Баварскиот производител го слави својот стоти роденден, и по тој повод го покажа спектакуларниот Vision Next 100 концептен автомобил!
Автономниот концепт е преполн со нови и футуристички технологии, меѓу кои се издвојува Alive Geometry пристапот кој му дозволува на возачот да избере меѓу Boost и Ease режими и да одбере меѓу мануелно или целосно автономно возење, и во зависност од одбраниот режим возилото целосно го менува својот облик.
Кога е одбран Boost режимот, возилото е ориентирано кон возачот и му нуди идеално искуство зад воланот. Кога е одбран Ease моделот, ентериерот се трансформира – управувачот и централната конзола се повлекуват, наслоните го менуваат својот агол, а седиштата и тапацирите на вратите се спојуваат за да понудат зголемен комфор.
„Ако како дизајнер можете нешто да замислите, тогаш постои добра шанса дека тоа еден ден ќе стане реалност“ – рече Adrian van Hooydonk, одговорниот за дизајн во BMW Group. „Согласно на тоа, нашата цел со BMW Vision NExt 100 беше да дојдеме до сценарио за иднината со кое луѓето ќе бидат предизвикани.“
Сега за сега, од BMW не објавија што е задолжено за придвижување на концептот – неговата главна цел беше да се прикаже визијата на BMW за мобилноста на иднината. Структурата на автомобилот е изработена од карбон и пластика, и самиот автомобил нема класични тркала – делови од надворешните панели ги покриваат „крилата“ и така автомобилот менува насока. Она што најверојатно би го виделе во сериско производство е комбинацијата на карбон и пластика наместо традиционалниот челик во идните возила на брендот. Во ентериерот нема никакви екрани – сите информации се проектираат директно на ветробранското стакло.
BMW Vision Next 100 заминува на глобална турнеа и ќе ги посети Кина, Обединетото Кралство и Америка. Кога концептот ќе пристигне во Лондон, BMW Group ќе открие уште два Vision концепти за Mini и Rolls Royce.