Гамата на новиот Passat продолжува да се дополнува – во понудата ќе се придружи и верзијата со дискретни теренски амбиции – моделот Alltrack!
Новиот Passat Alltrack ќе го препознаете по пластичните заштитни панели поставени околу автомобилот, како и 27.5 милиметри повисоката суспензија која му овозможува малку повеќе талент на патишта надвор од асфалтот. Секако, тука е и Haldex 4Motion системот за погон на сите четири тркала кој стандардно ќе биде дел од опремата на Alltrack.
Passat Alltrack ќе се нуди со два бензински и три дизел мотори. Доколку сакате бензинец, ќе можете да одбирате меѓу 1.4-литарскиот TSI со 150 коњски сили и 2-литарскио TSI со 220 коњски сили. Понудата на дизели ја сочинуваат три 2-литарски турбодизел мотори со 140, 190 или 240 коњски сили (последниот е истиот оној мотор кој ние го пробавме кога го тестиравме новиот Passat во седан изведба). Секако, ќе можете да одберете меѓу 6-степен мануелен или автоматски DSG менувач со двојна спојка.
Најмоќниот бензинец и најмоќниот турбодизел ќе ја добијат и XDS+ технологијата на Volkswagen која овозможува подобро управување преку минимално кочење на внатрешното тркало во свиоци. Сите модели ќе добијат и Off Road функција покрај постоечките Eco, Normal и Sport режими на возење. Премиерата е закажана за саемот на автомобили во Женева, а продажбата ќе започне на крајот на Септември.