ТЕСТ: Mazda CX-3 SKYACTIV-G 150 Ultimate AWD – Подготвен за авантури! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda CX-3 SKYACTIV-G 150 Ultimate AWD – Подготвен за авантури!

Доминантната експанзија на јапонскиот бренд продолжува, а најновиот модел во гамата на Mazda е малиот кросовер со ознаката CX-3 – и токму со овој автомобил поминавме неколку дена и отидовме во потрага по авантура!

По сè изгледа, Mazda е на вистинска мисија! Јапонскиот производител во ниту еден момент не го олабавува темпото, и кога не претставува освежени и подобрени верзии на своите тековни модели, нуди модели кои се целосно нови и се тука за да го разнишаат пазарот и да ги поматат сметките на етаблираните конкуренти.

Новиот мал кросовер ја носи ознаката CX-3 и е поставен на платформата на одличната Mazda 2 која неодамна ја возевме. Сепак, разликите се и повеќе од визуелни – CX-3 доаѓа со поголеми и помоќни мотори, опција за погон на сите четири тркала, повеќе опции за опрема и персонализација, но и целосно нов дизајн.

mazda-cx3-carclub-front

Всушност, кај CX-3 ја гледаме еволуцијата на Kodo дизајнерскиот јазик на Mazda, но гледаме и најава за тоа како ќе изгледаат следните модели на брендот. Линиите се затегнати и поостри, а онаму каде кај Mazda 2 има нежни контури, кај CX-3 има заострени рабови и повеќе од мала доза на спортска агресивност.

Веднаш ќе ги забележите позаострените предни светлосни групи и скоро вертикалните светла за магла. Интересно е изведена и предната маска на ладилникој која има странични „крила“ кои како да ги прободуваат предните светла – детал кој можеби ќе го пропуштите на прв поглед, но дефинитивно остава впечаток кога добро ќе го загледате.

mazda-cx3-carclub-rear

Гледано директно од страна, паѓа во очи високиот страничен раб на прозорците кој на автомобилот му дава доза на динамичност, како и заштитните пластики кои пак го прават да изгледа робустно и подготвено за справување со секаков терен. Гледан одзади, повторно вниманието го привлекуваат заострените светлосни групи, но тука се и хромираните завршетоци на издувниот систем и дискретниот спортски спојлер кои само ја потенцираат динамичната страна на CX-3. Сè на сè, ова е успешно-изведен дизајн кој изгледа примамливо од скоро секој агол.

mazda-cx3-carclub-interior1

Во внатрешноста се забележува влијанието на Mazda 2 – распоредот и дизајнот на централната конзола е сличен, иако кај нашиот тестен модел веднаш паѓаат во очи нивото на опременост и високо-квалитетните материјали со кои е покриен ентериерот. Седиштата се комфорни и лесно се наоѓа соодветна возачка позиција, прегледноста е задоволителна, а патниците ќе имаат доволно простор.

mazda-cx3-carclub-interior2

Возачката позиција нуди авторитативен поглед кон патот, а возачот нема да може да се пожали ни на ергономијата – сите команди се разбирливи и лесно достапни. На задната клупа по потреба ќе се стиснат и тројца патници, но да бидеме искрени – задната клупа е предвидена за двајца патници.

mazda-cx3-carclub-interior3

Интересен детал кој беше дел од нашиот тестен модел е и фрижидерот поставен на задните седишта – уред кој може или да ја разлади, или да ја загрее (по потреба) вашата храна. Интересно и практично! Ќе забележиме на недостатокот на автоматско отворање и затворање на сите прозорци – оваа функционалност е достапна само за возачкиот прозорец. На располагање стојат 350 литри багажен простор, кои во нашиот тестен модел беа намалени заради BOSE аудио системот.

Доколку одберете модел со BOSE уред, можете да очекувате 287 литри багажен простор. Багажниот простор е практично обликуван, седиштата се спуштаат за да се добие скоро рамен под, а работ на багажникот не е премногу висок.

mazda-cx3-carclub-trunk

Како и сите други модели на Mazda, и новиот CX-3 има директни придобивки од SKYACTIV технолошките цели на брендот. Јапонскиот производител е посветен кон намалување на тежината на своите автомобили – нешто што има директно влијание како на забавата зад воланот, така и на потрошувачката. Тестниот модел се покажа како автомобил кој навистина се грижи за забавата зад воланот која може да му ја понуди на возачот.

mazda-cx3-carclub-front2

Управувањето е со соодветна тежина, како и навистина прецизно, а и покрај повисоката висина на автомобилот, CX-3 самоуверено и храбро се соочува со свиоците. Секако, тука улога играат и големите фелни и нископрофилните гуми кои само го зајакнуваат спортското чувство, но од друга страна – нема да ви препорачаме да го напуштате асфалтот и да барате екстремни теренски перформанси со оваа комбинација.

Mazda CX-3 комфорно се движи по асфалтираните улици, но поради спортската опрема кај конкретниот модел понекогаш возењето е малку потврдо од очекуваното. Она што можете да го очекувате благодарение на спортските гуми и погонот на сите четири тркала е одлична тракција и импресивно (за кросовер) прилепување во свиоци!

mazda-cx3-carclub-rear2

Нашиот тестен модел дојде опремен со 2-литарски атмосферски бензинец кој нуди 150 коњски сили и 204 Nm вртежен момент. Силата на тестниот модел се пренесуваше кон сите четири тркала преку автоматски менувач. Знаејќи дека мануелните менувачи на Mazda се меѓу најдобрите, ние би избрале мануелен пред автоматски менувач, но и автоматскиот воопшто не беше лош.

Во спортскиот режим на работа подолго ги задржува вртежите пред да префрли во повисок степен на пренос, а забрзувањето е моќно и линеарно. Според официјалните податоци, забрзувањето до 100 километри на час трае 9.6 секунди (односно 8.7 доколку го изберете мануелниот менувач), а максималната брзина е 195 километри на час (200 со мануелен менувач).

mazda-cx3-carclub-exterior-details

Според официјалните податоци просечната потрошувачка на гориво е 6.3 литри на 100 километри, но ние измеривме просечна потрошувачка од 8.6 литри, односно нешто над 9 литри во градски услови на возење. Моторот подготвено реагира на притискањето на педалата за гас, а забрзувањето е придружено од пријатен и спортски звук од издувниот систем.

mazda-cx3-carclub-interior-details

Нашиот тестен модел дојде во највисокото ниво на опрема – Ultimate – и полесно ќе биде да наброиме што нема, отколку што има во него. Сепак, ќе ги издвоиме автоматскиот менувач, мултимедијалниот уред со навигација, ксенонските светла, големите 18-инчни тркала, спортските додатоци на предниот и заден браник, спортските прагови, HUD дисплејот, BOSE аудио системот со 7 звучници, радарски темпомат, систем за автоматско управување со долгите светла, кожни седишта, задна паркинг камера, LED дневни светла и уште навистина многу.

Секако, вреди да истакнеме дека и безбедноста е на високо ниво – тука се сите можни безбедносни системи, мноштво воздушни перничиња, но и системи кои се дополнително корисни – систем за следење на лентата на движење, систем за паметно кочење во град, систем за следење на слепата точка, и уште многу други корисни и практични опции. Во моментот на објавување на овој тест, Mazda CX-3 сè уште не е тестирана од страна на EuroNCAP, но сигурни сме дека ќе има одлични резултати.

mazda-cx3-carclub-top

Отидовме во потрага по авантура, но самото патување ни понуди вистинско задоволство. Задоволството кое Mazda CX-3 го нуди зад воланот едноставно не сме навикнати да го очекуваме кај автомобили од оваа класа – бензинецот нуди повеќе од задоволителни перформанси, а атмосферата зад воланот е спортска и динамична. Ние би одбрале мануелен наместо автоматски менувач, но сето друго би го оставиле исто. Mazda влегува во нови води, но без сомнеж влегува во нив со многу самодоверба – која е повеќе од оправдана!

  • Мотор: 2-литарски атмосферски бензински, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 204 Nm / 2800 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 195 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.6 секунди
  • Должина: 4275 mm
  • Ширина: 1765 mm
  • Висина: 1535 mm
  • Тежина: 1235 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2570 mm
  • Багажен простор: 287 литри
  • Потрошувачка: 6.3 литри на 100 километри (официјална, просечна), 8.5 литри (измерена, просечна)
  • Цена на основниот модел: Mazda CX-3 SKYACTIV-G 120 Challenge 2WD – 19.980 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Mazda CX-3 SKYACTIV-G 150 Ultimate AWD – 34.480 Евра
    Повеќе информации: Mazda.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.