Можеби најинтересниот автомобил претставен во Женева е токму технолошкото чудо на Koenigsegg – новата Regera нема традиционален менувач и ветува перформанси од кои застанува здивот!
Regera е придвижувана од високо-технолошки хибриден погон, каде соработуваат традиционален V8 бензинец кој испорачува нетрадиционални 1100 коњски сили, како и три електромотори. По еден електромотор има на секое од задните тркала, и има уште еден дополнителен поставен на коленестата оска. Овие три електромотори вкупно испорачуваат 700 коњски сили (214 коњски сили испорачува помалиот, и всушност функционира како стартер за големиот V8, додека поголемите поставени на тркалата испорачуваат по 240 коњски сили), а системската моќност на Regera е 1500 коњски сили!
Сепак, најинтересниот новитет кај Regera е преносот кој се вика Koenigsegg Direct Drive. Новиот систем ги намалува загубите за околу 50%, а истовремено му овозможува на автомобилот да работи како автомобил со една брзина – моќта се пренесува директно кон задната оска. Финалниот однос на брзините е фиксен и има заклучувачка хидраулична спојка преку која се врши преносот.
Во однос на перформансите – се шират гласини дека Regera ќе може да постигне 400 километри на час за помалку од 20 секунди, но сега за сега нема објавено никакви официјални податоци. Koenigsegg планира да произведе само 80 примероци од Regera, а доколку вие сакате еден примерок да биде ваш, подгответе околу 1.9 милиони долари!