ТЕСТ: Škoda Fabia 1.2 TSI Style – Разумен, но забавен избор! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Fabia 1.2 TSI Style – Разумен, но забавен избор!

Новата Škoda Fabia треба да наследи успешен и докажан модел, а покрај практичноста и рационалноста, сега треба да понуди и привлечен дизајн. Дали новата Fabia ќе успее во сето тоа?

Ова е третата генерација на Škoda Fabia. Минатата генерација беше на пазарот 7 години и успеа да привлече стотици илјади купувачи кои беа привлечени од интересниот дизајн, но уште поважно – од практичноста која Škoda ја поставува на првото место. Всушност, од своето појавување во сега веќе далечната 1999-та година, Fabia нуди порационална алтернатива на етаблираните компактни хечбекови. Еве не сега, нешто повеќе од 15 години подоцна со третата генерација пред нас – и останува да видиме дали Fabia ќе продолжи да биде изборот наменет за рационалните купувачи кои се подготвени да погледнат малку подалеку од значката.

skoda-fabia-rear

Првото кое паѓа во очи е дизајнот – да, моделите на Škoda се малку поконзервативни во однос на другите брендови во Volkswagen групацијата, но нашиот тестен модел изгледа несекојдневно и свежо. Забележливата комбинација на сината боја со белиот кров и белите фелни му дава на автомобилот изглед кој не само што не сме навикнати да го очекуваме кај Fabia, туку кај било кој модел од оваа класа.

Да, последниве години персонализацијата на автомобилите зема голем замав и е моќен маркетингшки потег, но убаво е да се види дека и еден автомобил кој првенствено се наметнува како разумен избор може да биде несекојдневен, невообичаен и привлечен. Всушност, интересна беше реакцијата на случајните минувачи по улиците – луѓето заинтересирано и насмеано гледаа кон малата Fabia, и неколку пати добивме коментар дека автомобилот изгледа различно и младешки!

skoda-fabia-frontside2

Интересна беше реакцијата на случајните минувачи – добивме коментар дека автомобилот изгледа различно и младешки!

Линиите се чисти а рабовите остри – и да, како и секој дизајн, и дизајнот на Fabia нема да биде по сечиј вкус, но нам ни се допадна убавината која доаѓа со едноставноста. Бидете похрабри со изборот (и комбинирањето) на боите и ќе добиете автомобил кој изгледа привлечно на улиците но истовремено нуди и доза на спортски карактер. Особено ни се допаднаа задните светлосни групи кои иако го следат трендот на Škoda, сепак изгледаат доволно уникатно и благодарение на затементите детали, несекојдневно.

Поврзано:  Skoda покажа блиндирана верзија на оригиналниот Kodiaq

skoda-fabia-interior1

Во ентериерот е токму онака како што и очекувавме – контролите се логично и јасно распоредени, и ако сте поминале повеќе од 10 минути во било кој автомобил на Volkswagen групацијата, веднаш лесно ќе се снајдете и ќе се чувствувате како дома. Ќе забележиме дека некои површини се покриени со цврсти (но не груби) пластики, но главните контроли со кои ќе имате највеќе контакт се пријатни на допир.

Амбиентот го подигнува централното парче пластика кое може да биде комбинирано со некоја од боите на екстериерот, а нам особено ни се допадна големиот 6.5-инчен мултимедијален уред чувствителен на допир преку кој се контролираат многу од функциите во автомобилот, а истовремено нуди и MirrorLink технологија за поврзување со мобилен телефон, како и можност за BlueTooth поврзување.

skoda-fabia-interior2

Еден детал кој го забележавме како непрактичен е системот за стартување на копче – иако стартувањето на копче е интересна работа, за да ги отклучите вратите сепак морате да го извадите класичниот преклоплив клуч од џеб – кој потоа барате каде да го ставите кога ќе седнете во автомобилот. По ден-два се навикнавме на овој систем, но првите неколку пати влегувањето во автомобилот и трагањето по непостоечка брава беше малку комично.

Одлично-профилираните седишта нудат исклучителна поддршка и мораме да ги препорачаме.

Од другата страна мораме да ги истакнеме и пофалиме комфорните спортски-профилирани седишта со касети за одлагање ситници под нив. Одлично профилираните седишта нудат исклучителен комфор и странична поддршка, па едноставно мораме да препорачаме да ги нарачате и вие во вашата Fabia. На задната клупа има место за двајца патници, по потреба можеби и за тројца, но не би го препорачале тоа на подолги релации.

skoda-fabia-rearseats-trunk

На располагање на патниците им стојат 330 литри багажен простор во широкиот багажник кој е со релативно низок раб, па внесувањето и изнесувањето багаж е лесно. Со спуштени задни седишта багажниот простор расте на 1150 литри – но за жал со спуштените задни седишта не се добива целосно рамно дно.

1.2-литарскиот TSI бензинец е нашиот избор – нуди оптимален компромис меѓу економичност и перформанси.

Опремена со 1.2-литарски TSI бензински мотор со 90 коњски сили, Fabia има повеќе од адекватни перформанси. Во понудата можат да се најдат и други бензински и дизел мотори, вклучувајќи го и 1-литарскиот атмосферски бензинец со 60, односно 75 коњски сили кој се вградува и во Volkswagen Up и Polo. Сепак, нашиот избор би бил токму овој TSI бензинец кој нуди оптимален компромис меѓу економичност и перформанси. Како што веќе напоменавме, на располагање имате 90 коњски сили од 4400 вртежи во минута и 160 Nm вртежен момент од 1400 вртежи во минута.

Поврзано:  Спортска елеганција - новиот Skoda Superb добива Sportline пакет

skoda-fabia-rearside

Преведено во перформанси, тоа значи сосема задоволителни 10.9 секунди „до стотка“ и максимална брзина од 182 километри на час. Благодарение на одличниот вртежен момент, моторот лесно се движи низ градскиот метеж, а ние измеривме просечна потрошувачка од 7.8 литри на 100 километри во градски услови – која сме сигурни дека дополнително ќе се намали кога ќе се разработи моторот – ние го земавме тестниот автомобил со поминати само 300 километри! Менувачот е мануелен со 5 степени на пренос, а неговото користење е вистинско уживање – движењето на рачката на менувачот е исклучително прецизно!

skoda-fabia-frontside

Fabia компетентно се снаоѓа во градскиот метеж. Благодарение на правилната форма и големите стаклени површини, маневрирањето е лесно а прегледноста е меѓу најдобрите во класата. Суспензијата лесно „ги пегла“ нерамнините и покрај релативно големите 16-инчни фелни. На отворен пат се забележува малку повеќе бучавост во кабината, но ништо повеќе од она што веќе го очекуваме во оваа класа. Управувањето е директно и неутрално но со скоро никакви повратни информации од управувачот, а суспензијата е релативно мека со умерено навалување во свиоци. Сепак, Fabia никогаш не била замислена да биде спортски хечбек, туку повеќе внимание е обрнато на комфорот во патувањето.

Fabia освои 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата за безбедност!

Секако, комфорот се должи и на седиштата за кои веќе зборувавме, но и богатата опрема на тестниот автомобил – управувачот и менувачот обложени со кожа се дополнети со еднозонски клима уред, USB приклучок, електрично придвижување на сите прозорци, самозатемнувачки внатрешен ретровизор, електрични надворешни ретровизори со загревање, централен наслонувач, старт-стоп систем и уште многу, многу други детали кои ја комплетираат сликата.

Поврзано:  Новиот Škoda Superb пристигна во Македонија!

Тука се и многуте воздушни перници и безбедносни системи кои се грижат за активната и пасивната безбедност – всушност, Fabia освои 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата и доби посебно признание за Škoda Multi Collision Brake системот кој во случај на сообраќајна несреќа ги активира кочниците за да спречи понатамошни незгоди.

skoda-fabia-euroncap

Škoda повторно нуди автомобил кој е наменет за оние кои кон работите пристапуваат рационално, но овој пат оди чекор понатаму да ги привлече и оние кои размислуваат и со срцето.

Конечната пресуда е дека Fabia е мошне значаен и компетентен додаток во класата. Благодарение на свежиот дизајн, можностите за персонализација и многуте различни мотори, сигурни сме дека скоро секој ќе може лесно да ја добие „својата“ Fabia. Кога на сето тоа ќе ја додадеме богатата опрема и врвната практичност и безбедност, се наметнува заклучокот дека Škoda повторно нуди автомобил кој е наменет за оние кои кон работите пристапуваат рационално, но овој пат оди чекор понатаму да ги привлече и оние кои размислуваат и со срцето.

  • 1.2-литарски турбо-бензински мотор
  • Моќност: 90 коњски сили / 4400 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 160 Nm / 1400 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 182 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.9 секунди
  • Должина: 3992 mm
  • Ширина: 1732 mm (1958 со странични ретровизори)
  • Висина: 1467 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2470 mm
  • Багажен простор: 330 литри
  • Потрошувачка: 7.8 литри на 100 километри (измерена, градска); 6.0 литри на 100 км (официјална, градска)
  • Цена на моделот без дополнителна опрема: Skoda Fabia 1.2 TSI 90 Style – 12.550 Евра
  • Дополнителна опрема: Color Concept, спортски предни седишта, 6.5“ Bolero радио со MirrorLink, алуминиумски фелни, темпомат, мултифункционален управувач, странични воздушни перничиња.
  • Цена на тестираниот модел: Skoda Fabia 1.2 TSI 90 Style – 14.355 Евра
    Повеќе информации: Skoda.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.