ТЕСТ: BMW X1 20d Xline Xdrive – Изненадувачки динамичен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW X1 20d Xline Xdrive – Изненадувачки динамичен!

Втората генерација на најмалиот член на семејството X на BMW пристигнува во интересен период – кога конкуренцијата кај малите премиум кросовери станува посилна секој ден. Ние поминавме неколку дена и неколку стотици километри токму со новиот X1, за подобро да ги запознаеме неговите можности!

Еволутивниот пристап на развивањето автомобили од една генерација во друга често се покажува како успешен – но од време на време потребно е целосно да се искине книгата со правила и да се почне од самиот почеток. Верувале или не – токму тоа се случи со новиот X1 – кој иако носи веќе познато име, е целосно нов автомобил.

Целосно нов автомобил, со целосно нова платформа!

bmw-x1-carclub-rear1

Првата генерација се појави во 2009-тата година, и беше изградена врз основата на тогашната Серија 3 на баварскиот производител. Автомобилот можеше да се пофали со одлична возна динамика, благодарение на одличната платформа – но во сите други сегменти заостануваше зад директните конкуренти. Со добро научени лекции и цврсто решени да понудат подобар и покомпетитивен продукт – луѓето од BMW решија да започнат од празен лист хартија со новиот X1 – и токму тоа го направија!

Да започнеме од основата. BMW X1 ја дели UKL платформата со BMW 2 Series Active Tourer и новиот Mini Clubman. Тоа значи дека новиот X1 е примарно автомобил со погон на предните тркала. Секако, доколу изберете Xdrive (каков што имаше и нашиот тестен автомобил) тогаш добивате одличен погон на сите четири тркала. Но придобивките од новата платформа се значителни, и одат подалеку од она што очекувавме – благодарение на попречно (наместо надолжно) поставениот мотор зголеменото меѓуоскино растојание, иако новиот X1 е пократок, нуди повеќе простор во кабината, но и повеќе багажен простор. Сето тоа значи подобрен комфор и подобрена практичност.

Достоинствен и привлечен дизајн, со впечатливи линии и истакнат динамичен карактер

bmw-x1-carclub-side

Но сепак, пред да зборуваме за ентериерот, да зборуваме малку за екстериерот. Веќе спомнавме дека новиот автомобил е пократок, но истовремено е и поширок и повисок од својот претходник. Тоа му дава подинамична, „побумбареста“ форма и повеќе асоцира на SUV во однос на минатата генерација. Формата е привлечна и достоинствена – на предниот дел впечатливи се големите, хоризонтални светлосни групи од кои продолжува карактерната линија околу целиот автомобил, која пак завршува во задните светлосни елементи со интересна тродимензионална графика.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: BMW Серија 1 M135 (и 120): Нова генерација на ултимативниот хот хеч

Големите отвори за воздух на предниот дел навестуваат дека се работи за автомобил кој има динамичен карактер, двојните завршетоци на издувниот систем го евоцираат спортското минато на BMW, а големите 18-инчни тркала на нашиот тестен модел одлично ја комплетираат севкупната слика за X1.

Спортски ентериер со доволно простор, паметни решенија и врвна ергономија

bmw-x1-carclub-interior1

Сега веќе можеме да зборуваме и за ентериерот. Кога ќе ја отворите возачката врата ќе ве пречека луксузен ентериер со нескриени спортски аспирации. Сместени во возачкото седиште, лесно најдовме комфорна позиција за возење. Седењето е пониско во однос на конкуренцијата, како што и очекуваме од едно BMW. Иако во нашиот тестен модел ги немаше спортските седишта кои толку многу ни се допаднаа кај Серијата 1 и Серијата 3 кои неодамна ги возевме, сепак изгледаат одлично, нудат врвен комфор и повеќе од доволно поддршка и за подинамично возење.

bmw-x1-carclub-interior4

Очигледно е дека инспирацијата за X1 е влечена директно од поголемите браќа во Семејството Х, па сега Х1 асоцира на големиот Х5. Пластиките и останатите материјали со кои се обложени површините во ентериерот се квалитетни и фини на допир, а ергономијата е на врвно – германско – ниво. Како што напоменавме – патниците позади сега имаат уште повеќе место, благодарение на лизгачката задна клупа, но и можноста за нагодување на аголот на наслонот.

Дополнителен детал кој ни се допадна се „вдлабнатините“ во задниот дел на предните седишта кои ослободуваат уште повеќе простор за нозете на патниците на задната клупа – внимателно, и пред се – паметно решение. Од друга страна, проблематично би било на задната клупа да се сместат тројца патници – највеќе заради широкиот и висок централен тунел во кој е сместен преносот кон задните тркала.

bmw-x1-carclub-interior2

На возачот и патниците им стојат на располагање одлични 505 литри багажен простор. Багажникот е со правилен отвор и нема никаков раб, па товарење и на поголеми предмети е лесно. Одлично е и двојното дно на багажниот простор кое можете да го искористите за да „скриете“ нешто, а целиот багажен простор „нараснува“ на 1550 литри кога ќе ги спуштите задните седишта. Спуштањето на задните седишта е едноставно – сè што треба да направите е да повлечете една рачка и веќе го имате на располагање целиот багажен простор.

Зад воланот не е како кај SUV, туку како кај докажан баварски седан!

bmw-x1-carclub-interior-bagaznik

Она што изненадува кај Х1 е чувството зад воланот. Кога сте зад воланот на најмалиот баварски SUV, нема да се чувствувате како да сте во некој теренец – туку како да сте во автомобил. Х1 нуди одлична динамика во свиоци, без скоро никакво навалување на страна. Онаму каде кај конкурентите се чувствуваат теренските гени и неизбежната нестабилност во однос на класичните автомобили, X1 се однесува неутрално и нема наклонетост ниту кон подуправување, ниту кон надуправување.

Поврзано:  ТЕСТ: BMW X2 M Sport xDrive 20d - Компетентен, динамичен и контроверзен!

Секако, доколку ги надминете границите на можностите на X1, тука се многуте безбедносни системи кои ќе го направат најдоброто што можат да ве извадат од несаканата ситуација – но да бидеме искрени, треба навистина да бидете несоодветни зад управувачот за да го извадите Х1 од својот елемент. Управувањето е директно и прецизно, но без премногу информации од подлогата. Сепак, тоа е нешто кое веќе сме навикнати да го очекуваме, и не смееме да го истакнеме како вистинска забелешка.

bmw-x1-carclub-front

Возејќи низ град, останавме позитивни импресионирани од прегледноста на Х1 – благодарение на големите стаклени површини, но и одличната возачка позиција. За маневрирање и паркирање свој придонес имаат и сензорите за паркирање, секако, но Х1 не е тежок автомобил за управување низ урбаниот метеж. Суспензијата иако е поцврста, лесно ги впива нерамнините кои се типични за нашите улици, па и возењето е комфорно.

На отворен пат можете самоуверено да возите и на повисоки брзини – бидејќи како што веќе споменавме – Х1 не се однесува како типичен SUV. Бочниот ветер нема да има преголемо влијание, а довербата која ќе ја имате во автомобилот е бесценета.

Моторот и менувачот имаат одлична соработка – перформансите се секогаш достапни

bmw-x1-carclub-rear2

Нашиот тестен автомобил дојде опремен со турбодизел мотор кој нуди одлични 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент од своите 2 литри зафатнина. Во соработка со автоматскиот менувач со 8 брзини и Xdrive погонот на сите четири тркала, X1 20d забрзува до 100 километри на час за одлични 7.6 секунди и постигнува максимална брзина од повеќе од респектабилни 216 километри на час. Благодарение на вртежниот момент кој е достапен од само 1750 вртежи во минута, перформансите се достапни во скоро секој момент, а автоматскиот менувач работи незабележително и веднаш е подготвен да смени степен на пренос за да ви ги даде перформансите кои во тој момент ви се потребни.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: BMW M5 Touring - Мега-караван со 727 коњски сили!

Според официјалните податоци, Х1 20d троши 5.8 литри на 100 изминати километри – бројки кои се можеби малку преоптимистички – ние измеривме потрошувачка од околу 8 литри во градски услови.

Многу опрема, одлична безбедност – 5 ѕвездички на EuroNCAP

bmw-x1-carclub-interior3

Тестниот автомобил со кој поминавме неколку дена дојде навистина одлично опремен. Вреди да се истакне Xline пакетот кој вклучува спортски управувач, седишта во комбинација од штоф и кожа, 18-инчни алуминумски фелни, надворешни детали во мат-сребрена боја, автоматско отворање на багажната врата, електрично-преклопливи ретровиори со автоматско затемнување, затемнети стакла, LED предни светла, автоматска двозонска клима, темпомат, и уште многу, многу други ситници.

Секако, ниту безбедноста не е занемарена – во понудата се стандардни еден грст воздушни перничиња, систем против блокада на кочниците, систем против пролизгување, систем за одржување на стабилноста и уште многу други детали кои придонесуваат за активната и пасивната безбедност – всушност, BMW X1 освои максимални 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата.

bmw-x1-euroncap

На самиот крај, мораме да дозволиме заклучокот да се наметне самиот по себе – BMW темелно го измени и подобри Х1! Новата платформа нуди повеќе простор и повеќе практичност без да жртвува од динамичноста. Истовремено, привлечниот дизајн и економичниот но моќен мотор се силни атрибути кои дополнително сведочат за комплетноста на новиот најмал SUV од Баварија. Навистина ни е тешко да најдеме некаква забелешка за Х1 – бидејќи премиум гените се тука, а динамичноста и забавата зад воланот се на самиот врв во класата. BMW има вистински победник во своите раце!

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 190 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 216 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.6 секунди
  • Должина: 4439 mm
  • Ширина: 2060 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1612 mm
  • Тежина: 1625 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2670 mm
  • Багажен простор: 510 литри
  • Потрошувачка: 5.8 литри на 100 километри (официјална, градска), 8.0 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: BMW X1 16ds – 28.980 Евра
  • Цена на тестираниот модел: BMW X1 20d Xline XDrive  – 51.650 Евра
    Повеќе информации: BMW.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.