ТЕСТ: Renault Twingo 0.9 TCe S&S 90 Dynamique – Нов урбан херој! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Renault Twingo 0.9 TCe S&S 90 Dynamique – Нов урбан херој!

Третата генерација на Twingo е радикално различна од она што досега се нудеше – Renault ветува градски автомобил кој ќе ги надмине очекувањата кои ги имаме и ќе понуди нешто сосем различно во овој компетитивен сегмент!

Малиот градски автомобил на Renault се произведува од 1993-тата година, но ова е само трета генерација на Twingo. Првата генерација – ви текнува, оној малиот и несекојдневен автомобил – се произведуваше од 1993-тата, па сè појавувањето на втората генерација со 2007-мата година! Тоа зборува многу за успешноста и популарноста на овој модел, но и желбата на Renault навистина да „го погоди“ наследникот и да понуди автомобил кој е достоен да го носи името Twingo. За волја на вистината, втората генерација на Twingo не беше ниту нешто особено успешна, ниту нешто особено популарна – па затоа по релативно краток период Renault реши да ја замени со новата, трета генерација која носи вистински измени во сегментот.

renault-twingo-side

За прв пат Twingo е со задно-поставен мотор и погон на задните тркала!

Третата генерација на Twingo по многу нешта е навистина нова и револуционерна – за прв пат се нуди Twingo со пет врати (наместо со три), за прв пат има навистина многу можности за персонализација и индивидуализација – и најважно – за прв пат Twingo е со задно-поставен мотор и погон на задните тркала! Сите со кои зборувавме, и на кои им кажавме дека моторот и погонот се позади изреагираа на истиот начин – со неверување и изненадување. Сите сакаа да го видат задно-поставениот мотор и самите да се уверат дека тоа навистина е така.

Новото Twingo ја дели платформата со новиот Smart ForFour на Daimler и обата автомобили се произведуваат во истата фабрика во Ново Место, Словенија. Ова им овозможува на двете компании да ги поделат (и намалат) трошоците за развивање и производство на автомобилите, а истовремено да понудат модел кој е интересна алтернатива на веќе постоечките автомобили во сегментот.

renault-twingo-front

Сепак, пред да зборуваме за придобивките и компромисите од задно-поставениот мотор, да позборуваме за дизајнот на малото Twingo. На прв контакт со автомобилот, можеби и нема да препознаете дека се работи за модел на Renault – Twingo едноставно отстапува од моменталната дизајнерска насока на брендот и не наликува на ниту еден друг модел во гамата. Ова е храбар чекор, бидејќи очигледно целта била на Twingo да му се даде уникатен идентитет.

Поврзано:  Filante Rekord 2025 е електричниот бетмобил на Renault

На предната страна доминираат „поврзаните“ светлосни групи и гордо поставениот знак на Renault на средина, но погледот го задржуваат и интересните LED предни светла. Од страна се забележува интересниот профил и малку превисоката кровна линија која визуелно го издига дизајнот.

renault-twingo-rear

Кога го гледавме Twingo одзади, не можевме а да не се потсетиме на легендарниот Renault 5 Turbo и неговите проширени страници. Рачките на задните врати се поставени во столбовите, па можеби ќе помислите дека Twingo има само три врати – но задниот пар врати значително го олеснува користењето на задната клупа.

renault-twingo-interior

Разиграниот ентериер изнудува весели чувства.

Ако мислевте дека екстериерот е забавен, тогаш ќе бидете многу пријатно изненадени од ентериерот. Разиграниот ентериер изнудува весели чувства, а нашиот тестен модел дојде богато опремен, па можевме да уживаме во управувач обложен со кожа и двобојни детали. Лесно најдовме комфорна позиција за возење, а прегледноста е одлична благодарение на големите стаклени површини и забележливо високата седечка позиција – оние кои сакаат малку поентузијастичко возење ќе побараат за нијанса пониски седишта.

renault-twingo-interior2

Од друга страна, иако се работи за мал автомобил, на предните седишта е неизбежно чувството на просторност и осветленост. На задната клупа е за нијанса потесно и задната страна на седиштата би требало да биде малку понакосена, но сепак тука се работи за мал градски автомобил каде задната клупа и не би се користела толку често. За оние кои се подготвени да жртвуваат малку од (и онака ограничениот) багажен простор, тука е можноста за нагодување на аголот на наслонот на задните седишта.

renault-twingo-rearseats-boot

Особено ни се допадна централно-поставениот носач за мобилен телефон кон доаѓа со прикриен USB приклучок.

Кога веќе зборуваме за багажниот простор – бидете подготвени дека тука нема да добиете многу. Стандардно добивате 188 литри багажен простор, а доколку ги исправите задните седишта добивате вкупно 219 литри – не е многу, но е доволно за еден ваков автомобил. Сместување потешки предмети во багажникот нема да ви биде тешко бидејќи работ од товарниот простор е целосно рамен, но верувајте ни дека нема да очекувате дека петтата врата се отвора преку прекинувач поставен во просторот за задната регистерска табличка.

Од другата страна, ергономијата во ентериерот е одлична и лесно се снајдовме со сите контроли и прекинувачи. Особено ни се допадна централно-поставениот носач за мобилен телефон кон доаѓа со прикриен USB приклучок за да можете лесно да го полните вашиот мобилен уред, а истовремено да го користите како уред за навигација! Паметно решение – и се прашуваме зошто и другите производители не понудат нешто слично?

Поврзано:  Renault го претстави Megane Esprit Alpine

renault-twingo-side-doors

Движењето низ градскиот метеж станува значително полесно, а и самите ќе се изненадите во колку тесни и кратки паркинг-места ќе успеете да го сместите Twingo.

Местото каде Twingo е навистина во својот елемент е урбаното окружување. Бидејќи моторот е поставен одзади, предните тркала имаат значително поголем агол на свртување (стандардно возилата имаат околу 30 степени вртење на предните тркала, Twingo има 45), па маневрирањето во град е изненадувачки и освежувачки лесно. Движењето низ градскиот метеж станува значително полесно, а и самите ќе се изненадите во колку тесни и кратки паркинг-места ќе успеете да го сместите Twingo. Иако ова е мал автомобил, благодарение на одличната маневрабилност  и прегледност – како да се стегнува околу возачот и станува уште полесен за управување. Суспензијата лесно се справува со нерамнините по градските улици и во внатрешноста не се пренесуваат премногу вибрации или удари.

renault-twingo-exterior-details

Ова е она што се бара од мал градски автомобил! Нашиот тестен модел дојде со 0.9-литарски турбо-бензинец кој испорачува 90 коњски сили, па ни перформансите не беа за занемарување – благодарение на 90-те коњски сили и 135 Nm вртежен момент, Twingo постигнува 100 километри на час за респектабилни 10.8 секунди и максимална брзина од 165 километри на час.

Twingo постигнува 100 километри на час за респектабилни 10.8 секунди и максимална брзина од 165 километри на час.

Доколку побарате перформанси од Twingo очекувајте градска потрошувачка од околу 8.5 литри на 100 километри, а доколку сте повнимателни со педалата за гас можете да очекувате потрошувачка од околу 7 литри на 100 километри. За оние кои можеби би сакале малку пониска потрошувачка тука е 1.2-литарскиот атмосферски бензинец, а за оние кои пак ќе сакаат малку поспортски перформанси – имајте малку трпение и причекајте ја неизбежната RenaultSport изведба.

renault-twingo-side2

Оние кои очекуваа спортско возење од Twingo – поради задно-поставениот мотор и погонот на задните тркала – ќе бидат малку разочарани. Надуправување скоро и да нема, а ако успеете да го натерате задниот дел да заигра и да пролизга, ESP системот за стабилност веднаш ќе реагира и ќе го смири движењето на возилото. Сепак, ова е автомобил наменет за поширока потрошувачка и треба да биде безбеден во сите ситуации. Повторно – за оние кои ќе сакаат простор за малку повеќе забава зад воланот – причекајте ја RenaultSport верзијата.

Поврзано:  Renault 5 E-Tech е Европски Автомобил на Годината за 2025!

renault-twingo-interior-details

Нашиот тестен модел дојде навистина богато опремен – стандардната опрема во Dynamique пакетот вклучува Start-Stop систем, мноштво воздушни перничиња и безбедносни системи, систем за помош при тргнување на нагорнини, предни светла за магла и LED дневни светла, централна брава со далечинско, варијабилно серво, клима уред, управувач и менувач обложени во кожа, темпомат и ограничувач на брзина, електрика на предните прозорци и уште многу.

Бидете подготвени на некои компромиси и ќе добиете автомобил кој ќе ги надмине вашите очекувања.

Покрај сето ова, нашиот тестен автомобил имаше и Sport пакет кој носи 16-инчни алуминиумски тркала, алуминиумски педали и рачка на менувачот, детали од екстериерот и ентериерот во црвена боја, некои детали во внатрешноста обложени со кола и уште многу други ситни детали – а сето ова го прави Twingo да изгледа привлечно и дополнително го зголемува уживањето во возењето. Новото Twingo е прилично безбеден автомобил и освои четири ѕвездички на EuroNCAP тестовите за безбедност.

renault-twingo-euroncap

На крајот – кога мораме да донесеме конечен заклучок – се наметнува мислењето дека Renault има вистински победник во своите раце. Бидете подготвени на некои компромиси – како што се помалиот багажен простор и задните прозорци кои се отвораат странично – и ќе добиете автомобил кој ќе ги надмине вашите очекувања. Повеќе од очигледно е дека Twingo е наменет да биде урбан автомобил – а благодарение на маневрабилноста и прегледноста – сигурни сме дека во моментов Twingo е меѓу врвот во класата. Кога на сето тоа ќе се додадат интересниот дизајн, многуте интересни решенија и интересниот мотор, едноставно мораме да кажеме дека луѓето од Renault успешно си ја завршиле работата – конечно имаат достоен наследник на Twingo лозата!

  • 0.9-литарски турбо-бензински агрегат
  • Моќност: 90 коњски сили / 5000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 135 Nm / 2500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 165 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.8 секунди
  • Должина: 3595 mm
  • Ширина: 1646 mm
  • Висина: 1554 mm
  • Тежина: 943 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2495 mm
  • Багажен простор: 188 – 219 литри
  • Потрошувачка: 7.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: 9200 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Renault Twingo 0.9 TCe S&S Dynamique – 13.950 Евра
    Повеќе информации: Renault.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.