Големите модели на Peugeot секогаш биле избор на оние кои сакаат малку да се издвојат од секојдневните автомобили и на кои комфорот им е на највисокото скалило – но дали големиот седан на францускиот производител го има она што е потребно да се бори со силната конкуренција?
Peugeot 508 не е нов автомобил – но сепак ова што е денес пред нас е прилично екстензивно освежување на моделот. Големиот седан кој за прв пат се појави пред неколку години имаше (и сè уште има) прилично тешка задача – да замени два модели во гамата на Peugeot. Соодветно на тоа, 508 е значително поголем од својот претходник, и кога за прв пат се појави нудеше технологии и решенија кои не бевме навикнати да ги очекуваме во оваа класа. Дизајнот не беше по сечиј вкус, но за среќа дизајнерите на Peugeot решија да ја напуштат „насмеаната“ дизајнерска насока и да го насочат дизајнот кон посериозни и повозрасни линии, кои подобро им прилегаат на сериозните купувачи кои брендот сака да ги освои.
Значи, уште на самиот почеток имаме храбар старт – освежениот 508 сега е дискретно подолг, има нова и самоуверена предна маска која најавува сериозност и зрелост, привлечни LED дневни светла и целосно редизајнирани браници. Измените на екстериерот се значителни, до тој степен што освежениот 508 (од напред) изгледа како целосно нов модел, а не само фејслифт. Ние го поздравуваме значителното редизајнирање – и всушност, 508 е еден од ретките автомобили каде фејслифтираниот модел ни се допаѓа повеќе од оригиналниот.
Од страна продолжува веќе-познатиот дизајн, но со понагласена карактерна линија која на автомобилот му дава доза на рафинираност и смелост. Би сакале барем еден број поголеми тркала, бидејќи 16-инчните фелни кои ги носеше нашиот тестен модел иако изгледаат модерно, делуваат некако незабележителни во однос на големиот седан. Привлечни се и измените на задниот дел, особено на задните светлосни групи – нивната форма не е многу изменета, но нивната графика е значително освежена па сега светлата имаат забележливо повеќе длабочина, односно изгледаат значително по-тродимензионално од порано. Одлична работа на дизајнерите на Peugeot!
Во кабината нè пречекуваат прилично јасно и прегледно поставени командна табла и централна конзола. Некакви значителни измени во изгледот на инструментите нема, освен заменетите ЛЕД сијалички кои веќе не се портокалови туку бели, а тоа одлично му прилега на ваков седан и неговите амбиции. Она што веднаш се забележува е дека инженерите на Peugeot посветиле малку повеќе внимание на материјалите кои се користени во ентериерот, па сега скоро сите површини се обложени со поквалитетни материјали и соодветно на тоа се значително попријатни на допир. Изменетите материјали го подигнуваат чувството во ентериерот на повисоко ниво и секако е за поздрав. Сигурни сме дека кај највисоките нивоа на опременост материјалите се уште подобри.
Ни се допадна и опременоста на нашиот тестен модел – покрај двозонскиот клима уред, ни се допаднаа и сензорите за паркирање, одличниот мултимедијален уред чувствителен на допир со можност за Bluetooth поврзување, менувачот и управувачот обложени со кожа, лумбарна поддршка во возачкото седиште, сензори за дожд и светлина, монохроматски внатрешен ретровизор со автоматско затемнување, дневните светла со ЛЕД технологија и другите ситници кои навистина многу значат и ја комплетираат сликата за еден опремен автомобил.
Она што не ни се допадна е малку повисоката седечка позиција. Би сакале седиштата да одеа надолу барем уште малку. Сепак, благодарение на повисокото седење прегледноста е на задоволително ниво, иако (како и кај сите други седани) ќе препорачаме вашиот 508 да го нарачате со сензори за паркирање – ова е голем автомобил! Ќе забележиме малку и на цврстината на седиштата – ова е голем француски седан, очекувавме за нијанса помеки седишта.
Од друга страна, ниту на возачот и совозачот, ниту пак на патниците нема да им недостасува простор. Возачот и совозачот имаат на располагање многу простор на предните седишта, а патниците на задната клупа ќе се чувствуваат како да се во автомобил кој припаѓа една класа погоре. Нискиот централен тунел и широката задна клупа без проблем ќе овозможат позади да седат и тројца патници во комфор, без притоа да им биде тесно.
На располагање стојат 473 литри багажен простор – што е во рамките на просекот во класата. За оние на кои им е потребно повеќе багажен простор, тука е и одличниот караван, кој (барем според нас) изгледа уште подобро и поубедливо од седанот. Исто како и кај моделот пред фејслифтот, не ни се допадна неправилниот отвор на багажниот простор кој малку ќе го отежне товарењето и пренесувањето поголеми предмети – но повторно, за оние на кои им е потребно повеќе простор и полесно товарење – тука е караванот.
На пат, Peugeot 508 се однесува токму онака како што би очекувале голем француски седан да се однесува – зборот на денот е комфор. 508 лесно поминува над нерамнините и неправилностите кои се дел од секојдневнието на нашите улици – во кабината е тивко и мирно без многу пренесени вибрации и бучава. Секако, тука улога играат и 16-инчните фелни обвиени во високопрофилни пневматици, но сигурни сме дека и со број-два поголеми тркала комфорот нема да биде значително нарушен.
Управувањето е директно, но не би можеле да го наречеме спортско – сепак и тука главното внимание е посветено на комфорот при возењето. Управувачот е директен, но нема скоро никакви пренесени информации од подлогата, иако 508 сосема добро се снајде кога го вперивме кон свиоци и од него побаравме малку поентузијастички перформанси. Кога ќе ги надминете границите на 508, тогаш она што се нуди на менито е подуправување, но сепак тоа е и очекувано со оглед на класата на автомобилот и неговите димензии. Малку ќе забележиме на непрецизниот менувач, но по неколку дена поминати со 508 се навикнавме на него, па и не ни пречеше толку. Маневрирањето низ град е лесно, а возењето на отворен пат е лесно и комфорно – а можеме да ја пофалиме и подобрената звучна изолација. Сè на сè – 508 е токму она што го очекувавме – голем крстосувач чија задача е да ви овозможи лесно и безгрижно да поминете многу километри.
За време на нашето тестирање, одлично се покажа 2-литарскиот HDi турбодизел кој испорачува 163 коњски сили при 3750 вртежи и одлични 340 Nm вртежен момент од 2000 вртежи во минута. Со овој мотор 508 се движи лесно и тој одлично и прилега на лимузината и нејзиниот карактер. Ние би отишле еден чекор понатаму и би го нарачале со автоматски менувач, за навистина да се добие чувството на комфорен крстосувач. Моторот ветува забрзување до 100 километри на час за 9.6 секунди и максимална брзина од 225 километри на час – сосема доволни перформанси за класата. Официјалните бројки зборуваат за комбинирана потрошувачка од 4.6 литри на 100 километри, а ние измеривме комбинирана потрошувачка од околу 6.2 литри на 100 километри, односно околу 7.2 литри во градски услови на експлоатација.
Мораме да посветиме малку внимание и на безбедноста – 508 нуди ABS сопирачки, систем за контрола на тракцијата, систем за стабилност, систем за дистрибуција на силата на кочење, грст воздушни перници и завеси, и уште многу повеќе. Всушност, за безбедниоста на 508 зборуваат и 5-те ѕвездички кои 508 ги освои на EuroNCAP тестирањето за безбедност направено уште кога се појави моделот во 2011-тата година.
Французите се впуштаат храбро во борба со сериозната конкуренција, која освен од Германија, сега доаѓа и од далечниот исток. Во услови на ваква конкуренција, секој автомобил во класата мора да понуди одлична комбинација од комфор, опрема и перформанси – и токму тоа го нуди големиот француски седан. Да, ова не е нов модел, но измените добиени со освежувањето се доволно значителни за да оправдаат да го земете во предвид кога ќе го бирате вашиот нов автомобил – новиот и сериозен изглед, штедливите мотори и францускиот карактер го прават 508 несекојдневен, но оправдан избор за оние кои сакаат малку да се издвојат од толпата. Како и секој автомобил,и 508 има свои недостатоци, но бидете подготвени да погледнете малку зад нив и ќе добиете автомобил кој ќе ги надмине вашите очекувања.
- 2-литарски турбо-дизелски мотор, 4 цилиндри
- Моќност: 163 коњски сили / 3750 вртежи во минута
- Вртежен момент: 340 Nm / 2000 вртежи во минута
- Максимална брзина: 225 км/час
- Забрзување 0-100: 9.6 секунди
- Должина: 4830 mm
- Ширина: 2068 mm (со ретровизори)
- Висина: 1456 mm
- Меѓуоскино растојание: 2817 mm
- Багажен простор: 473 литри
- Потрошувачка: 5.6 (официјална, градска), 7.2 (измерена, градска), 6.2 (измерена, комбинирана)
- Цена на тестираниот модел: Peugeot 508 2.0 HDI Active – 27.180 евра
- Повеќе информации: Peugeot.mk
Фотографија: Дејан Маликовски