Новата Opel Corsa OPC доаѓа со 207 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новата Opel Corsa OPC доаѓа со 207 коњски сили!

Популарната џебна ракета на Opel ја доби својата нова верзија – базирана на најновата генерација на Corsa, OPC верзијата сега има на располагање 207 коњски сили!

Под поклопецот на моторот се крие 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 207 коњски сили и 245 Nm вртежен момент – бројки благодарение на кои Corsa OPC забрзува до 100 километри на час за 6.8 секунди и постигнува максимална брзина од 230 километри на час.

Моторот ја пренесува силата кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач, а според Opel комбинираната потрошувачка изнесува 7.5 литри на 100 изминати километри. Corsa OPC доаѓа со спортски-поставена шасија со Frequency Selective Damping (FSD) технологија која им овозможува на амортизерите да се адаптираат на фреквенциите на автомобилот и со тоа да се постигне идеален баланс меѓу спортското возење и комфорот.

Corsa OPC добива и нови, поголеми кочници, а за оние кои сакаат вистинско спортско уживање тука е OPC Performance Package опцијата која додава и 18-инчни фелни обвиени во Michelin гуми, механичка блокада на диференцијалот, како и Brembo кочници со 330-милиметарски дискови на предните тркала.

OPC верзијата ќе ја препознаете по изменетите браници, задниот дифузер и задниот спојлер, големите тркала, како и задниот Remus издув. Во внатрешноста веднаш се забележуваат спортските седишта, OPC рачката на менувачот и педалите, како и OPC инструментите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.