ТЕСТ: Renault Kadjar 1.5 dCi – Јапонски гени, француски карактер! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Renault Kadjar 1.5 dCi – Јапонски гени, француски карактер!

Францускиот производител на голема врата влегува во сегментот каде докажаната конкуренција доминира – па да видиме што всушност новиот Renault Kadjar може да понуди?

Renault-Nissan алијансата има силни адути – а меѓу нив се вбројува огромното искуство кога станува збор за правење на практични и привлечни автомобили кои успеваат да ги задоволат потребите на широк спектар на купувачи. Меѓу нив, најистакнати се токму SUV моделите кои веќе неколку години по ред поставуваат стандарди во својата класа.

Инспириран од успехот на Qashqai, Renault одлучи да понуди свој модел базиран на истата архитектура, но без притоа само да ја смени значката на својот јапонски роднина, туку да ги искористи најсилните адути на Qashqai и да понуди свој, уникатен модел кој треба да ги освои купувачите со докажаните мотори, робустната платформа и привлечниот дизајн.

renault-kadjar-carclub-rearside

Renault e под полна пареа изминативе неколку години и скоро сите модели изгледаат одлично!

Во ред, да почнеме токму таму – дизајнот. Воопшто нема да претераме ако кажеме дека ова е еден од најпривлечните модели во класата. Всушност, Renault е во полна пареа изминативе неколку години и скоро сите модели на францускиот бренд изгледаат одлично, современо и привлечно. Ако до пред неколку години моделите на Renault не ни беа меѓу омилените кога станува збор за дизајнот, со новите модели Renault како да доживеа ренесанса и во моментов скоро и да нема модел кој не изгледа одлично!

renault-kadjar-carclub-side

Kadjar изгледа модерно и привлечно од скоро секој агол. Ние би ја заобиколиле белата боја и би ја избрале одличната црвена боја со која и беше лансиран моделот, но инаку – тешко е да се најде замерка. Од напред доминираат хоризонталните светлосни групи и големиот знак на Renault кој гордо стои на средината на отворот за воздух. Карактерната линија се провлекува по страничните панели и високите „рамења“ над задните тркала му даваат на автомобилот одлична доза на спортска динамичност. На задниот дел се истакнуваат интересните светлосни групи кои имаат интересна длабочина и тродимензионалност, но не ни се допадна големата црна пластика која го пресекува задниот браник – сепак, сигурни сме дека овој ефект значително ќе се намали со избирање некоја попривлечна боја.

Светол и комфорен ентериер!

renault-kadjar-carclub-frontseats

Отворете ја широката возачка врата и ќе ве пречека ентериер кој е неизбежно француски – модерен и авантгарден, но беспрекорно комфорен. Сместете се во возачакото седиште и ќе откриете дека Kadjar е комфорен и прегледен автомобил. Благодарение на големите стаклени површини во ентериерот има навистина многу светлина. Некои од пластиките би можеле да бидат пофини на допир, но немаме големи забелешки во тој поглед.

renault-kadjar-carclub-interior1

Ниту пак од ергономски аспект имаме многу забелешки. Како што напоменавме, лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, прегледноста е одлична – освен директно кон задниот дел, но на тоа сме веќе навикнати – и сите контроли се прилично лесни и разбирливи. Единствено малку е нејасно поставувањето на прекинувачот за темпомат и ограничувач на брзина долу ниско на централната конзола, веднаш до прекинувачот за (електронската) рачна кочница – но немаме ниакви други замерки. Особено ни се допадна рачката од менувачот која одлично димензионирана и е вистинско задоволство да се користи прецизниот рачен менувач.

Поврзано:  Во салонот на Renault пристигна освежениот Captur

renault-kadjar-carclub-rearseats

На задната клупа има повеќе од доволно простор – а тоа се должи на одличното меѓуоскино растојание. Како и кај сите овие автомобили од оваа класа, ако треба ќе собере тројца на задната клупа – но да бидеме искрени, не би го препорачале тоа на подолги патувања. Простор за колената има многу, а исто и за главите за патниците на задната клупа. Ниту багажниот простор не е мал – благодарение на малку подолгиот заден надвисок, Kadjar има малку повеќе багажен простор од својот јапонски брат – вкупно 472 литри, кои нараснуваат на 1478 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.

renault-kadjar-carclub-trunk

Не очекувајте спортска динамика – Kadjar е комфорен и практичен SUV!

Како што веќе напоменавме – Kadjar е лесен за возење благодарение на големите стаклени површини, па ниту маневрирањето во град не е особено тешко. Секако, како и кај сите автомобили со овие димензии – препорачуваме да нарачате сензори за паркирање. Доколку сакате да возите подинамично ќе забележите дека е нагласено навалувањето во свиоци, но тоа и може да се очекува од ваков автомобил – сепак, Kadjar не е наменет да биде спортско возило, туку практичен фамилијарен SUV. Како резултат на тоа, суспензијата одлично ги впива нерамнините од македонските патишта, па возењето е мирно и опуштено – без непотребни вибрации. Мораме да го истакнеме и одличниот лимитер на брзина кој останува активиран и кога ќе го исклучите и повторно ќе го вклучите возилото – одлично за возење низ град каде добивме нови ограничувања на брзините.

renault-kadjar-carclub-details

Возењето на отворен пат е опуштено благодарение на суспензијата која е ориентирана кон комфор. Се забележува малку зголемена бучавост од страничните ретровизори, но тоа е неизбежно за толку голем автомобил.

Поврзано:  Официјално отворен новиот продажен центар на Dacia и Nissan

Задолжен за придвижување на нашиот тестен модел беше 1.5-литарскиот dCi кој од своите четири цилиндри извлекува 110 коњски сили и 260 Nm вртежен момент. Максималната моќност е достапна при 4000 вртежи во минута, додека максималниот вртежен момент од само 1750 вртежи во минута. Моторот соработува со 6-степен мануелен менувач и со него Kadjar постигнува 100 километри на час за 11.9 секунди, додека максималната брзина е 182 километри на час. Она што особено нè израдува кај Kadjar е исклучително економичниот мотор – Renault ветува потрошувачка од само 4.1 литар гориво според NEDC, и иако ние не успеавме да возиме толку економично, сепак измеривме потрошувачка од само 5.9 литри на 100 километри во градски услови – одличен резултат!

Солидна опрема, одлична безбедност!

renault-kadjar-carclub-side3

Тестниот модел со кој поминавме неколку дена дојде солидно опремен. Ќе ги истакнеме комфорните кожни седишта, LED дневните светла, клима уредот, темпоматот и лимитерот за брзина, управувачот и менувачот обложени со кожа, дигиталниот дисплеј, сензорите за паркирање, привлечните 17-инчни фелни, keyless системот (со најголемиот клуч во историјата на автомобилите), старт/стоп системот, автоматски долги светла и уште многу, многу други ситници. Вреди да се истакне и безбедноста на Kadjar која е повеќе од одлична, за што придонесуваат многуте активни и пасивни системи за безбедност, како и целата лепеза на воздушни перничиња. За безбедноста на Kadjar зборува и одличниот резултат од 5 освоени ѕвездички на EuroNCAP тестирањата.

renault-kadjar-carclub-euroncap

Влезот на Renault во сегментот е очекуван и успешен. Користејќи докажана технологија од својот јапонски роднина, Renault успеа на пазарот да понуди автомобил во сегмент кој е сериозно компетитивен, без притоа во било кој сегмент да каска зад конкуренцијата. Привлечниот дизајн, безбедноста и економичноста се силни и примамливи адути – па со задоволство можеме да го препорачаме Kadjar. Не е наменет за оние кои сакаат динамично возење, но тоа и не е поентата – Kadjar е одличен семеен SUV кој може многу да понуди!

  • Мотор: 1.5-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 110 коњски сили
  • Вртежен момент: 260 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 182 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.9 секунди
  • Должина: 4449 mm
  • Ширина: 2058 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1613 mm
  • Тежина: 1380 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2646 mm
  • Багажен простор: 472 литри
  • Потрошувачка: 4.1 литри на 100 километри (официјална, градска), 5.9 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Renault Kadjar X-MOD Energy dCi 110 4×2 – 26.790 Евра
    Повеќе информации: Renault.mk
Поврзано:  КОНЦЕПТ: Renault Embleme е технолошки шоукејс на хибриден водороден погон

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.