX-5 – јапонскиот SUV освои максимални 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата, а доаѓа опремен со 8 воздушни перничиња, систем за следење на притисок во гумите, грст системи за активна и пасивна безбедност, па дури и систем кој го следи возачот и препознава умор!

mazda-cx-5-euroncap

Одлична можност повторно да поминеме време со јапонскиот SUV!

mazda-cx-5-carclub-rear-final

Ова беше одлична можност повторно да поминеме малку време со CX-5 – и повторно се потсетивме и се уверивме во неговите квалитети. CX-5 e SUV кој е подготвен да биде ваш сопатник во потрагата по авантури, но истовремено да биде и цивилизиран пријател кога потребите така налагаат. Има причина зошто јапонскиот SUV е толку успешен и популарен – формулата на Mazda очигледно е успешна!

  • 2.2 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 175 коњски сили / 4500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 420 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 204 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.4 секунди
  • Должина: 4555 mm
  • Ширина: 1840 mm
  • Висина: 1710 mm
  • Тежина: 1495 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2700 mm
  • Багажен простор: 503 литри (1620 со спуштени задни седишта)
  • Потрошувачка: 6.4 (официјална, комбинирана), 8.5 (измерена, комбинирана)
  • Цена на тестираниот модел: Mazda CX-5 2.2 Skyactiv-D Ultimate 4×4 – 40.480 Евра
    Повеќе информации: Mazda.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.