Неодамна освежениот Hyundai i30 ветува дека може да понуди навистина многу, но истовремено да го направи тоа по достапна цена. Поминавме цел викенд со модел опремен со економичен и тренди турбодизел, и ова се нашите впечатоци!
Експанзијата на Hyundai е во полн ек. Корејскиот производител агресивно ја зголемува гамата, но истовремено ветува влез во нови сегменти преку хај-тек хибридни возила и луксузни премиум модели. Сепак, во самата срж на брендот се автомобили кои нудат одлична вредност за вложените пари, без притоа да бидат „евтини“. Токму во оваа улога, најважен модел е i30 – автомобилот кој е предвиден и конструиран да се бори рамо до рамо со докажаните европски конкуренти.
Со неодамнешниот фејслифт, дизајнерите на Hyundai малку го поедноставија дизајнот на i30. Иако дизајнот и порано им се допаѓаше на многумина, сепак сега е попривлечен и посовремен. Предниот дел е значително почист и попривлечен и сега доминира големата хексагонална маска која е обележје на брендот и се појавува и кај поновите модели.
Остатокот од екстериерот не е многу изменет – но тука и таму ќе забележите затегнати линии и нови ситни детали. Сè на сè, дизајнот можеби нема да се допадне секому, но дефинитивно се издвојува од конуренцијата со својата несекојдневност.
Кога ќе ја отворите вратата ќе ве пречека широк ентериер во кој има навистина многу дневна светлина. Седиштата се исклучително комфорни како низ град, така и на подолги патувања, а ергономијата е на сосем добро ниво. Единствена забелешка што ја имаме на ергономијата е на малку далеку поставеното радио, но тука се и командите на управувачот па лесно ќе го прифатиме тој компромис.
Централната конзола е единственото место каде „се гледаат годините“ на i30 – иако контролите се јасни и лесни за кокристење, сепак дизајнот е малку застарен во однос на директните конкуренти. Од друга страна – нема ништо да ви недостасува i30 во ова ниво на опрема i30 доаѓа со Bluetooth поврзување, USB и AUX приклучоци и други ситници. Конечно, ќе забележиме и на недостатокот на автоматско отворање и затворање на прозорците.
Она каде i30 е комфорно меѓу најдобрите во класата е просторната понуда. Дури и ако на предните седишта седнат повисоки возач и совозач, на задната клупа има повеќе од доволно простор за колената на патниците. По потреба ќе се сместат и тројца патници, но во секојдневно возење – за двајца на задната клупа е идеално.
Доколку тргнете на патување, ќе ве израдува багажниот простор. Не само што отворот е со правилна форма, туку нуди и одличен капацитет – на располагање ви стојат 378 литри кои нараснуваат на одлични 1316 литри кога ќе ги соборите задните седишта.
Нашиот тестен модел дојде со 1.4-литарски CRDi турбодизел кој нуди 90 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 220 Nm вртежен момент од 1500 до 2750 вртежи во минута. Во комбинација со 6-степениот мануелен менувач преку кој ја пренесува силата кон предните тркала, на i30 му требаат 13.5 секунди да постигне 100 километри на час и ќе успее да постигне максимални 170 километри на час.
Бидете во вистинскиот степен на пренос и забрзувањето е линеарно и мазно, а моторот работи исклучително рафинирано – всушност, ова е еден од најрафинираните турбодизел мотори кој сме имале можност да го пробаме.
I30 одлично се снаоѓа во градски услови. Ултра-лесниот серво управувач го прави маневрирањето едноставно, но мораме да признаеме дека толку лесен управувач нема да биде по сечиј вкус. Прегледноста е одлична благодарение на големите странични ретровизори, но паркирањето е дополнително олеснето од задните сензори за паркирање. Меко-нагодената суспензија очигледно е ориентирана кон комфор, па во ентериерот не се чувствуваат дури ниту поголемите дупки кои им се добро-познати на возачите.
Менувачот е прецизен и со краток од, а педалите се меки – па дури и ако заглавите во „тргни-застани“ сообраќај нема да ви биде некомфорно. Низ град можете да очекувате потрошувачка која ќе лебди некаде околу 6.3 литри на 100 изминати километри.
На отворен пат се забележува дека инженерите на Hyundai ја искористиле рафинираноста на моторот до максимум. На 120 километри на час i30 работи на 2500 вртежи во минута а во кабината е тивко и единствената бучавост која се пренесува е од зимските пневматици кои беа монтирани на нашиот автомобил. Возејќи на отворен пат економичниот турбодизел беше во својот елемент, и измеривме потрошувачка која е некаде околу 5 литри на 100 километри.
Преферирате бензинец наместо турбодизел?
Доколку сакате атмосферски бензинец наместо турбодизел, тука е 1.4-литарскиот мотор кој се вградува во неколку модели на Hyundai. Моторот нуди 100 коњски сили и за нијанса подобри перформанси, но работи уште порафинирано од турбодизелот.
Градската потрошувачка е за нијанса повисока и изнесува нешто над 8 литри на 100 километри, но цената на бензинецот е скоро 2000 евра пониска од онаа на турбодизелот.
Кога ќе го вперите i30 во свиоци, уште појасна станува неговата ориентираност кон комфор. Серво управувачот нуди лесно маневрирање низ град, но не нуди никакви повратни информации од подлогата. Управувањето е директно и прецизно и иако суспензијата е мека, сепак автомобилот не се навалува премногу во свиоци. Изгледа дека инженерите нa Hyundai успеале да го погодат компромисот меѓу комфор и динамичност.
Нашиот тестен модел дојде во третото, Comfort ниво на опрема. Меѓу другото, ги истакнуваме клима уредот, управувачот и менувачот обложени со кожа, LED дневните светла, централната брава со далечинско, USB и AUX приклучокот, централниот наслон, сензорите за паркирање, можноста за Bluetooth поврзување, управувачот со команди за радио, електрично нагодливи и загревани ретровизори и уште многу, многу други ситници.
EuroNCAP го тестираше i30 уште при неговото појавување, и уште тогаш i30 ги освои максималните пет ѕвездички. Не би очекувале дека нешто се променило од тогаш, но вреди да се истакне дека i30 стандардно доаѓа со ABS со EBD, ESP контрола на стабилноста, шест воздушни перничиња и уште цела гама на безбедносни системи.
Hyundai i30 не е нов автомобил на пазарот – всушност, втората генерација на i30 се нуди уште од 2011. Сепак, со навременото освежување, богатата опрема и одличните комфор и практичност, i30 не е воопшто стар автомобил. Секако, на некои места се забележува дека не е е најнов модел меѓу конкурентите, но тоа воопшто не е критика. Докажаниот квалитет и одличната гаранција се дополнителна мотивација за купувачите – а i30 е вистинскиот избор за оние кои ги ценат практичноста, комфорот и вредноста за вложените пари.
- Мотор: 1.4-литарски турбодизел, 4 цилиндри
- Моќност: 90 коњски сили / 4000 вртежи во минута
- Вртежен момент: 220 Nm / 1500-2750 вртежи во минута
- Максимална брзина: 170 км/час
- Забрзување 0-100: 13.5 секунди
- Должина: 4300 mm
- Ширина: 1780 mm (без странични ретровизори)
- Висина: 1465 mm
- Тежина: 1355 kg
- Меѓуоскино растојание: 2650 mm
- Багажен простор: 378 литри
- Потрошувачка: 5.4 литри на 100 километри (официјална, градска), 6.3 литри (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Hyundai i30 1.4 CRDi 90 Comfort – 16.770 Евра
Повеќе информации: Hyundai.com.mk
Фотографија: Дејан Маликовски