Кога модерната технологија може да понуди одлични перформанси и исклучителна економичност, со право го задржува нашето внимание!
Со новиот XC90, Volvo реши да понуди сериозна алтернатива на постоечките конкуренти во класата – а еден од начините да го направи тоа е да понуди хај-тек решенија со кои ќе ги привлече купувачите. На самиот врв на понудата на XC90 стои T8 Twin Engine хибридот кој и покрај тоа што нуди дури 407 коњски сили, истовремено може да троши само 2.1 литар гориво на 100 километри и да има емисија на CO2 од само 49 грама на поминат километар.
Сето ова се должи на напредниот хибриден погон кој му овозможува на големиот луксузен SUV да ги оствари овие бројки. Погонот се состои од 2-литарски четири-цилиндарски бензинец кој има турбополнач и компресор, како и два електромотори. Бензинскиот мотор испорачува 320 коњски сили кон предните тркала, додека за задните тркала е задолжен електромотор кој испорачува 87 коњски сили. Третиот електромотор ја има улогата на стартер и е поставен меѓу моторот и 8-степениот автоматски менувач – и служи за да додаде вртежен момент кога е потребно и за да ги „измазни“ префрлувањата од еден режим на работа во друг. Режимите меѓу кои можете да одберете се Hybrid, Pure Electric, Power, AWD и Save.
Вкупно, Volvo XC90 T8 Twin Engine има 407 коњски сили и 640 Nm вртежен момент. Благодарение на овие бројки може да постигне 100 километри на час за само 5.6 секунди, а доколу внимавате можете да поминете до 42 километри на електрична енергија. Според официјалните податоци, ако возите внимателно – можете да потрошите само 2.1 литри гориво на 100 километри – скоро неверојатно за автомобил кој истовремено нуди место за вкупно седуммина.