Корејскиот производител може да се пофали со уште две одлични признанија во своето портфолио – новите Tucson и Elantra добија признанија од престижните iF Design Awards!
Новиот Hyundai Tucson (кој ние веќе имавме можност да го возиме, и кој е еден од овогодинешните кандидати за Автомобил на Годината во Македонија) и новата Elantra која наскоро треба да пристигне и на нашиот пазар освоија две одлични признанија. На овогодинешните iF Design Awards моделите на Hyundai ја освоија наградата во категоријата Автомобили/Возила/Моторцикли.
Според Hyundai, овие награди ја потврдуваат посветеноста на брендот кон дизајнот и квалитетот. Вреди да се спомене дека ова е своевиден хет трик на Hyundai на овие награди – тие по трета последователна година ја освојуваат оваа награда – минатата година признанието го однесе i20, а во 2014 големиот Genesis седан.
Судиите во жирито го истакнаа храбриот и дистинктивен дизајн на новиот Tucson, но и еволуцијата на дизајнот кај новата Elantra. iF Design Awards наградите се доделуваат повеќе од 60 години и се симбол за одличен дизајн. Наградите ги доделува iF International Forum Design GmbH од Германија, и во жирито учестуваат повеќе десеттици докажани експерти. Оваа година повеќе од 5000 учесници од 53 земји беа кандидати во различните категории.