Викендов се одржа втората рунда од меѓуклубскиот шампионат во автомобилизам на единствената кружна патека во Кичево, а како најуспешен со две победи се издвои Орхан Амет.
Иако Орхан имаше потешкотии со неговото возило Yugo 1.6 Hobby на саботните тренинзи, на двете трки од Дивизија 1 се покажа како најподготвен и два пати успеа да ја приграби првата позиција, победувајќи автомобили и од повисоките класи. И на саботната и неделната трка по истиот редослед на второто место позади него заврши Марио Велковски, додека Мартин Делев ја зазема третата позиција.
Во втората дивизија борбата беше далеку пожестока и изобилуваше со многу дуели. На саботната трка Михајло Лазаревски се искачи на врвот од групата, пред второ и третопласираните Виктор Давидовски и Ристо Вуков. Во неделата Давидовски и Ристо Вуков успејаа да се подобрат за по едно место на првата и втората позиција, додека третото место го освои Георги Наков.