ТЕСТ: Audi A4 2.0 TDI 150 S-Line – Супериорност низ технологија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Audi A4 2.0 TDI 150 S-Line – Супериорност низ технологија!

Најновата генерација на Audi A4 само што пристигна кај нас, а ние имавме можност да поминеме неколку стотици километри со примерок опремен со 2-литарски TDI со 150 коњски сили и S-Line спортски пакет на опрема!

Да се каже дека А4 е најважниот модел на германскиот премиум производител, не би било доволно. Според продажните статистики, токму A4 е најпродаваниот модел на Audi, и јасно е дека челниците би сакале да продолжи овој тренд. Токму затоа, Audi инвестираше многу во А4 – бидејќи да се остане конкурентен меѓу толку силна конкуренција навистина не е лесно.

Ставете го стариот автомобил до новиот, и веднаш се истакнува модерниот, дури архитектурен дизајн на новиот А4.

audi-a4-carclub-side

Првото прашање кое ќе си го поставите кога за прв пат ќе ја видите новиот А4 е – дали сте сигурни дека ова е нов автомобил? Признаваме дека новиот модел можеби за нијанса премногу наликува на стариот – но погледнете малку повнимателно и ќе ги забележите новите детали. Новата маска на ладилникот (која според нас е малку преголема), новите предни светла, изразената каратерна линија, новите задни светлосни групи..

Да, автомобилите наликуваат еден на друг, но ставете го стариот автомобил до новиот и веднаш се истакнува модерниот, дури архитектурен дизајн на А4. Нема да биде по сечиј вкус – но ова е премиум автомобил, па не ни треба да биде. Сепак, не можеме да негираме дека изгледа модерно – и со S-Line пакетот кој вклучува поспортски браници,  20 милиметри пониска суспензија и поголеми фелни – привлечно и со дискретна агресивност.

audi-a4-carclub-rearside

Новата генерација на А4 е поставена на новата MLB Evo платформа на Volkswagen групацијата која е предвидена за автомобили со надолжно-поставени мотори. Новата платформа овозможува значително намалување на тежината – па сега А4 е и до 120 килограми полесен од својот претходник. Всушност, А4 ја дели платформата со големиот Q7, и воопшто не сме изненадени од значителните чекори нанапред кои се направени.

Неизбежно е хај-тек чувството во ентериерот

audi-a4-carclub-interior1

Нема да бидеме единствените кои ќе кажат дека новиот А4 го има можеби најдобриот ентериер меѓу конкуренцијата. По можеби малку конзервативниот екстериер, ентериерот е вистински полн погодок. Отворете ја вратата и ќе ве пречека ентериер кој едноставно изгледа прекрасно. Хај-тек чувството е неизбежно, а кога ќе се впуштите во S-Line седиштето ќе откриете возачки простор кој е комфорен прегледен и ергономски идеален.

Благодарение на многуте можности за нагодување, лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, а прегледноста е воглавно добра, освен кон задниот дел – нешто што е проблем кај сите седани, па препорачуваме да нарачате паркинг сензори.

Поврзано:  Audi лансира нов бренд кој се вика... AUDI?

audi-a4-carclub-interior2

Од друга страна, сите површини се покриени со одлични материјали – почнувајќи од седиштата кои беа во комбинација на кожа и штоф, управувачот обложен со перфорирана кожа, па сè до тапацирите на вратите, обложувањето на централната конзола и сè друго околу вас – навистина е тешко да се најде забелешка.

Завршната обработа може да се опише само како беспрекорна – а тоа е нешто што се навикнавме да го очекуваме кај било кој автомобил на Audi. Ни се допадна и графиката на панелот со инструменти, но не ни се допадна што и Audi го прифати трендот на ставање на „додаден“ таблет за мултимедијалниот систем поставен на врвот на централната конзола.

Сепак, ваквото решение не ја попречува прегледноста и ја зголемува безбедноста бидејќи го намалува тргањето на погледот од патот пред вас, па сме подготвени да го простиме. Импресивни се и контролите – почнувајќи од контролерите за клима уредот со вграден дисплеј, па се до чувствителните на допир прекинувачи за контролирање на вентилацијата. Се гледа дека некој „згреал столче“ и дошол до иновативни и практични решенија.

audi-a4-carclub-interior3

Ниту на патниците на задната клупа нема да им биде некомфорно. Седењето е пријатно и на подолги релации благодарение на соодветниот агол на наслонот кој не е премногу исправен, а ќе имаат и свој контролер за клима уредот. Ќе имаат сосем доволно простор за колената и за главите, а по потреба ќе собере и тројца патници – но сепак, не на предолги релации. На располагање стојат 480 литри багажен простор, кои нараснуваат на 965 литри кога ќе ги спуштите задните седишта. Отворот на багажниот простор е со правилна форма и нема (пре)висок раб, па внесување и изнесување и на поголеми предмети не би требало да претставува проблем.

audi-a4-carclub-interior4

Супер-мазен менувач, моќен и економичен турбодизел – 8.7 секунди „до стотка“, 220 километри на час

Пред да зборуваме за искуството зад воланот, да зборуваме малку за моторот. Нашиот тестен модел дојде со 2-литарскиот TDI турбодизел кој нуди 150 коњски сили и веќе го познаваме од некои други модели на Volkswagen групацијата. Покрај 150-те коњски сили кои се нудат од 3250 вртежи во минута, на располагање се и 320 Nm вртежен момент, достапни од 1500 вртежи во минута. Во комбинација со S-tronic менувачот со двојна спојка и пренос кон предните тркала, на Audi A4 му требаат 8.7 секунди да постигне 100 километри на час, а максималната брзина е 220 километри на час.

Поврзано:  ABT го тјунираше Audi SQ8

audi-a4-carclub-interior5

Менувачот работи идеално мазно и скоро без да забележите ги менува степените на пренос. Од друга страна, кога силно ќе ја притиснете педалата за гас менувачот спремно „спушта“ неколку степени на пренос  и веднаш ви ги става на располагање бараните перформанси. Официјалните бројки ветуваат градска потрошувачка од 5 литри на 100 километри – бројки кои се преоптимистични. Ние измеривме околу 8 литри во градски услови – сосем прифатливо за автомобил од оваа класа со автоматски менувач. Ќе забележиме малку на преагресивниот старт-стоп систем кој знае да го изгасне моторот при споро маневирање. Од друга страна, не морате да ја држите притисната кочницата за старт-стоп системот да биде активен додека чекате на семафор – одлично решение.

Подготвеност за менување насока без жртвување на комфорот – Audi конечно „ја погоди“ S-Line суспензијата.

audi-a4-carclub-frontside2

Сега, да зборуваме и за искуството зад воланот. Благодарение на S-Line спортската суспензија, новиот А4 подготвено реагира на инструкциите од управувачот, и самоуверено ја менува насоката на движење. Можеби не е најдинамичниот автомобил во класата, но оние кои сакаат спортска нишка зад управувачот нема да бидат разочарани. Конечно, Audi успеа да „ја погоди“ S-Line суспензијата кај A4, па ако досега моделите со оваа опрема беа прецврсти и дури некомфорни по градските улици, новиот А4 S-Line е значително покомфорна, без притоа да се жртвува динамичноста која се очекува.

Суспензијата лесно ги впива и позабележителните дупки по нашите улици, без премногу да го наруши комфорот. Управувањето е директно и прецизно, но немојте да очекувате премногу повратни информации преку управувачот – нешто што е резултат на електричниот серво управувач, и нешто кон кое се движат сите производители.

Тивко и комфорно на отворен пат – меѓу најтивките автомобили во класата

audi-a4-carclub-topside

Еден од деталите кои ги истакнуваат од Audi е рафинираноста на отворен пат – и мораме да ги пофалиме. На отворен пат, дури и при повисоки брзини, во ентериерот е навистина тивко. Скоро и да нема никаква бука од ветерот, ниту пак некакви несакани звуци пренесени од подлогата. За оние кои минуваат многу километри на отворен пат – ова е меѓу најтивките автомобили во класата!

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Новиот Audi RS 3 има 400 коњски сили и достигнува скоро 300 километри на час!

audi-a4-carclub-frontside

Слоганот на Audi е напредок низ технологија – и луѓето од Инголштад сериозно си ја сфатиле работата. Новиот А4 е можеби визуелно малку конзервативен, но без сомнение е технолошки напреден, комфорен и современ автомобил. Тестниот автомобил кој ние го имавме на располагање дојде со веќе споменатиот S-Line спортски пакет, 18-инчни фелни, S-Line спортски трокрак мултифункционален управувач, задни сензори за паркирање, трозонска автоматска клима, S-tronic автоматски менувач, електрично подигнување на прозорците, електрични и загревани ретровизори, биксенонски предни светла, мултимедијален уред со Bluetooth приклучок, сензори за светлина и дожд, и уште многу, многу други ситници. Би посакале и уред за навигација, но во секој случај тој може да се добие како дополнителна опрема.

Новиот А4 неодамна беше тестиран и од EuroNCAP, каде благодарение на стандардните ABS, ESP и другите системи за безбедност, како и многуте воздушни перничиња, освои максимални 5 ѕвездички.

audi-a4-carclub-euroncap

Кај новиот А4 можат да се добијат технологии кои доаѓаат директно од најскапите модели на брендот!

Приказната кај Audi секогаш била еволуција наместо револуција – и истата приказна продолжува и сега. Новиот А4 е логична и очекувана еволуција од минатиот модел – особено ако гледаме дизајнерски. Од друга страна, новата платформа и новите технологии кои можат да се добијат кај А4 доаѓаат директно од најскапите модели на брендот – и тоа покажува колку се луѓето од Инголштад сериозни со технолошата доминација на новиот автомобил. Може да се добие одличниот Виртуелен Кокпит, одличните Matrix LED светла и уште многу други напредни системи. На самиот крај, се наметнува заклучокот дека новиот А4 е модерен, економичен и компетентен автомобил, кој сме сигурни дека ќе најде многу нови купувачи.

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 3250 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 320 Nm / 1500 – 3250 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 220 км/час
  • Забрзување 0-100: 8,7 секунди
  • Должина: 4726 mm
  • Ширина: 2022 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1427 mm
  • Тежина: 1465 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2820 mm
  • Багажен простор: 480 литри
  • Потрошувачка: 5 литри на 100 километри (официјална, градска), 7.8 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Audi A4 2.0 TDI 150 S-Tronic S-Line – 47.034 Евра
    Повеќе информации: Audi.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.