Претставен новиот Audi Q7, моделот „ослабе“ цели 325 килограми, ќе се нуди дизел-хибридна верзија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Претставен новиот Audi Q7, моделот „ослабе“ цели 325 килограми, ќе се нуди дизел-хибридна верзија!

Новиот Q7 на Audi вчера ја доживеа својата премиера и носи многу новитети и технологии, но меѓу најважните подобрувања е намалувањето на тежината за цели 325 килограми!

Според инженерите од Audi, 71 килограм се заштедени од каросеријата, а околу 100 килограми се заштедени од шасијата. Новиот модел е 37 милиметри пократок од претходниот и сега е 5050 милиметри долг, 1970 милиметри широк (без ретровизорите) и 1740 милиметри висок, а меѓуоскиното растојание е 2990 милиметри. Сепак, луѓето од Audi тврдат дека кабинат е подолгаи нуди повеќе простор за луѓето во автомобилот – и сега има цели 21 милиметар повеќе простор меѓу првиот и втор ред седишта. Q7 ќе се нуди со три реда седишта. Доколку се користат седум седишта, на располагање стојат 290 литри багажен простор, но доколку се користат само пет, тогаш на располагање стојат цели 890 литри простор. Доколку се преклопат двата реда седишта наменети за патници, тогаш на возачот и совозачот им стојат на располагање цели 2075 литри багажен простор.

Надворешно, нема преголеми изненадувања – новиот Q7 е дизајниран во согласност со тековниот дизајнерски јазик на Audi. Задниот дел малку наликува на A6 Avant, додека предниот дел изгледа масивно, но повозрдржано во однос на претходникот. Веќе ги нема мазните и меки линии – сега се заменети со чисти и остри линии и јасно-изразени агли.

Како што и можевме да очекуваме од Audi, на ентериерот му е посветено многу внимание. Купувачите ќе можат да нарачаат 12.3-инчен TFT екран наместо инструментите пред возачот – како и кај Audi TT. Се гледа дека е поработено и на ергономијата и намалување на бројата на прекинувачи со цел да се поедностави управувањето со сета техологија во автомобилот.

Во Европа, Q7 ќе биде лансиран со два V6 мотори. Првиот е 3-литарскиот TDI кој испорачува 272 коњски сили и 600 Nm вртежен момент, благодарение на кој големиот SUV постигнува 100 километри на час за 6.3 секунди. Вториот е 3-литарски компресорски бензинец кој има на располагање 333 коњски сили и 440 Nm вртежен момент, и со овој мотор „стотка“ пристигнува за 6.1 секунда. Обата  модели се врзани со 8-степен автоматски менувач.

Поврзано:  Audi тестира во Македонија, дали го уловивме новиот RS 5?

Од следната година во понудата ќе се најде и plug-in хибрид кој ќе се вика Q7 E-Tron. Овој модел ќе ги комбинира 3-литарскиот турбодизел V6 со електромотор кој ќе биде интегриран во 8-степениот менувач. Комбинирано, на располагање ќе бидат 373 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. Овој модел ќе може да помине до 56 километри во електричен режим. Забрзувањето до 100 километри на час ќе трае 6.1 секунда а максималната брзина ќе биде 225 километри на час. Кога ќе ги користи двата извори на енергија, овој мотор ќе троши само 1.7 литар дизел гориво на 100 километри.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.