Иџе го победи локалниот херој Властимил Мајерчак на патеката Добшински Копец во Словачка!
Нашиот најдобар спортист Игор Стефановски Иџе на патот кон одбрана на европската титула ја фрапираше и словачката јавност победувајќи го нивниот шампион во групата Н, Властимил Мајерчак во жестока борба на патеката Добшниски копец која беше домаќин на осмата трка од европскиот шампионат на ридски патеки. Со тоа по третот место на претходната трка во Италија нашиот Иџе повторно се врати на највисокото место на пиедесталот.
Иџе беше хендикепиран уште на стартот, за време на тренинзите бидејќи поради големо невреме вториот тренинг беше откажан, па така нашиот ас имаше само едно возење за да се привикне на патеката и да го проба возилото. Неделната трка започна жестоко. Свесен за квалитетите на Мајерчак кој живее токму во близина на патеката и ја познава до перфекцијс, Иџе тргна рафално од сите оружја. Во првото возење со време од 2:58.156 нашиот ас го собори рекордот на патеката за возила од групата Н. Мајечак имаше 2:59.624 во првото возење.
Свесен дека ќе го изгуби приматот на непобедлив на домашната патека во втората трка одговори со нов рекорд од 2:58.038. Иџе одговори со 2:59.238 што беше доволно за да ја задржи предноста од првото возење за голем триумф. Третот место во групата Н го освои Чехот Јири Лос кој не беше дораснат на првите двајца не успевајќи да се спушти под три минути во двете возења.
– Трката беше неверојатна лудница. Знаев дека само со напад на рекордот на патеката можам да се надевам на победа и затоа возев на се или ништо во првото возење. Во второто, поради топлото време почна да попушта меката опција на гуми која ја имав и затоа имав послабо време. Мајерчак за второто возење стави нови гуми во обид да ми ја анулира предноста од првото возење, но не успеа. На крајот ми честиташе и ми рече дека е вчудоневиден од моето време во првото возење и дека досега ваков противник од странство немал на неговата домашна патека – ни изјави Иџе од Словачка.
Сепак ситуацијата во генералниот пласман останува иста бидејќи второпласираниот во генерала, Чехот Јаромир Мали очекувано победи во групата А, па така и тој и Иџе си заминуваат од Словачка со максимални 25 освоени бода, а предноста на Стефановски останува на 19 бода.
Сезоната продолжува веќе следната недела со трката во Германија.