Официјално: Volkswagen го претстави новиот Tiguan; најавена и хибридна GTE верзија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Volkswagen го претстави новиот Tiguan; најавена и хибридна GTE верзија!

Volkswagen го откри новиот Tiguan кој ветува повеќе простор, помалку тежина, економични мотори, но најавен е екстремно-економичен хибриден GTE модел!

Благодарение на новата платформа, новиот Tiguan е до 50 килограми полесен од тековниот модел, но истовремено е цели 60 милиметри подолг, 39 милиметри пошриок и 33 милиметри пократок. Просторот во внатрешноста е зголемен и благодарение на 77-милиметри подолгото меѓуоскино растојание. На располагање на патниците им стојат вкупно 520 литри багажен простор (50 литри повеќе од порано) кои нараснуваат на 615 литри со поместување на лизгачката задна клупа, односно вкупно 1615 литри со спуштени задни седишта. Истовремено, Volkswagen најави и верзија со уште подолго меѓуоскино растојание наменета за купувачите во САД и Кина, која ќе има опција за трет ред седишта.

vw-tiguan-rear

Купувачите во Европа ќе можат да изберат меѓу 8 различни бензински и дизел мотори. Бензинците се со ознака TSI и нудат 125, 150, 180 или 220 коњски сили, додека дизелите ќе нудат 115, 150, 190 или 240 коњски сили. Овој, последниот мотор е 2-литарскиот BiTDI кој веќе го знаеме од Passat. Интересно, бидејќи новиот Tiguan ја дели платформата со Golf – можеби VW ќе го понуди BiTDI турбодизелот и во Golf? Останува да видиме.

Tiguan ќе се нуди со погон само на предните, или пак со погон на сите четири тркала. Автомобилот ќе добие нов 4MOTION Active Control систем кој му дозволува на возачот поголема контрола врз погонот, а сите верзии ќе можат да се нарачаат со „теренски“ преден дел кој дозволува поагресивни агли на пристапување при теренско возење.

tiguan-gte

Интересен новитет е Tiguan GTE Concept кој комбинира 1.4-литарски TSI турбо-бензинец и електромотор за вкупна системска моќност од 218 коњски сили. Со овој погон Tiguan GTE може да помине до 50 километри на електрична енергија и на струја да има максимална брзина од 130 километри на час.  Дополнителен новитет е соларниот панел вграден во кровот, кој според Volkswagen може да обезбеди уште 1000 километри годишно кои би се поминале на соларна енергија. Забрзувањето до 100 километри на час трае 8.1 секунда, максималната брзина е 200 километри на час, а комбинираната потрошувачка за Tiguan GTE е само 1.9 литри бензин на 100 километри!

Volkswagen Tiguan & Tiguan R-Line

Volkswagen Tiguan GTE Concept



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.