Ова не се случува често – во исто време имаме на располагање три прекрасни спортски автомобили со вкупно 1215 коњски сили. Од каде да почнеме?
Ретки се моментите кога имаме можност да повозиме само еден модел на Porsche – но кога на располагање имаме неколку, а три автомобили можеме да ги земеме истовремено? Тоа дефинитивно е можност што не смее да се пропушти!
Нашата цел за денес е едноставна -да поминеме колку што е можно повеќе време во супер-спортските автомобили на германскиот бренд и себично да уживаме во искуствата и сензациите кои можат да ги понудат. Пред нас се неколку автомобили на Porsche, но на самиот почеток ќе им посветиме внимание колективно на Boxster S, Cayman GTS и ултимативниот 911 – монструозниот 911 Turbo S!
Заедно имаат вкупно 1215 коњски сили, а доколку ги раздвоиме, Boxster S има 315, Cayman GTS има 340 а врвниот 911 има 560 коњски сили! Ќе бидам резервиран и ќе кажам само – ова ќе биде интересно!
Седнувам зад воланиот на малиот роудстер на Porsche. Boxster е еден од оние автомобили што или го сакате, или го мразите – пуристите обично имаат „нешто против“ малиот Boxster но јас едноставно не разбирам зошто. Најдобриот начин да го опишете Boxster е да кажете – 911 Cabrio, само малку помало. Седечката позиција е одлична, прегледноста е релативно задоволителна, простор има доволно – а со отворен кров неограничено. Се местам во возачкото седиште, го префрлам автоматскиот PDK менувач во режим за возење и почнувам да се движам.
Сензациите се веднаш спортски, но целата атмосфера е дополнително засилена благодарение на сонцето што ме грее. Можам да се замислам како возам по француската ривиера во Boxster S. Звукот кој доаѓа од задниот дел е примамлив, но изнудува вистински емоции кога целиот автомобил ќе го префрлите во Sport+ режим на работа – тогаш веќе вистински го чисти грлото на секое притискање на педалата за гас.
Бенчмаркот од 100 километри на час се постигнува за рамно 5 секунди, благодарение на 3.4-литарскиот боксер со 315 коњски сили и 360 Nm а максималната брзина е 277 километри на час. Вреди да се проба да се достигне и со отворен кров, но сепак авантурите за екстремно-високи брзини ќе ги задржиме за Turbo S. Доволно е само да кажеме дека Boxster S е одличен вовед во Porsche и дека малиот роадстер ги задоволува сите потреби кои некој некогаш би можел да ги има.
Освен ако една од потребите е излегување на тркачката патека во тврдокорен тркач – тука веќе зборуваме за Cayman GTS. Малиот Cayman GTS е најгласниот меѓу достапните модели. Истиот боксер мотор тука испорачува 340 коњски сили и 380 Nm вртежен момент, но забрзувањето „до стотка“ се скратува на 4.8 секунди а целиот автомобил е потврд, пореспонзивен, погласен и едноставно кажано – позабавен!
Стиснете ја педалата за гас во Sport + режим на работа и ќе добиете звук кој звучи како пукотници од холивудски филм. Атмосферскиот мотор реагира инстантно а самата реакција е моќна и нервозна – максималната моќност Cayman GTS ја постигнува на високи 7400 вртежи во минута!
Зад воланот е слично како во Boxster S, со таа разлика што тука има цврст кров и суспензијата е забележливо потврда. Излегуваме на пат и Cayman GTS веднаш го најавува својот спортски карактер – автомобилот директно ја пренесува секоја нерамнина на патот – колку и да е мала. Забележувам дека сум заборавил да го исклучам Sport+ режимот, па суспензијата е навистина тврда.
Го деактивирам Sport+ режимот и автомобилот станува подоцилен и порелаксиран, но во ниту еден момент не го заборавате неговиот спортски карактер, а звукот кој го придружува возењето е сèприсутен и доминантен. Навистина не би ми било тешко секојдневно да живеам со Cayman GTS.
Конечно, еве го и големиот 911 Turbo S. Ајде на самиот почеток да нафрлиме неколку бројки. Под поклопецот се крие 3.8-литарски боксер мотор со шест цилиндри на кој „дишат“ два турбополначи. Резултат на оваа комбинација се 560 коњски сили и 700 (односно 750 во overboost) Nm вртежен момент. Земете воздух и кажете го тоа гласно – пет стотини и шеесет коњски сили! Преведено во перформанси, тоа значи 100 километри на час за 3.1 секунда и максимална брзина од 318 километри на час!
Еднаш веќе пишував за моето прво искуство со Porsche 911. Тогаш останав импресиониран од перформансите, а во тој случај го возев „основното“ 911. Ова е врвот. Porsche 911 Turbo S. Кралот. Мора да му се пристапи со должна почит и мала резерва на страв. Ова е автомобил со перформанси од кои не застанува здивот – бидејќи едноставно немате време да земете воздух. Во ред – седнувам зад воланот, го стартувам моторот и се подготвувам да тргнам.
Нечујно го замолувам 911 Turbo S да биде добар со мене. Да не дозволи да се посрамотам. Тргнуваме и стартот е лесен, како позади мене да не се крие своевидна бомба. Морам да го пробам Launch Control системот за лансирање – морам да ги почувствувам тие перформанси.
Застанувам на доволно долг правец, погледнувам наоколу и гледам дека нема други автомобили. Го ставам автомобилот во Sport+ режим на работа, цврсто ја притискам педалата за сопирачките и истовремено ја притискам педалата за гас. Вртежите се качуваат и се чувствува дека Turbo S сака да тргне. Автомобилот ми кажува дека Launch Control режимот е активен и автомобилот е подготвен за лансирање. Цврсто го држам управувачот и со едно рамно движење го тргам левото стапало од педалата за сопирачки..
Она што се случува во овој момент е тешко да го опишам без да искористам вулгарности – но имајте малку трпение. По иницијалниот шок дека јас седам зад воланот на 911 Turbo S со активиран Launch Control, светот почнува навистина многу брзо да поминува покрај мене. Ветробранското стакло како да се замотува околу моето лице а бенчмаркот од 100 километри е толку брзо надминат што како воопшто и да не постоел – всушност, да кажеме вака – за времето на кое на еден просечен автомобил му е потребно да достигне 100 километри на час, 911 Turbo S веќе постигнал (и надминал) 200 километри на час. Забрзувањето е агресивно, линеарно и непрекинато, а адреналинската реакција создава зависност. Би го направил ова уште стотици пати. Секој ден.
На крајот, ги наредивме автомобилите еден до друг, како боите на германското знаме. Мотивацијата позади ова е да оддадеме почит кон инженерите на Porsche кои толку неуморно работеле да ни ги дадат овие автомобили и да ни овозможат да уживаме во нив. Ова се автомобили кои никого нема да го остават рамнодушен – сето ова се случи пред неколку дена а мене сè уште срцето забрзано ми чука, а секоја вечер сонувам за уште еден брз старт во Porsche 911 Turbo S!
Германци, ви благодариме!
Фотографија: Дејан Маликовски