ТЕСТ: Volvo XC60 D5 Summum – Вистинските шведски квалитети – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volvo XC60 D5 Summum – Вистинските шведски квалитети

Поминавме неколку дена со освежениот Volvo XC60 и имавме можност да се запознаеме со вистинските вредности на популарниот SUV на шведскиот производител.

Лесно се случува да се заобиколи Volvo меѓу конкуренцијата. Доминацијата на конкурентите, особено на оние од Германија ги истисна останатите од видното поле на купувачите. Но токму затоа „останатите“ мораа да значително да ги подобрат продуктите кои ги нудат и да претстават на пазарот нешто што покрај тоа што ќе ги понуди истите квалитети како и германските производители, туку и ќе понуди нешто несекојдневно и интересно. Токму тука, во овој сегмент – настапува Volvo.

volvo-xc60-front

Тековниот XC60 и не е толку нов модел. За прв пат се појави на пазарот во 2008-мата година, но минатата година доби прилично значителен фејслифт, па она што денес го возиме има нови браници, нови светлосни групи и дневни светла, нови бои и материјали во ентериерот и грст нови технологии. Кога станува збор за фејслифт – прилично значително освежување, зарем не?

Дизајнот можеби нема да биде по сечиј вкус, но мораме да признаеме дека е несекојдневен.

volvo-xc60-rear

Првиот контакт изнудува восхит. Дизајнот можеби нема да биде по сечиј вкус, но мораме да признаеме дека е несекојдневен. Линиите се меки и се провлекуваат околу целиот автомобил. На предниот дел веднаш се забележува маската на ладилникот која гордо го носи името на Volvo, а околу неа се поставени редизајнираните светлосни групи.

Работ на прозорците се подигнува како што оди наназад, давајќи му на автомобилот интересна доза на динамичност, додека на задниот дел доминираат големите светлосни групи кои се можеби меѓу најзабележителните елементи на дизајнот. Динамичноста е неизбежна – нам ни се допаѓа!

Преовладува чувство на светлина и минимализам кое е во директен конфликт со мрачноста на германските конкуренти.

volvo-xc60-interior1

Ја отвораме возачката врата и она што нè пречекува е непогрешливо – Volvo. Лебдечката централна конзола е тука и можеби најуспешно изведена досега, седиштата се големи и комфорни, а во ентериерот преовладува чувство на светлина и минимализам кое е во директен конфликт со мрачноста на германските конкуренти. Возачкото седиште е навистина комфорно и нуди многу можности за нагодување, па лесно се наоѓа соодветна и прегледна возачка позиција.

Управувачот е приказна за себе – дводелниот дизајн го прави да изгледа скапо и привлечно, а истовремено е обложен со квалитетна кожа и е пријатен на допир. Всушност – целиот ентериер е обложен со квалитетни материјали и се гледа дека е посветено многу внимание на финалната доработка на сите елементи – како што и треба да биде во еден премиум автомобил! Во ред – ние можеби не би избрале светол ентериер, највеќе од практични причини – но мораме да признаеме дека ова е пријатно место за седење, и одлично место за минување многу километри.

Поврзано:  Ова е освежениот Volvo XC90

volvo-xc60-interior2

На предните седишта има повеќе од доволно место за возачот и совозачот, а прегледноста е одлична благодарние на големите стаклени површини. Ергономијата е одлична, а контролите се лесно разбирливи и едноставни за користење. Особено ни се допадна дигиталниот дисплеј поставен пред возачот кој може да биде комбиниран во неколку различни бои, а внимание привлекува и лебдечката централна конзола која е заштитен знак на Volvo и дополнително нуди место за одлагање ситници зад неа.

На задната клупа комфорно ќе се сместат и тројца патници доколку има потреба. Во багажникот на располагање стојат 495 литри багажен простор до линијата на прозорците, односно одлични 655 литри до кровот. Спуштете ги задните седишта и достапни ќе ви бидат дури 1455 литри багажен простор.

Моторот работи навистина рафинирано и мирно без да бидат пренесени никакви вибрации во ентериерот.

volvo-xc60-interior3

Нашиот тестен модел дојде опремен со 2.4-литарски турбодизел со 5 цилиндри, кој ја носи ознаката D5. Врвот на дизелската понуда на Volvo XC60 нуди одлични 215 коњски сили при 4000 вртежи во минута и дури 440 Nm вртежен момент од 1500 до 3000 вртежи во минута. Силата се пренесува кон сите четири тркала преку автоматски менувач. Автоматскиот менувач не е најдобриот на пазарот и понекогаш малку подолго размислува пред да реагира, но генерално без поголеми проблеми се снајде со градскиот метеж, но и возење на отворен пат.

Од другата страна, моторот работи навистина рафинирано и мирно без да бидат пренесени никакви вибрации во ентериерот, а кога поентузијастички ќе ја притиснете педалата за гас, моќно го повлекува големиот (и 1864 килограми тежок SUV) нанапред. Volvo ветува потрошувачка од 8.5 литри во градски услови, но ние успеавме да измериме потрошувачка која се движеше некаде околу 10 литри – сосем задоволително за голем автомобил кој има на располагање 215 коњски сили! Бенчмаркот од 100 километри на час се постигнува за 8.3 секунди а максималната брзина изнесува 205 километри на час.

Резултат на Corner Traction Control се агилност и динамичност која едноставно не сме навикнати да ја очекуваме кај автомобили од овој сегмент.

volvo-xc60-side

Она што изненадува е динамичноста на XC60, и леснотијата со која ја менува насоката на движење. Volvo ја нарекува технологијата Corner Traction Control, и всушност кога овој систем ќе забележи дека автомобилот е во свиок, дискретно ги активира сопирачките на внатрешните тркала. Благодарение на тоа автомобилот многу полесно „влегува“ во свиокот. Резултат на ова се агилност и динамичност која едноставно не сме навикнати да ја очекуваме кај автомобили од овој сегмент, и спортско чувство зад воланот кое оддава доверба во можностите на големиот SUV.

Поврзано:  ТЕСТ: Volvo EX30 Twin Motor Performance AWD Ultra - Најбрзото Volvo во историјата!

Надвор од асфалтот XC60 се однесува самоуверено и без проблем ги прифати и надмина предизвиците кои му ги поставивме – но да бидеме реални – овие автомобили не гледаат сериозна теренска активност – најекстремното теренско возење ќе го имаат кога ќе го напуштат асфалтот да поминат неколку десетици метри до викендичката на сопственикот.

volvo-xc60-bridge

Секако, мораме да зборуваме малку и за опременоста на тестниот автомобил. Покрај кожните седишта, тука беа и адаптивните ксенонски светла кои ги следат вашите инструкции и во свиоци, паркинг сензорите и камерата, мултимедијалниот уред со навигација, клима уред, малиот милион системи за безбедност и асистенција, загреваното ветробранско стакло и уште многу други детали и ситници. Всушност, листата е толку долга, што ќе кажеме само дека автомобилот има сè што ви е е потребно, и сето она кое го очекувате од премиум SUV.

Традиционално асоцираме врвна безбедност со Volvo.

volvo-xc60-front-under

Бидејќи се работи за Volvo, неизбежни се и безбедносната опрема, како и одличните резултати на тестирањата. Традиционално асоцираме врвна безбедност со Volvo, а ниту тука не изостануваат одличните резултати на EuroNCAP тестирањата – Volvo XC60 освои максимални 5 ѕвездички на стандардизираното тестирање за безбедност.

volvo-xc60-euroncap

Меѓу силната конкуренција, тешко е помал производител да се издвои и да ги истакне своите квалитети. Но сепак, кога дизајнот, перформансите, опремата и безбедноста ќе се најдат на едно место, тешко е да се игнорира резултатот. Да, Швеѓаните го разбираат луксузот и премиумот на еден поинаков начин, но тоа не е погрешно – напротив – внесува свеж воздух во класата и нуди нешто различно и невообичаено – избор за луѓе кои сакаат да избегаат од мејнстримот и да бидат видени како луѓе кои размислуваат со своја глава и го одбираат несекојдневниот избор!

  • 2.4-литарски турбо-дизелски мотор, 5 цилиндри
  • Моќност: 215 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 440 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 205 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.3 секунди
  • Должина: 4564 mm
  • Ширина: 2120 mm (со страничните ретровизори)
  • Висина: 1717 mm
  • Тежина: 1864 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2774 mm
  • Багажен простор: 495 – 1455 литри
  • Потрошувачка: 9.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Volvo XC60 D5 Summum – 64.055 Евра
  • Забелешка: Во моментот на објавувањето на овој тест, импортерот одобрува попуст од 10.000 евра на XC60, и дополнително е во тек Nordic акцијата на XC60.
    Повеќе информации: Volvo.mk
Поврзано:  Ова е освежениот Volvo XC90

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.