ТЕСТ: Peugeot 208 1.2 PureTech Active – Надвор од нормите! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 208 1.2 PureTech Active – Надвор од нормите!

Малиот француски хечбек го доби својот официјален фејслифт, но и нови можности за персонализација. Поминавме неколку дена со Peugeot 208 кој неизбежно привлекуваше погледи на улиците – и има зошто!

Ова не ни е прв пат зад воланот на малиот Peugeot 208 – веќе го возевме 208 кога за прв пат се појави, и тоа опремен со економичниот 1.4-литарски HDI. Денес пред нас е фејслифтираната верзија за која Peugeot ветува многу – покрај визуелните измени, во понудата се добиваат и освежени мотори, но и многу повеќе опции за персонализација.

Трепнете и ќе ги пропуштите визуелните измени, но бојата и „дреч-зелените“ детали се неизбежни!

peugeot-208-carclub-frontrear

Да започнеме од визуелните освежувања. Да бидеме искрени – трепнете и ќе ги пропуштите. Многу измени нема – вистинските фанови на Peugeot ќе забележат нова маска на ладилникот, малку изменети предни светлосни групи и дискретно затегнати брчки околу целиот автомобил. Инаку, формата и димензиите остануваат неизменети. Сепак, ниту тоа што е тука не е за потценување – Peugeot 208 наликува на легендарниот 206 и изгледа привлечно и урбано, особено во комбинацијата на бои на нашиот тестен автомобил.

peugeot-208-carclub-rear

Всушност, токму тука нашиот автомобил се издвојува од конкуренцијата. Мат-сивата боја на „нашиот“ 208 изгледа несекојдневно и интересно, а кога на приказната ќе се додадат и неонски-зелените детали, комбинацијата е вистински урбан хит. Нам во оваа комбинација 208 ни изгледа модерно и привлечно – но би посакале број-два поголеми фелни и можеби малку пониска суспензија за сликата на урбана бубачка да биде целосна.

peugeot-208-carclub-frontemblem

Дополнителен детал кој е интересен е тоа дека бојата е текстурирана – и кога ќе ја допрете со прстите ќе почувствувате интересен релјеф. Храбар потег на Peugeot – но нам ни се допаѓа и се надеваме дека францускиот производител ќе го постигне саканиот ефект кај помладата популација.

Типично-француски ентериер – комфорен и полн светлина

peugeot-208-carclub-interior1

Ентериерот е типичен за Peugeot – во контекст на класата е просторен и комфорен. Седиштата не само што изгледаат привлечно, туку нудат и комфор и доволно поддршка. Ќе забележиме на некои од пластиките во ентериерот кои би можеле да бидат малку поквалитетни, а би посакале и управувач обложен со кожа.

peugeot-208-carclub-interior2

Кога веќе зборуваме за управувачот, Peugeot продолжува да го вградува малиот управувач во 208, кој или ви се допаѓа, или не. Иако знае да биде малку проблематичен и да го попречува погледот кон инструментите, нам ни се допаѓа бидејќи чувството зад воланот е како во картинг.

Поврзано:  Peugeot ја комплетира електричната понуда со новиот Е-408

peugeot-208-carclub-interior3

На задната клупа ќе се сместат двајца патници за кои ќе има доволно простор – како за колената, така и за нивните глави. Багажниот простор нуди капацитет од 285 литри. Некои од поновите конкуренти можеби нудат за нијанса повеќе багажен простор, но разликата не е премногу голема и 208 продолжува да биде меѓу најдарежливите во класата. Дополнителен позитивен детал кој вреди да го истакнеме е широкиот отвор на багажникот кој олеснува внесување и на поголеми предмети, и покрај релативно високиот раб.

peugeot-208-carclub-trunk

Како што и очекувавме, 208 е во својот вистински елемент на градските улици

208 е во својот вистински елемент токму на градските улици. Супер-лесниот серво управувач и одличната прегледност го прават маневрирањето навистина лесно. Менувачот е малку непрецизен, но е мек и менувањето брзини во градскиот метеж воопшто не претставува проблем. На отворен пат забележавме малку повеќе бучавост, но со оглед на класата во која припаѓа 208 – ништо страшно ниту полошо од директните конкуренти.

Управувањето е директно, но бидејќи суспензијата е ориентирана кон комфор се забележува малку повеќе навалување во свиоци при подинамично возење. Од друга страна, меката суспензија одлично ги апсорбира нерамнините од нашите улици и рафинираноста е меѓу подобрите во класата.

„Стотка“ за 12.2 секунди, 178 километри на час

peugeot-208-carclub-sidemirror

Нашиот тестен модел дојде опремен со 1.2-литарски PureTech бензинец кој нуди 82 коњски сили и 118 Nm вртежен момент. Бројките можеби делуваат ниски, но со овој мотор малиот (и лесен) 208 постигнува 100 километри на час за респектабилни 12.2 секунди и ќе продолжи да забрзува сè до максималните 178 километри на час. Моторот работи прилично тивко и рафинирано, но почнува да станува погласен кога ќе побарате малку повеќе перформанси од него. Од друга страна, движењето со него низ град е лесно и ние измеривме потрошувачка од околу 7 литри на 100 километри во градски услови – малку повеќе од официјалните 5.5 кои ги декларира Peugeot.

Поврзано:  Peugeot станува официјален едукативен партнер на Under the Pole програмата за подводно истражување

peugeot-208-carclub-siderearlight

Доволно опрема, врвна безбедност, одлични можности за персонализација

Од опремата во тестниот автомобил, вреди да се истакнат интересната боја која веќе ја споменавме, централното заклучување, електричното придвижување на предните прозорци, алуминумските тркала, светлата за магла, LED дневните светла, мултимедијалниот уред со 6 звучници, USB, Bluetooth поврзување, команди на управувачот и MirrorScreen опција за поврзување со паметен телефон, автоматскиот клима уред, темпоматот, и уште многу други ситници кои се навистина значајни во овој сегмент.

Ниту безбедноста не смееме да ја занемариме, која е одлична благодарение на сериски-достапните ESP, ABS и EBD системи, како и AFU системот за асистенција при нагло кочење. Дополнително, 208 стандардно доаѓа со воздушни перничиња за возачот и совозачот, странични воздушни перничиња и странични воздушни завеси. Peugeot 208 освои максимални 5 ѕвездички на EuroNCAP тестовите уште кога за прв пат се појави на пазарот во 2012.

peugeot-208-carclub-euroncap

Малиот Peugeot 208 секогаш бил интересен избор, а со новите можности за персонализација и освежените мотори е уште попривлечна опција. Францускиот хечбек секогаш бил интересна алтернатива во класата и неговата популарност нити смее да се негира, ниту пак да се заобиколи. Понудата на простор е меѓу најдобрите во класата и 208 е идеален избор за оние кои преферираат комфор – а за оние кои сакаат спортски перформанси – слободно разгледајте го 208 GTi!

  • Мотор: 1.2-литарски атмосферски бензинец, 3 цилиндри
  • Моќност: 82 коњски сили
  • Вртежен момент: 118 Nm
  • Максимална брзина: 178 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.2 секунди
  • Должина: 3965 mm
  • Ширина: 2004 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1460 mm
  • Тежина: 1168 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2538 mm
  • Багажен простор: 285 литри
  • Потрошувачка: 5.5 литри на 100 километри (официјална, градска), 7.2 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Peugeot 208 1.2 PureTech Active  – 13.280 Евра
    Повеќе информации: Peugeot.com.mk
Поврзано:  Peugeot станува официјален едукативен партнер на Under the Pole програмата за подводно истражување

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.