По неколкуте најави, германскиот производител и официјално го претстави концептот со кој ја најавува иднината на Opel – и иднината изгледа одлично!
Новиот, чистокрвен атлет на Opel е со предно поставен мотор и пренос на задните тркала. Автомобилот е директен наследник на класичниот Opel GT и Monza концептот, и ја носи скулптираната дизајнерска филозофија на Opel на сосем ново ниво. Според Opel, новиот концепт е авантгарден но чист, и се откажува од сите непотребни детали за да добие чиста форма. Соодветно на тоа, концептот нема ниту надворешни рачки, ниту пак надворешни ретровизори.
Најзабележлив детал е двобојната каросерија која е поделена со црвена карактерна линија. Особено се истакнуваат предните црвени гуми кои се навистина несекојдневен детал. Луѓето од Opel се горди и на големите врати со интегрирани прозорци кои нудат незабележлива трансфорамција од стаклени до офарбани површини. Возачот и совозачот ги отвораат вратите преку панел интегериран во карактерната линија, а во внатрешноста би требало да има доволно простор и за повисоки луѓе. Кога се отворени, вратите навлегуваат длабоко во предните крила, а со тоа го олеснуваат отворањето во потесни, урбани средини. Две камери поставени над задните крила ги заменуваат класичните ретровизори, а сликата од тие камери се пренесува на два монитори поставени на левата и десната страна во кабината.
Истовремено, пријатно сме изненадени од изборот за мотор кој е вграден во концептот. Наместо да вгради голем, еколошки неприфатлив и комплициран мотор, Opel во GT Concept вгради 1-литарски турбо-бензинец со три цилиндри и директно вбризгување. Моторот, кој веќе сериски се вградува во Adam, Corsa и Astra испорачува 145 коњски сили и 205 Nm вртежен момент. Силата се испорачува кон задните тркала преку 6-степен секвенционален менувач, а бидејќи концептот тежи помалку од 1000 килограми, пторебни му се помалку од 8 секунди да постигне 100 километри на час и ќе продолжи да забрзува до 215 километри на час.