Honda во Женева го претстави прототипот на новиот Civic во хечбек варијанта – и според нив она што го гледаме тука е навистина блиску до серискиот модел!
Луѓето од Honda најавуваат дека новиот хечбек ќе биде 30 милиметри поширок, 20 милиметри понизок и цели 130 милиметри подолг од тековниот модел, а ќе има и пошироки тркала. Според нив, ова ќе му даде на автомобилот посамоуверен изглед, но и динамичен карактер благодарение на „новиот и провокативен“ дизајн.
„Знаевме дека мораме да направиме забележителен и препознатлив дизајн кој ќе го предизвика конвенционалниот стајлинг на европските компакти, но истовремено да останеме верни на вредностите на оригиналниот Civic“ – изјави водачот на проектот, Daisuke Tsutamori – „а резултатот е спој меѓу истакнат и спортски дизајн кој ги наградува возната динамика и практичноста.“
Новиот Civic ќе се произведува само во Европа а ќе биде глобален модел. Ќе користи нова генерација на турбо-полнети мотори, меѓу кои 1.0 и 1.5-литарски VTEC турбо бензинци, но и подобрена верзија на сегашниот 1.6-литарски i-DTEC турбодизел.