Малиот градски модел на Mazda е меѓу најновите во класата каде конкуренцијата е жестока и квалитетна – како се покажа малата Mazda 2 на нашиот тест?
Можеби нема да знаете, но ова е всушност четврта генерација на компактниот градски хечбек на Mazda, кој во зависност од пазарот на кој се продаваше смени неколку имиња – Demio, 121 или Mazda 2. Амбициите кои јапонскиот производител ги има за малата „Двојка“ се големи – цели кон докажаните модели во класата, па и кон оние поскапите, попремиум примероци – а за да се биде конкурентен таму, треба понудениот продукт навистина да е добар.
Kodo дизајнерскиот јазик на Mazda ни е веќе добро познат – истиот стил се проткајува низ Mazda 6, спортскиот SUV со ознака CX-6, како и компактниот хечбек Mazda 3. Всушност, малата Mazda 2 изгледа како намалена Mazda 3. Дизајнот е храбар – на предниот дел доминираат светлосните групи и хромираните „крилја“ околу маската на ладилникот, додека на бочните површини јасно се гледаат остро-дефинираните карактерни линии кои формираат целина околу автомобилот.
Единствено задниот дел од некои агли изгледа малку „надуен“, но сè на сè, малата Mazda 2 формира успешно дизајнирана, привлечна и забележлива целина. Особено ни се допаѓаат деталите како на пример „прободените“ предни светлосни групи и дискретниот заден спојлер кој на профилот му дава спортска линија. Би сакале еден-два броја поголеми фелни и нашиот избор би била карактеристичната црвена боја на Mazda за сликата да е целосна.
Како и надвор, така и во внатрешноста се забележува сличноста меѓу Mazda 2 и Mazda 3. Инструментите се слични на изглед, но тоа не е критика. Во ентериерот ќе ве пречека комфорен и пријатен амбиент, комфорни седишта и задоволителна прегледност. Инструментите се јасни и прегледни, и ако сте имале било каков контакт со некој друг модел на Mazda, тука ќе се чувствувате како дома. Ќе најдете доволно места за одлагање ситници, а немаме ниту некакви преголеми забелешки во однос на материјалите во ентериерот – некои од пластиките се типично јапонско цврсти, но генерално сите површини се пријатни на допир. Возачите ќе бидат особено задоволни со управувачот кој се нагодува и по длабочина и по височина, па лесно се наоѓа комфорна возачка позиција.
На задната клупа има место за двајца патници – би требало да имаат доволно простор и за главите и за колената. Единствено би можел малку да им смета растечкиот раб на задните врати, но тоа е цената која треба да се плати за несекојдневниот дизајн.
Возачот и патниците ќе имаат на располагање 280 литри багажен простор, односно вкупно 960 литри ако се спуштени задните седишта, но ќе забележиме на високиот раб на багажниот простор кој малку ќе го отежни внесувањето на поголеми и потешки предмети.
На пат е онаму каде Mazda 2 вистински се пронаоѓа себеси. Благодарение на одличната возачка позиција и добрата прегледност, маневрирањето е лесно, а сите контроли претставуваат задоволство за користење – всушност, зошто сите рачни менувачи не може да се волку прецизни? Управувањето е диретно и прецизно, па иако не се пренесуваат премногу информации од подлогата, сепак е вистинско задоволство да се впери Mazda 2 кон некој кривулест пат и да се ужива во насмевките зад воланот.
Пријатно нè изненади и малиот 1.5-литарски Skyactiv-G атмосферски бензинец кој нуди 90 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 148 Nm вртежен момент од 4000 вртежи во минута. Малиот мотор повлекува самоуверено и иако треба да работите со менувачот за да го извадите најдоброто од него, сепак во ниту еден момент не ни недостасуваше моќност, а ниту звукот кој доаѓа од него не е воопшто лош. Бенчмаркот од 100 километри на час се постигнува за одлични 9.4 секунди, а максималната брзина е 183 километри на час. Останавме импресионирани и од потрошувачката – за време на неколкудневното дружење со Mazda 2 измеривме просечна потрошувачка од само 6.3 литри бензин на 100 километри! Без сомневање, голем удел во ниската потрошувачка и забавата зад воланот има и ниската тежина на Mazda 2 – малиот автомобил тежи само 1050 килограми!
Нашиот тестен модел беше навистина богато опремен – со оглед на класата во која припаѓа! Покрај веќе-очекуваните електрични прозорци и ретровизори и клима уред, најдовме и одличен мултимедијален уред со подготовка за навигација, (одлични) ксенонски светла со LED дневни светла, алуминиумски фелни, грст воздушни перници и безбедносни системи, стартување без клуч, темпомат, лимитер на брзината, и уште многу, многу други ситници – навистина е несекојдневно да се најде автомобил со волку опрема во оваа класа. Веќе споменавме дека дел од опремата беа еден грст воздушни перничиња и безбедносни системи – па воопшто не нè изненади одличниот резултат на EuroNCAP тестирањата каде Mazda 2 зема надпросечни 4 ѕвездички!
На самиот крај, сам се наметнува заклучокот дека Mazda во своите раце има автомобил кој е подготвен да им ги замрси конците на конкурентите. Економичниот и изненадувачки агилен мотор, привлечниот дизајн и богатата опременост се одлични асови да се имаат во ракав, а кога на сето тоа ќе се додаде и типично-јапонскиот квалитет и забавата зад воланот, тогаш станува јасно дека малата Mazda 2 е подготвена да се впушти во борба со многу од своите конкуренти, и неретко да биде победник во тој натпревар!
- 1.5-литарски атмосферски бензински, 4 цилиндри
- Моќност: 90 коњски сили / 6000 вртежи во минута
- Вртежен момент: 148 Nm / 4000 вртежи во минута
- Максимална брзина: 183 км/час
- Забрзување 0-100: 9.4 секунди
- Должина: 4060 mm
- Ширина: 1695 mm
- Висина: 1495 mm
- Тежина: 1050 kg
- Меѓуоскино растојание: 2570 mm
- Багажен простор: 280 – 960 литри
- Потрошувачка: 6.3 литри на 100 километри (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Mazda 2 1.5 Skyactiv-G Evolution – 15.980 Евра
Повеќе информации: Mazda.mk
Фотографија: Дејан Маликовски