Брзо по светската премиера, и кај нас пристигна новиот Land Rover Discovery Sport – а ние имавме можност да поминеме малку време со овој претставник на британската буржоазија!
Discovery Sport е замена за добро-познатиот Freelander, па како таков модел има прилично сериозна задача. Треба да ја продолжи традицијата која ја постави Freelander – да понуди одлични теренски способности, но истовремено да ја задржи аурата на резервирани гордост и достоинство кои се неизбежно поврзани со брендот.
При првиот контакт, силен впечаток остава дизајнот. Discovery Sport дискретно но без сомнение наликува на своите браќа кои како дел од своето име носат Range Rover. Сепак, помеките линии му даваат и доза на смиреност и модерност – а тоа нам ни се допаѓа. Она што ние би го заобиколиле е белата боја – не дека белата боја не му прилега – напротив, во нашите очи одлично изгледа – но има толку подобри бои кои се дел од понудата.
На предниот дел доминираат засечените светлосни групи и големите решетки на отворите за воздух. Големите, хоризонтални решетки дефинитивно евоцираат спомени на моделите на Land Rover од минатото, но и легендарниот Defender, додека заострените светлосни групи наликуваат на Evoque. Гледано од страна, доминираат чисти линии без непотребни прекршувања, а детал кој особено ни се допадна е ц-столбот кој е „издвоен“ од кровот и дава интересна доза на динамичност.
На задниот дел доминантна улога имаат големите задни светлосни групи кои изгледаат интересно, но според нас се малку предимензионирани. Сè на сè – успешно изведен дизајн кој успева да изгледа модерно, но истовремено ги евоцира сите потребни спомени на легендарните модели на брендот и поставува директна асоцијација меѓу Land Rover и „поскапиот“ Range Rover. Браво!
Во ентериерот продолжува истата приказна за аристократска гордост. Големите седишта нудат одличен комфор, а скоро сите површини во ентериерот се обложени со фини материјали (иако има некои пластики кои би сакале да се помеки на допир). Главниот збор во ентериерот е минимализам – нема непотребни детали, а сите контроли се јасни и лесни за користење. Прегледноста е добра, со оглед на димензиите на Discovery Sport, а повеќе од доволно простор има и на задните седишта. Единствена забелешка која ја имаме е на фактот дека автомобил од овој ценовен ранг и со вакво педигре – дојде со мануелен клима уред!
Од друга страна, многу ни се допадна менувачот преку кој со вртење бирате меѓу брзините, како и лесниот Terrain Response систем за одбирање на режимот на возење (обичен, теренски, итн..). На возачот и на патниците им стојат на располагање 981 литар багажен простор (мерено до кровната линија) – бројка која расте до одлилни 1698 литри кога се спуштени задните седишта.
Низ град, Discovery Sport се однесува како што можете да очекувате – како голем, но не преголем SUV. Возењето е лесно благодарение на лесниот серво-управувач и меките педали, како што веќе напоменавме – прегледноста е прилично добра, а автомобилот одлично се справува со градскиот метеж и суспензијата без приговор ги апсорбира сите нерамнини од градските улици. Одлично се покажа и 9-степениот автоматски менувач кој ги менува брзините без никаква непријатност. Не очекувавме менувач со 9 брзини – и пријатно бевме изненадени.
Одличниот менувач е поврзан со 2.2-литарски турбодизел кој испорачува 150 коњски сили и моќен вртежен момент од 400 Nm. Моторот не е најрафинираниот на светот, но му овозможува на Land Rover Discovery Sport да забрза до 100 километри на час за 11.7 секунди и да постигне максимални 180 километри на час. Во ред, тоа и не се некои спектакуларни перформанси, но се сосема доволни во реалниот свет и луксузниот теренец сосема суверено се движи во сообраќајот, а притоа да троши нешто над 8 литри на 100 километри во градски услови. На автопат е прилично тивок благодарение на звучната изолација, а и не забeлежaвме многу големо влијание на бочен ветер.
Надвор од асфалтот Discovery Sport е без компромиси – ние побаравме терен на кој некои други конкуренти не би можеле да се движат – и го добивме она што го очекувавме. Discovery Sport без никакво размислување ги покорува нерамнините и доминира со теренските предизвици – за оние кои сакаат теренец со вистински теренски способности – ова е изборот! Едноставно – изберете на каков терен се возите, вперете го управувачот во насоката во која сакате да се движите и притиснете ја педалата за гас – и тоа е тоа.
Нашиот тестен модел дојде сосема солидно опремен. Ќе ги издвоиме комфорните кожни седишта, Terrain Response системот, автоматскиот менувач, големиот централен мултимедијален дисплеј, затемнети задни стакла, биксенонски светла, сензори за паркирање со паркинг камера и уште многу, многу други играчки – токму она што му прилега на еден премиум теренец. Да не ги заборавиме ниту одличните резултати кои Discovery Sport ги освои на EuroNCAP тестирањата – каде освои максимални 5 звездички!
Нашето време со Discovery Sport беше кратко, но слатко. Британскиот премиум теренец има навистина што да понуди – почнувајќи од одличните теренски способности, па сè до дизајнот, педигрето и моќниот но економичен мотор. Сето тоа е проткаено низ рафиниран и достоинствен карактер. Вистинско задоволство беше да се биде зад воланот на Discovery Sport – и можеме само да го препорачаме!
- Мотор: 2.2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
- Моќност: 150 коњски сили
- Вртежен момент: 400 Nm / 1750 вртежи во минута
- Максимална брзина: 180 км/час
- Забрзување 0-100: 11.7 секунди
- Должина: 4599 mm
- Ширина: 2173 mm (со странични ретровизори)
- Висина: 1724 mm
- Тежина: 1850 kg
- Меѓуоскино растојание: 2741 mm
- Багажен простор: 981 литри
- Потрошувачка: 5.7 литри на 100 километри (официјална, комбинирана), 8 литри (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Land Rover Discovery Sport 2.2 TD4 S – 57.345 Евра
Повеќе информации: PAZ.mk
Фотографија: Дејан Маликовски