Ова не е прв пат да се дружиме со малата SEAT Ibiza – но овој пат поминавме неколку дена со Ibiza Velvet Edition опремена со одличниот 1.2-литарски TSI турбо-бензинец со 90 коњски сили!
SEAT Ibiza не е нов модел – компактниот хечбек на шпанскиот огранок на Volkswagen групацијата во моментов е во својата четврта генерација и е на пазарот од 2008-мата година. Сепак, редовното освежување ја прави Ibiza современ и привлечен автомобил кој е особено интересен за помладите купувачи.
Моделот кој е денес со нас е освежената Seat Ibiza со Velvet пакет на опрема и 1.2-литарскиот TSI турбо-бензинец со 90 коњски сили. Со неодамнешното освежување Ibiza доби LED дневни светла, нови фелни и нови бои – но надворешните измени завршуваат тука. Вистинското освежување е во ентериерот каде Ibiza доби нови, поквалитетни материјали, нови можности за опремување и – она што е особено важно за помладите – нови мултимедијални уреди кои ветуваат повеќе функционалност.
„Нашата“ Ibiza дојде во привлечна металик боја со сатенски детали – кои се дел од Velvet пакетот. Новите предни светла со интегрирани LED дневни светла се дискретно, но привлечно освежување, а металик бојата и 16-инчните фелни се одлична комбинација. Навистина нема потреба многу да коментираме за дизајнот – сите добро ја знаете Ibiza. Она што радува е дека неколку години по премиерата Ibiza сè уште изгледа современо и – во вистинската комбинација од боја и фелни, секако – привлечно!
Ентериерот на нашиот автомобил беше вистинско освежување во однос на автомобилот кој го возевме минатата година – привлечната двобојна комбинација изгледа одлично, седиштата се комфорни, а опремата едноставно прави автомобилот да изгледа побогат. Сместете се во возачкото седиште и ќе ве пречека прегледен и комфорен ентериер, а чувството дополнително го издигнуваат управувачот и менувачот обложени со кожа.
Прегледноста е добра благодарение на големите стаклени површини, а сите контроли ни се веќе добро познати – па во Ibiza се чувствувавме како дома. Мултимедијалниот уред е лесен за користење, лесно врзавме мобилен телефон и веднаш започнавме со stream-ување на музика. На задната клупа како и досега – има место за двајца патници, но не очекувајте премногу. Багажникот нуди капацитет од 292 литри, а во ова ниво на опрема добивме и деллива задна клупа што дополнително ја зголемува практичноста.
Како што и очекувавме, малата Ibiza одлично се снаоѓа во град. Димензиите на автомобилите од оваа класа помалку или повеќе гарантираат дека тие ќе бидат полесни за маневрирање во градскиот метеж. Одличниот 1.2-литарски турбо-бензинец и прецизниот менувач се покажаа како добра комбинација, па воопшто нема да ви недостасува моќност ниту пак „живост“ во градски услови. Според официјалните податоци, на Ibiza опремена со 1.2-литарскиот TSI и требаат 10.7 секунди да постигне 100 километри на час и постигнува максимална брзина од 184 километри на час – одлични бројки за урбан хечбек! Во град можете да очекувате просечна потрошувачка меѓу 7.5 и 8 литри на 100 изминати километри – блиску до официјално-декларираната потрошувачка од 6.8 литри на 100 километри.
Веќе напоменавме – Ibiza настапува самоуверено на градските улици. Покрај 16-инчните тркала нема поголеми проблеми со справување со нерамнините. Од време на време се случува да се пренесат нешто повеќе вибрации во ентериерот, но тоа навистина не е нешто на кое можеме да замериме. Како и обично во оваа класа, би сакале малку повеќе звучна изолација за да имаме нијанса покомфорно возење на отворен пат.
Сегашната генерација на Ibiza е кон крајот на својата „кариера“ – и Ibiza Velvet е одличен пример за тоа што треба еден автомобил да биде кога ќе созрее – привлечен, практичен, економичен, безбеден и богато опремен! Примерокот на Ibiza со кој ние се дружевме навистинаг ги исполни сите овие услови – вреди да се истакнат Velvet пакетите за екстериерот и ентериерот, 16-инчните фелни, клима, уредот, LED пакетот со предни дневни светла и задни LED светла, дизајн пакетот кој вклучува практични фиоки под предните седишта, Smart Connect пакетот со 5-инчно радио со USB, 6 звучници, Bluetooth поврзување и контроли на управувачот, и уште многуте други ситници кои навистина го прават возилото привлечно.
Не смееме да ги заборавиме ниту ESP системот за стабилност, ABS системот против блокирање на тркалата и многуте воздушни перничиња – сите кои придонесуваат за одличниот резултат на EuroNCAP тестовите.
Секогаш сме тврделе дека за секое возило постои мотор кој совршено му одговара – а за Ibiza тоа е токму 1.2-литарскиот TSI турбо бензинец кој во оваа конфигурација нуди 90 коњски сили и гарантира повеќе од адекватни перформанси. Малиот бензинец тотално го трансформира карактерот на Ibiza и ја претвора во она што треба да биде – привлечен и заводлив мал градски автомобил. За волја на вистината, и опремата си го прави своето – па малата Ibiza во оваа конфигурација одличен пакет. Возбудливиот шпански карактер е само бонус!
- 1.2-литарски атмосферски бензински мотор
- Моќност: 90 коњски сили / 4400 вртежи во минута
- Вртежен момент: 160 Nm / 1400 вртежи во минута
- Максимална брзина: 184 км/час
- Забрзување 0-100: 10.7 секунди
- Должина: 4061 mm
- Ширина: 1693 mm
- Висина: 1445 mm
- Тежина: 1089
- Меѓуоскино растојание: 2469 mm
- Багажен простор: 292 литри
- Потрошувачка: 7.8 литри на 100 километри (измерена, градска); 6.8 литри на 100 км (официјална, градска)
- Цена на тестираниот модел: Seat Ibiza 1.2 TSI Style VelvetPack – 13.900 Евра
Повеќе информации: SEAT.com.mk
Фотографија: Дејан Маликовски