На врвот на Водно претставена втората генерација на Audi Q7! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

На врвот на Водно претставена втората генерација на Audi Q7!

Денес на врвот на Водно беше соодветно претставен врвот на понудата на луксузниот германски бренд!

Втората генерација на Audi Q7 пристигна во Македонија. Големиот луксузен теренец веќе може да се нарача кај македонскиот импортер на брендот, а ние имавме можност да присуствуваме на официјалната промоција на Q7 пред македонските автомобилски новинари. Пригодно, врвот на понудата на Audi беше претставен на врвот на Водно.

Audi го претставува новиот Q7 како комфорен и спортски, а ние би додале и забележителен. На самиот почеток големиот теренец може да се добие со еден бензински или еден дизел мотор – бензинецот е во форма на 3.0 TFSI Quattro со 333 коњски сили, а доколку сакате дизел можете да го одберете 3.0 TDI Quattro  со 272 коњски сили. Наскоро во понудата ќе биде додаден уште еден 3-литарски турбодизел, но со 218 коњски сили. Цените на бензинецот започнуваат од 87.426 евра, а на турбодизелот со 272 коњски сили од 87.074 евра.

Q7 од неговото појавување па до денес е продаден во преку 500.000 примероци, па 9 години по лансирањето на првиот модел, Audi ја претстави втората генерација. Новиот автомобил е 37 милиметри пократок и 15 милиметри понизок, но нуди значително повеќе простор во ентериерот, како и можност за седум седишта. Дополнително, новиот Q7 е цели 325 килограми полесен од својот претходник – детал кој позитивно се изразува како на возните својства, така и на потрошувачката – според официјалните податоци 272-коњскиот TDI троши само 6.2 литри дизел на 100 километри, а може да постигне „стотка“ за 6.3 секунди!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.