Романскиот бренд со француски „газди“ изгради реноме на производител на достапни, но практични и исполнителни автомобили – ние поминавме неколку дена со робустниот и практичен Dokker, опремен со одличниот 1.5-литарски турбодизел од Renault!
Кога во сега веќе далечната 1999-та година Renault ги зема во свои раце уздите на Dacia, многумина гледаа кон тој чекор со огромно ниво на скепса и своевидно неверување во тактиката на францускиот производител. Кога во 2004-тата година на пазарот се појави Logan – тогаш веќе започнавме да обрнуваме повеќе внимание. Renault – преку Dacia, секако – понуди ценовно достапен, но комплетен автомобил. Романската автомобилска револуција – започна!
Она што денес е пред нас е повеќенаменскиот Dokker. Името Dokker доаѓа од зборовите „Dock“ и „Worker“ – и всушност наговестува каква е намената на овој автомобил. Dokker е наменет за оние на кои им е потребен автомобил за секојдневно извршување на работните обврски, но кој истовремено може да понуди доволно простор и практичност за да може да биде и комфорно фамилијарно возило.
Првиот визуелен впечаток е одличен – ако до пред неколку години возилата на Dacia изгледаа преобично и дури малку штуро, Dokker изгледа модерно и авантгардно. Да, тука се забележуваат линиите позајмени од Renault Kangoo, но тоа воопшто не е критика. Stepway опремата доаѓа со дополнителни пластични заштитни панели кои му даваат на Dokker поробустен изглед, а алуминиумските фелни одлично ја комплетираат сликата.
Огромна улога игра и привлечната металик-сина боја која го развеселува автомобилот и го издвојува од реката на бели доставни возила кои ги гледаме низ нашите улици. Нема друг начин да го кажеме ова – во рамките на класата, но и во рамките на брендот – Dokker Stepway има направено значителен чекор нанапред!
Сепак, зборот на денот кога го дискутираме Dokker е „компромис“ – и токму тоа се забележува кога ќе ги отворите вратите и ќе влезете во ентериерот. Простор има на претек – тоа ниту може ниту смее да се негира. Она што се забележува се релативно цврстите материјали со кои се обложени површините – материјалите се квалитетни и најверојатно ќе издржат долгогодишна експлоатација, но не можеме да кажеме дека се особено пријатни на допир. Би посакале да добиеме и управувач (кој кај Dokker се нагодува само по висина, но не и по длабочина) обвиен во кожа – ситен детал кој нам многу ни значи. Седиштата изгледаат привлечно и се релативно комфорни, но не нудат скоро никаква странична поддршка.
Од друга страна, во ентериерот има навистина многу простор! Возачот и совозачот ќе патуваат комфорно, а истото може да се каже и за патниците на задната клупа. Седечката позиција на возачот е како што може да се очекува – се седи прилично високо, благодарение на што прегледноста е одлична. Единствена забелешка во однос на прегледноста имаме кон централниот столб на задната врата – столбот пречи за да можете целосно да гледате што се случува зад вас.
Во ентериерот има многу место за одлагање ситници, а особено е пректичен просторот оставен над главите на возачот и совозачот. Контролите се генерално јасни и интуитивни за користење, но би поскале и автоматско отворање на возачкиот и совозачкиот прозорец. Радио-уредот кој доаѓа со можност за репродукција на MP3 преку USB конекција, како и Bluetooth коненкција за поврзување на вашиот мобилен телефон – практичен детал за луѓето кои ќе го користат Dokker како службено возило. Сепак има една работа која ни пречеше – а тоа е големиот централен круг кој наместо да се користи за намалување или зголемување на гласноста, се користи за менување радио станици – и мал милион пати го сменивме радиото кога само сакавме да слушаме музика малку погласно.
Практичноста е навистина силна страна да Dokker – товарен простор има на претек! Всушност, носивоста е 750 килограми, а со преклопување на седиштата може да се смести товар долг до 1.9 метри! Внесувањето и на поголем товар е лесно бидејќи позади има двојна врата на багажникот, па може да се пристапи и со вилушкар. Одличен детал се и двете лизгачки врати кои дополнително ја истакнуваат практичноста. На возачот и на патниците им стојат на располагање импресивни 800 литри багажен простор.
На пат, од Dacia Dokker ниту можете ниту смеете да очекувате спортски перформанси. Малиот, 1.5-литарски dCI турбодизел доаѓа од гамата на Renault и е вистинска ѕвезда во оваа конфигурација. Моторот нуди 90 коњски сили и одлични 200 Nm вртежен момент, благодарение на кои прилично големиот автомобил достигнува 100 километри на час за 13.3 секунди и постигнува максимална брзина од 163 километри на час. Во градски услови измеривме потрошувачка која се движеше околу 6.5 литри на 100 изминати километри.
Силата се пренесува кон предните тркала преку 5-степен мануелен менувач со прилично прецизен од. Да зборуваме за управливост по свиоци во оваа класа би било непотребно, но сепак вреди да се напомене дека Dokker прилично компетентно се справува со свиоците – во рамките на класата, секако. Патувањето се одвива во релативен комфор, но сепак на нерамен пат стануваат очигледни „гените“ на доставно возило. Исто така – за патување на отворен пат би посакале и уште малку звучна изолација.
Сепак, бидејќи компромис е зборот на денот – се наметнува заклучокот дека Dokker постигнува одличен компромис таму каде е потребно – нуди навистина многу „метал“ за вложените пари, нуди исклучителна просторност и практичност и генерално нуди одлична вредност за парите. Би посакале малку подобри материјали во ентериерот и малку повеќе звучна изолација – но со оглед на сегментот во кој се бори Dokker и конкуренцијата со која се соочува, тоа и не е толку пресудно. Dokker Stepway е одличен избор за оние кои сакаат вистински повеќенаменски автомобил – автомобил кој преку викенд може да биде одличен и комфорен пријател на семејството, но преку работната недела да биде верен, доверлив и способен соработник!
- 1.5-литарски турбодизел, 4 цилиндри
- Моќност: 90 коњски сили / 3750 вртежи во минута
- Вртежен момент: 200 Nm / 1750 вртежи во минута
- Максимална брзина: 163 км/час
- Забрзување 0-100: 13.3 секунди
- Должина: 4363 mm
- Ширина: 2004 mm (со ретровизори)
- Висина: 1852 mm (со кровни носачи)
- Тежина: 1302 kg
- Меѓуоскино растојание: 2810 mm
- Багажен простор: 800 литри
- Потрошувачка: 6.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Dacia Dokker 1.5 dCi 90 S&S Stepway – 16.450 Евра
Повеќе информации: Dacia.mk