Луксузната гранка на Citroen го претстави освежениот DS 3 кој сега визуелно е поблиску до останатите модели во гамата и ќе се нуди со шест бензински и два турбодизел мотори.
Визуелното освежување е направено со цел да го донесе DS3 поблиску до визуелниот идентитет на останатите DS модели – па се забележува ново „лице“ со DS-Wings маската на ладилникот, нови LED предни светла, како и нови LED задни светла со тродимензионален дизајн.
Во понудата ќе се најдат шест бензински и два дизел мотори. Бензинската понуда започнува со 1.2-литарскиот PureTech со три цилиндри кој ќе се нуди со или без турбополнач и ќе нуди 82, 110 или 130 коњски сили, како и 1.6-литарскиот четири-цилиндерски турбо-бензинец кој нуди 163 или 208 коњски сили. Доколку сакате турбодизел, тука е 1.6-литарскиот BlueHDi со 100 или 120 коњски сили.
Ентериерот добива нов инфозабавен систем компатибилен со Apple CarPlay или MirrorLink за Android уреди. Мултимедијалниот уред има дисплеј од 7 инчи, а во понудата ќе се најдат и нови материјали со кои можете да го обложите ентереирот. Од Citroen најавуваат дека постојат 78 различни комбинации за боја на каросеријата и кровот, 10 различни дизајни за кровот на хечбекот односно 4 различни материјали за кровот на кабриолетот, и дури 15 различни дизајни на алуминиумски тркала.
Најинтересен модел за нас е најмоќниот – DS3 Performance има 208 коњски сили и стандардно ќе се нуди со Torsen диференцијал со ограничено пролизгување. Суспензијата е 15 милиметри пониска, а предната и задната трага се проширени за 26, односно 14 милиметри. Лансирањето на освежениот DS3 е закажано за Февруари.
DS3 / DS3 Cabrio
DS3 Performance