Mazda го освежи својот знаменосец, а ние поминавме неколку дена со новиот автомобил – па какви се подобрувањата со кои сега може да се пофали големата Mazda 6?
Сегментот во кој се натпреварува Mazda 6 е навистина компетитивен – конкуренцијата од германско потекло е навистина моќна, а тука се и конкурентите од далечниот исток кои веќе традиционално нудат висок квалитет по прифатливи цени. Кога на сето тоа ќе се додаде растечката популарност на кросоверите и SUV моделите, станува јасно дека за некој автомобил да биде успешен во сегментот на седани од средната класа треба навистина да ги елиминира сите недостатоци и да им понуди што е можно повеќе на своите купувачи.
Интересна е стратегијата на Mazda – наместо да го следи традиционалниот животен циклус на еден автомобил, и да понуди само еден сериозен фејслифт – јапонскиот произвидител континуирано ги слуша своите купувачи за да ги идентификува работите кои предизвикуваат незадоволство кај нив и веќе од следната моделска година да понуди решение за овие забелешки. Затоа, само две години по иницијалното лансирање на пазарот Mazda 6 понуди дискретен, но значителен фејслифт на својот знаменосец.
Визуелно можеби и нема да приметите значителни разлики – суптилно редизајнирана предница со нови LED предни светла и LED дневни светла е најважната измена, но освен ако не ги ставите „стариот“ и новиот автомобил еден до друг, тешко дека ќе успеете „од прва“ да ги препознаете разликите.
Позначителните подобрувања се под површината – почнувајќи од ентериерот. Веќе го нема малиот мултимедијален уред, кој сега е заменет со поголемиот, 7-инчен уред преземен од Mazda 3. Мултимедијалниот уред со навигација може да се управува со допирање, или пак преку централниот контролен панел поставен меѓу двете предни седишта. Системот не е најинуитивниот уред кој сме го користеле, но по малку навикнување на интерфејсот веќе станува полесен за секојдневна интеракција.
Покрај освежената централна конзола, се забележува и значителниот чекор нагоре кога станува збор за квалитетот на материјалите кои се користени во ентериерот – доколку одберете кожа, и централниот дел меѓу седиштата е обвиен со истиот материјал, а се забележува и дека се користени материјали кои се поквалитетни на допир низ целата кабина. Дополнително, додадена е звучна изолација, па според Mazda амбиенталната бука во внатрешноста е намалена за 2.4 децибели, иако на задните седишта сè уште се слуша бучава од страничните ретровизори. Нова е и електронската рачна кочница која станува очекувана опрема кај автомобили од оваа категорија.
Интересен додаток во ентериерот е новиот Head-Up Display (HUD) кој на мал транспарентен панел поставен врз инструментите пред возачот прикажува основни информации- како што се брзината на движење и активноста на системот за следење на коловозната лента. Ова му овозможува на возачот да има увид во овие информации без да го трга погледот од патот – корисно, практично и пред сè – безбедно!
Како и претходно, и сега остануваат пофалбите за управливоста и забавата зад воланот кои може да ги понуди Mazda 6. Сè уште би го избрале мануелниот пред автоматскиот менувач, но факт е дека управливоста и фидбекот кои ги нуди Mazda 6 се меѓу најдобрите во класата – ова е семеен автомобил за оние кои сакаат да се забавуваат зад воланот. Управувањето е прецизно и автомобилот послушно ги следи инструкциите кои доаѓаат од возачот. Стиснете ја педалата за гас до крајот, автоматскиот менувач подготвено ќе отиде степен-два надолу а вие ќе бидете пречекани со линеарно и моќно забрзување, па соодветно на тоа Mazda 6 се покажува како одличен сопатник и на пократки и на подолги патувања.
Секако, мораме пак да го пофалиме 2.2-литарскиот турбодизел со SKYACTIV-D технологија кој испорачува 175 коњски сили и 420 Nm вртежен момент – како и пред фејслифтот, забрзувањето до 100 километри на час трае нешто повеќе од 8 секунди, а максималната брзина е скоро 220 километри на час. Ние поминавме околу 500 километри во различни услови, како низ град, така и на отворен пат и забележавме потрошувачка чиј комбиниран просек изнесуваше околу 7.3 литри дизел на 100 изминати километри.
Несомнено, остануваат и пофалните зборови за комфорот кој го нуди Mazda 6 – иако поставен на 19-инчни тркала, нашиот тестен автомобил во ниту еден момент не беше некомфорен или непријатен. На патниците им остануваат на располагање 483 литри багажен простор – нешто помалку од она што го нудат конкурентите, но од другата страна кога ќе се спуштат задните седишта се добива целосно рамен под и багажен простор од дури 1632 литри!
Mazda ги послуша своите купувачи – освежената 6-ка е забележливо порафинирана. Доколку трепнете можеби ќе ги пропуштите визуелните измени, но ова останува еден од најпривлечните автомобили во класата, кој покрај одличниот дизајн може да се пофали и со одлична забава зад воланот. По сè изгледа – пристапот на јапонците кон редовните подобрувања се покажува како успешен!
- 2.2 – литарски турбо-дизел, 4 цилиндри
- Моќност: 175 коњски сили / 4500 вртежи во минута
- Вртежен момент: 420 Nm / 2000 вртежи во минута
- Максимална брзина: 216 км/час
- Забрзување 0-100: 8.4 секунди
- Должина: 4870 mm
- Ширина: 1840 mm
- Висина: 1450 mm
- Меѓуоскино растојание: 2830 mm
- Багажен простор: 483 литри
- Потрошувачка: 6 (официјална, градска), 7.3 (измерена, комбинирана)
- Цена на тестираниот модел: Mazda 6 2.2 CD 175 SKYACTIV-D Ultimate – 37.980 Евра
Повеќе информации: Mazda.mk
Фотографија: Дејан Маликовски