Hyundai во Женева ја престави целосната IONIQ гама која ќе пристигне во Европа – а во неа се вклучени IONIQ Hybrid, IONIQ Plug-in и IONIQ Electric.
Понудата започнува со IONIQ Hybrid кој комбинира 105-коњски 1.6-литарски GDI бензинец со директно вбризгување кој испорачува 105 коњски сили и електромотор кој нуди дополнителни 44 коњски сили. Вкупната системска моќност е 141 коњска сила, а автомобилот користи 1.56-kWh литиум-јон-полимерна батерија и има емисија од само 79 грама CO2 на изминат километар.
Чекор погоре е IONIQ Plug-in кој нуди 50 километри автономија на струја благодарение на 8.9-kWh литиум-јон-полимерна батерија. IONIQ Plug-in го користи истиот 1.6-литарски GDI бензинец но комбинира електромотор со 61 коњска сила и ветува емисија од само 32 грама CO2 на изминат километар.
На самиот врв на понудата е IONIQ Electric кој е придвижуван од електромотор и 28-kWh литиум-јон-полимерна батерија. Според Hyundai, автономијата на електричниот IONIQ ќе биде „повеќе од 250 километри“. Електромоторот нуди максимален вртежен момент од 295 Nm и одлични 120 коњски сили, па максималната брзина е 165 километри на час.
Сите модели имаат одличен коефициент на отпор на воздухот од само 0.24 Cd, а ќе можат да се нарача цела низа на безбедносни системи – автономно кочење, детекција на објекти во слепата точка, систем за следење на лентата на движење, адаптивен темпомат и многу, многу повеќе. IONIQ е веќе подготвен, и наскоро би требало да пристигне на пазарите ширум Европа.